• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Истражување

Идентификувани гени поврзани со рак на тестис

Ракот на тестисот е ретка болест и претставува само 2% од сите карциноми кои се јавуваат кај мажите. Но, тој е чест тумор кај...

Болести на простата - Рак

За болестите на простатата кај нас многу малку се знае. Единствен начин да се бориме против нив...
Превенција и рано откривање на малигномите
Индекс на артикл
Превенција и рано откривање на малигномите
Примарна превенција
Секундарна превенција
Сите страници

Превенцијата на ракот е тешко да се спроведе сè додека не се открие дефинитивниот механизам на неговото настанување.

Сепак, превенцијата е можна во смисла на избегнување на изложеноста на канцерогените од животната и работната средината, како и со здравствено просветување на населението за здравата исхрана и за елиминирање на штетните животни навики (пушење, алкохол).

Во таа смисла, во рамките на активностите на Европската заедница за борбата против ракот, издаден е т.н. „Европски кодекс против ракот“, кој се состои од неколку препораки.

Одредени видови на рак може да се избегнат со следиве препораки:

  • Не пуши!
  • Умерено конзумирај алкохол!
  • Избегнувај прекумерно изложување на сонце!
  • Следи ги здравствените и сигурносните инструкции на упатствата на канцерогените агенси!
  • Избегнувај прекумерна телесна тежина!

Примарна превенција

Тоа се чекори кои може да се превземат за да се избегнат факторите на ризик кои може да предизвикаат малигни заболувања.

Најчести фактори на ризик, кои може да ги контролираме и избегнеме се:

Пушење

Пушењето цигари е одговорно за 85% од случаите со рак на бели дробови кај мажите и 75% меѓу жените, или средно за двата пола – 83%.

Луѓето кои пушат по две кутии цигари дневно или повеќе, имаат поголема смртност од белодробниот карцином до 25 пати во споредба со непушачите.

Но, пушењето е фактор на ризик и за многу други малигни заболувања, како што се: ракот на грлото, ракот на усната празнина, на јазикот, ракот на мочниот меур и други.

Исхрана

Ризикот од карцином на дебелото црево, дојката и матката е поголем кај дебелите луѓе. Се смета дека масната храна е фактор на ризик за развој на ракот на дојката, дебелото црево и простатата.

Некои студии укажуваат дека прекумерната телесна тежина и внесувањето на голема количина масти од животинско потекло во исхраната го зголемуваат ризикот за рак на простатата. Постои теорија која укажува дека мастите ја зголемуваат продукцијата на машкиот полов хормон, тестостерон, кој го потпомага настанувањето на простатичните карциномски клетки.

Утврдено е дека почесто се јавува кај лица кои во својата исхрана внесувале повеќе црвено месо, а малку овошје и зеленчук.

Високовлакнестата храна може да го намали ризикот од рак на дебелото црево.

Храната богата со витамини А и Ц се смета дека го намалува ризикот за развој на ракот на гркланот, на хранопроводникот и на белите дробови.

Прекумерното земање на алкохол, а особено ако е придружено со пушење, го зголемува ризикот за развој на рак на усната шуплина, рак на јазикот, рак на грлото, на хранопроводникот и на црниот дроб.

Сончање

Сончевото и другото ултравиолетово зрачење се главен фактор на ризик за појава на кожен карцином. Најчесто ракот на кожата се јавува на региите кои се изложени на сонце или на други извори на ултравиолетово зрачење. Изложувањето на сонце се смета дека е главен фактор за појава на кожниот карцином.

Ултравиолетовите зраци (УВ) според нивната бранова должина може да се поделат во три групи: УВ-А (320-400 nm), УВ-Б ( 290-320 nm) и УВ-Ц (200-290 nm).

УВ - Ц зраците ефикасно се филтрираат од атмосферскиот озон, па според тоа имаат мало влијание на настанувањето на кожниот рак, додека пак УВ-Б зраците само делумно се филтрираат и можат да предизвикаат изгореници, хронични кожни оштетувања и кожен карцином. Со оштетување на озонската обвивка и изложеноста на овие зраци е уште поголема.

УВ - А зраците се користат во солариумите за потемнување на кожата, но и тие предизвикуваат дополнителни оштетувања, покрај оние предизвикани со УВ-Б зраците.

Освен изложувањето на Сонце, кое е сé поштетно поради озонските дупки, како фактор на ризик за настанување на кожниот карцином, а кај некој и најважен фактор е сончањето во солариум. Научниците од цел свет укажуваат дека дозата на УВ зрачење во солариумот е 2 до 10 пати поголема отколку од Сонцето. Ако при тоа се додаде дека кај нас, ниту лампите не се менуваат по пропис, ниту се користат специјални заштитни наочари за солариум (ретко кога ги има во козметичките салони), последиците од зрачењето се уште поголеми.

