• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Улогата на туморските маркери во раното откривање и следење на рак на јајчник Печати

Ракот на јајчникот претставува голем предизвик за лекарите. Тој учествува со 5% од сите малигни тумори кај жената и со 23% од сите гинеколошки малигноми. Скоро 50% од сите смртни случаи од гинеколошки карциноми кај жените, се последица на ракот на јајчникот. Најчесто се јавува по 45 – тата година од животот, но со напредување на возраста расте и неговата честота.

Не постои сигурна дијагностичка метода за рано откривање на ракот на јајчникот. Имунолошката дијагностика со помош на серумски маркери за раниот рак на јајчникот не е во целост проценета.

Туморски маркери за рак на јајник

Со откривањето на CA-125 серумскиот тумор маркер за јајникот се поверувало дека најпосле е пронајдена сигурна метода за рано откривање на ракот на јајчникот. Но, за жал, до денес не е позната корисна сигурна скрининг метода за раниот рак на јајчникот, која би ја намалила смртноста од оваа болест.

CA-125 (серумски маркер за епителните тумори на јајчникот)

Спроведени се голем број на истражувања за утврдување на значењето на нивото на CA-125 во раната дијагностика на ракот на јајчникот, како и за значењето на нивото на CA-125 во следењето на болните за време на лекувањето и по завршената терапија.

Нормална концентрација на CA-125 во серумот е до 35 U/ml. Но, покачените вредности на CA-125 не се специфични само за епителниот рак на јајчникот, туку тие може да се јават и при други патолошки состојби.

Обидите да се спроведе скрининг за рано откривање на ракот на јајчникот со помош на CA-125, за жал, пропаднале. Кај жените помлади од 45 години, зголемените вредности на CA-125, во повеќе од 90% од случаите се последица на други патолошки состојби и немаат големо дијагностичко значење во откривањето на ракот на јајчникот. Према една клиничка студија, во група од 22 000 жени, само 16 % од нив, во постменопауза, имале зголемени вредности на CA-125, а од нив само 6% имале рак на јајчник (или 0,0022 % од сите испитаници).

Многу различни студии покажале дека CA-125 нема значење во скрининг програмите за рано откривање на ракот на јајчникот, токму поради ниската специфичност и осетливост на овој маркер. Помалку од 50 % од жените заболени од I стадиум на рак на јајчникот (рана болест) имаат зголемени вредности на туморскиот маркер CA-125 во крвта. Скрининг програмите при кои, покрај серумскиот CA-125 се спороведувале и ехотомографски преглед и гинеколошки преглед, исто така не се покажале како ефикасни за рано откривање на ракот на јајчникот.

Но, иако CA-125 не се покажал како ефикасен скрининг тест за ракот на јајчникот, тој е значително покачен кај повеќето заболени од напреднат рак на јајчникот. Овој антиген е присутен кај 80% од случаите на напреднат немуцинозен карцином на јајчникот.

Вредностите на CA-125 во крвта имаат големо значење во пратењето (следењето) на болните, како за време на терапијата, така и по нејзиното завршување.

CA 125 првенствено се користи за донесување на одлука за начинот на лекувањето на ракот на јајчникот, за пратење на терапискиот успех, како и за контрола на болеста, по нејзиното излекување. Неговото зголемување во крвта кај лица со рак на јајчник, често го прати клиничкиот тек на болеста.

Но, ако по спроведената терапија за рак на јајчник, вредностите на CA-125 маркерот се намалат до нормални вредности (под 35 U/ml), тоа не значи дека дошло и до целосно излекување на ракот. Околу 50% од лекуваните пациентки со рак на јајчник со нормални вредности на CA-125 најверојатно имаат резидуална (заостаната) болест. Вредностите на CA-125 воглавно не се зголемени ако е резидуалниот (заостанатиот) тумор помал од 2 cm, но и кај 30% од пациентите со заостанат тумор поголем од 2 cm, може да постојат нормални вредности на CA-125 во крвта.

И покрај сето ова, CA-125 маркерот сепак има значење во прогнозата на болеста. Ако по успешен хируршки зафат и спроведени 3 циклуси на постоперативна хемотерапија, туморскиот маркер CA-125 достигне нормални граници во крвта, пациентките имат многу поголеми шанси за преживување во споредба со оние кај кои доаѓа до побавно паѓање на вредностите на CA-125.

CA-125 има големо значење во следењето на лекуваните пациентки од рак на јајчник. Редовните контроли на 3 месеци по завршената терапија, задолжително го вклучуваат и мерењето на нивото на CA-125 маркерот во крвта.

Иако повеќе се очекувало од CA-125 туморскиот маркер, сепак тој е важен маркер во:

  • откривањето на напреднатиот епителен рак на јајчникот,
  • пратењето на ефектот т.е. успешноста на применетата терапија,
  • предвидувањето на севкупното преживување на пациентите.

CA 125 е сепак доволно сигурен показател за ефикасноста на терапија. Тоа значи дека нивото на CA 125 соодветствува со одговорот од терапијата. Доколку нивото на CA 125 во крвта опаѓа за време на терапијата, тоа значи дека таа е ефикасна и дала добар тераписки одговор.

Но, повторно треба да нагласиме дека овој маркер не е специфичен само за ракот на јајчникот, ниту пак е 100% сензитивен. CA 125 е покачен и при други малигни болести, како при: карцином на ендометриум, на панкреас, на дојка, на бели дробови и на дебело црево. Може да биде покачен и при некои немалигни заболувања како: еднометриоза, и други бенигни гинеколошки болести, како и за време на менструација и за време на бременост.