Заблуда е дека сончањето во солариумот е побезбедно отколку изложувањето на сончевите зраци. И во двата случаи, дејството на УВ зрачење е кумулативно, а тоа значи дека, со зголемувањето на времето на изложување на Сонце или со сончање во солариум, ризикот за појава на рак се зголемува.

Децата имаат многу нежна и посветла кожа. Тие се најзагрозени и кај нив често се јавуваат изгоретини од прекумерно неконтролирано сончање. Изгоретините од сонце во детството се многу опасни и ризични, а со годините ризикот се зголемува посебно во понапредната возраст, кога и кожата ја губи својата еластичност, влажност и станува сува и поосетлива.

Препораки за солариум

  • не смеат да користат солариум лица помлади од 16 години, лица со светол тен, со голем број на бемки или лица кои се склони кон добивање на пеги,
  • пред солариумот не треба да се користат козметички средства и дезодоранси,
  • првото изложување на солариум не смее да трае подолго од 5 минути и никако не смее да биде повеќе пати во денот,
  • се смета дека 20 сеанси годишно во солариум, во период од 30 години, го зголемува ризикот за настанување на кожен карцином за околу 10%.

Алкохол

Алкохолот често е фактор на ризик за многу малигни заболувања.

Екстензивното консумирање на јак алкохол е фактор на ризик за настанување на малигни тумори на усната празнина и голтникот. Посебно голем ризик да заболат од ова малигно заболување имаат лица кои и пушат и консумираат големи количини на алкохол. Алкохолот е дополнителен фактор кој го зголемува ризикот кај пушачите. Познато е дека алкохолот предизвикува недостаток на витамин Б и железо, кои се важни за здравјето на човекот.

Екстензивното консумирање на јак алкохол е фактор на ризик и за настанување на ракот на гркланот. Посебно голем ризик да заболат од рак на грклан имаат лицата кои и пушат и консумираат големи количини на алкохол. Посебно алкохолот е ризик фактор во развивањето на карциномите во супраглотичната регија на гркланот.

Ексцесивното консумирање на алкохол е главен ризик фактор за развој на планоцелуларниот карцином на хранопроводникот, но не е докажан и потврден ризик фактор за аденокарциномот на хранопроводникот.

Кога преголемото консумирање на алкохол ќе се комбинира со пушењето, ризикот за настанување на планоцелуларниот карцином на хранопроводникот се зголемува експоненцијално.

Прекумерното консумирање на алкохолот доведува до цироза на црниот дроб, а цирозата е еден од главните фактори на ризик за рак на црниот дроб.

Цирозата е болест која настанува кога уништените клетки на црниот дроб (хепатоцити) се заменуваат со нефункционално фиброзно ткиво.

Цирозата може да се јави поради ексцесивно консумирање на алкохол.

Околу 5% од лицата со цироза, ќе оболат од рак на црниот дроб.

Наодите при аутопсија на пациенти, кои биле алкохоличари и кои умреле поради присутни циротични промени на црниот дроб, покажале истовремено присуство и на хепатоцелуларен карцином во 10 до 55%. Механизмот не е јасен, но се смета дека хроничниот воспалителен процес, кој секогаш ја придружува цирозата, игра одредена улога.

Прекумерно консумирање на алкохол значи консумирање на повеќе од два алкохолни пијалока дневно за мажите, и едно за жените (чаша вино, пола литро пиво или 0,3 dcl јак алкохол).

Естрогени хормони

Кај жените во менопауза постои извесен ризик од естрогениот третман на климактеричните симптоми, бидејќи расте ризикот од ендометријален карцином (рак на тело на матка). Меѓутоа, естрогените може да се дават само со внимателна лекарска контрола.

Професионална изложеност на канцерогени агенси

Изложувањето на многубројни индустриски агенси (никел, хром, азбест, винил-хлорид и други) го зголемува ризикот за развој на повеќе видови на рак.

Pott во 1775 година прв забележал голема зачестеност на рак на кожата на скротумот кај оџачарите и укажал на можната врска со работата која ја вршат. Тој ги навел саѓите како можна причина за туморите на скротумот кај оџачарите.

Потоа, како канцерогено средство се откриени катранот и смолата и нивните деривати, и минералните масла. Овие агенси предизвикуваат голема зачестеност на ракот на кожата кај ткајачи и механичари кои користат алат подмачкан со минеарални масла кои содржат ароматичен јаглено-водород.

Долго време е познат кожниот карцином предизвикан од арсен. Туморот е обично мултипен. Покрај рударите на арсен и бакар, професионално се изложени и лозарите кои употребуваат арсенски соединенија.

Професионална изложеност на хемиски и индустриски супстанции (азбест, нафтени деривати и друго), изложеност на радон, хром, ураниум, никел и други, го зголемуваат ризикот за појава на мекоткивни саркоми.