Поради ниската честота на јавување на ракот на јајчникот, овој маркер не е погоден како скрининг тест кај здравите лица.

Состојби при кои може да биде покачен CA 125 маркерот

Гинекологија Други патолошки состојби
World data
Бенигни цисти Хепатит
Ендометриоза Цироза на црн дроб
Воспаление во пределот на карлицата Дијабет (шеќерна болест)
Меструација Пневмонија (воспаление на бели дробови)
Meigs–ов синдром Перикардит (воспаление на срцевата обвивка)
Миоми Мезотелиом
Хиперстимулација на јајчникот Немалиген асцит и др.
Аденомиоза

CA 19-9 туморски маркер

CA 19-9 е туморски маркер (антиген) чии вредности се зголемени кај околу 25% од пациентките со рак на јајчникот. Нормалните лабораториски вредности на овој туморски маркер во серумот се до 25 U/ml.

CA 19-9 е специфичен туморски маркер за музинозните карциноми на јајчникот, но неговите вредности се зголемени и кај туморите на дигестивниот тракт. Често кај епителниот рак на јајникот, покачените вредности на CA 19-9 одат заедно и со покачените вредности на CA-125 маркерот.

CA 19-9 маркерот има голема улога во дифенцијалната дијагноза на ракот на јајчникот. Овој крвен тест нема голема сензитивност и специфичност и нема некое поголемо дијагностичко значење во однос на CA-125.

CA 15-3 туморски маркер

CA 15-3 е туморски маркер (антиген) кој е специфичен за ракот на дојката. Меѓутоа, како и останатите туморски меркери, и CA 15-3 маркерот може да биде покачен и при голем број на патолошки сосотојби во абдоменот, како и кај пациенти со рак на белите дробови.

Според тоа ниту овој маркер не е специфичен и сензитивен за ракот на јајчникот.

Нормалните вредности на CA 15-3 маркерот во серумот се до 30 U/ml.

Алфа-фетопротеин (AFP)

AFP е протеин кои нормално се наоѓа во феталната крв, а го произведува црниот дроб, жолчната кеса и ситемот за варење. Пикот на концентрацијата на AFP достига 3 mg/ml во 12- тата недела од бременоста. По раѓањето, нивото на AFP нагло опаѓа, па во крвта на здрав човек се наоѓа скоро во немерливи концентрации, помали од 20 ng/ml, освен за време на бременоста.

Зголемените вредности на AFP ги пратат туморите на јајчникот (ембрионални тумори), но тие може да се јават и при други малигноми, како и при некои други патолошки состојби (хепатит, цироза, бременост).

Според тоа, ниту овој крвен тест не е строго специфичен за ракот на јајчникот.

Нормалните вредности на AFP кај здравата попилација се движат од 0 до 6.2 ng/mL. 99% од здравите испитаници имаат вредности на AFP пониски од 8,6 ng/mL.

HCG (хуман хорионски гонадотропин)

Хуманиот хорионски гонадотропин е хормон на бременоста. HCG нормално го произведува постелката (плацента) во текот на бременоста. Бидејќи неговата вредност расте рано во првото тромесечие на бременоста, HCG се користи како показател за бременост (како тест за бременост).

Кај здравите жени кои не се бремени, вредностите на овој хормон се негативни.

Но, HCG го произведуваат и некои тумори на јајникот, кои посебно се јавуваат кај младите жени. Овие тумори се многу ретки, но повеќете се исклучително агресивни. Така, зголемени вредности на HCG маркерот во крвта може да се најдат кај пациенти со хориокарцином, дисгерминот и ембрионален карцином на јајчникот. Важен е во дијагностиката, а посебно е важен за пратењето на болеста и проценката на прогнозата кај овие ретки видови на рак на јајчник.

Неговата најважна примена е во дијагозата на гестациската трофобластна болест (mola hydatidosa, mola invasiva, koriokarcinom), како и кај ембрионалните тумори на јајчникот. Нивото на HCG е поврзано со големината на тумоската маса, па затоа има и прогностичка важност.

HCG посебно осетлив и покачен и кај жени со многу мал тумор. Во текот на лекувањето на гестациската трофобластна болест, HCG се мери секоја недела, па по завржувањето на лекувањето се советува доживотно контролирање.

Повремено HCG може да биде покачен и кај карциномот на дојката, на белите дробови, на тестисот, на црниот дроб, и кај карциномите на органите од дигестивниот систем.

Маркери за ретките тумори на јајчникот

Маркери Ретки тумори на јајчник
World data
Естрогени Гранилоза стромални тумори
Андрогени Гранилоза стромални тумори
Тестостерон Андробластом
Алфафетопротеин (AFP) Ембрионален карцином
Ендодермален синус тумор

Одредувањето на туморските маркери е обавезен дел од дијагнозата на болеста, но и обавезен тест во текот на лекувањето и во текот на следењето на болните по третманот за различни видови на рак на јајчникот.
Иако туморските маркери не се покажале ефикасни за раното откривање на болеста, односно како скрининг тестови, тие се неопходен дијагностички инструмент за пратењето на болните и за прогнозата на преживување на болните.

Во секој случај, истражувањата продолжуваат и понатаму, па во тек се бројни истражувања со цел да се пронајдат нови крвни маркери кои би покажале поголема осетливост (сензибилност) и специфичност во раното откривање на ракот на јајчникот.