Изложеноста на хемиски канцерогени, како што се: винил хлорид, инсектициди базирани на арсен, хербициди и хлорфеноли, во некои студии, е асоцирана со 6 пати поголема инциденца на мекоткивни саркоми.

Утврдено е дека бројот на заболени од рак на гркланот е поголем во индустриски развиените земји и во големите градови, отколку во руралните средини. Причина за тоа е аерозагаденоста. Загадениот воздух содржи во себе многу канцерогени супстанции, кои со дишењето се внесуваат во дишните патишта.

Исто така, опишани се и други фактори на ризик како што се: професионална изложеност на хемиски и индустриски супстанции (азбест, нафтени деривати, смола, органски растворувачи, индустриска прашина и друго), изложеност на рударите во рудниците со јагленова прашина, хром, ураниум, никел и друго.

Од средствата кои се користат во производството на анилински бои, како канцерогени за мочниот меур се: бензитин, бета-нафтиламин и 4-аминодифенил. На овие канцерогени агенси се изложени работниците во индустријата за гумени производи, работниците во производството на кабли обвиткани со гума, во индустријата за плин и лица кои работат во одржувањето на инсталациите

Кај професионално изложените работници, карциномот на мочниот меур се развива на средна возраст од 45 години, додека кај преостанатата неизложена популација на средна возраст од 55 години.

Малигните тумори предизвикани на мочните патишта од ароматските амини се папиломи и карциноми, кои често се со мултнипна локализација.

Работниците кои се изложени на соединенијата на хром, главно хроматин и дихроматин, заболуват 15-30 пати почесто од карцином на белите дробови во споредба со останатото население.

Изложувањето на азбест е сигнификантен фактор на ризик за одреден тип на белодробен карцином т.н. мезотелиом, кој започнува во плеврата (белодробната обвивка). Работниците кои се изложени на делувањето на азбестот и кои се пушачи го зголемуваат својот ризик за добивање на белодробен карцином дури за 50 до 100 пати.

После цигарите радонот се смета за втор по важност предизвикувач на рак на белите дробови. Како природно присутен радиоактивен гас, радонот е познат како канцероген и го зголемува ризикот за појава на ракот на белите дробови. За прв пат бил разгледуван кај рударите кои ископувале ураниумова руда со голем степен на изложеност на радонот.

Смртноста од рак на белите дробови е поголема за 2.8 пати кај работници во индустријата за никел, отколку кај преостанатото население.

Во една студија од Норвешка, во која биле вклучени 1912 мажи, вроботени во преработка на никел, меѓу нив, во период од 19 години, се откриени 48 случаи со рак на белите дробови, 14 случаи со рак на параназалните синуси и 5 случаи со рак на гркланот.

Заболувањето кај овие работници од рак на дишните патишта било 5.6 пати поголемо во споредба со преостанатото население.

Долгорочното вдишување на бензол предизвикува токсични последици на коскената срцевина, предизвикувајќи анемија, панцитопенија (пад на сите крвни зрнца во крвта) и акутна леукемија.

Зачестеноста на леукемијата кај работниците изложени на бензол е 20 пати поголема во споредба со преостанатото население. Бензолската леукемија, обично е акутна, често леукопенична и придружена со мало зголемување на слезенката.

Апластичната анемија и леукемијата се јавуваат кај личности кои се изложни на бенозл, а таа може да се појави и многу години по престанокот на изложеноста.

Јонизирачко зрачење

Прекумерната изложеност на X-зраци и на дуго јонизирачко зрачење го зголемува ризикот за рак.

Така, јонизирачкото зрачење може да биде причина за развој на рак на кожата, на тестисите, на мезотелиомот, на штитната жлезда, на дојката и друго.

Јонизирачко зрачење и рак на дојка

Зголемен ризик за појава на рак на дојка е поврзан и со изложувањето на ралативно голема доза на јонизирачко зрачење, кое е забележано кај преживеаните од атомските бомби во Нагасаки и Хирошима, кај жени кои се лекувани со радиотерапија при Morbus Hodgkin.

Ризикот се зголемува по латентен период од 10 до 15 години.

Јонизирачко зрачење и рак на штитна жлезда

Еден од најзначајните фактори на ризик за развој на рак на штитната жлезда е претходното озрачување (радиотерапија) на штитната жлезда.

Кај децата кои биле озрачени во пределот на вратната регија заради бенигни состојби, како на пример хиперплазија на тимусот, туберкулозен аденит (туберкулозно воспаление на лимфните јазли) и друго, по подолг латентен период од 10-20 години се јавуваат чворчиња (нодулуси) во штитната жлезда (кај 25% од озрачените деца), а околу една четвртина од нив се малигни, најчесто папиларни карциноми на штитната жлезда.

Исто така, кај озрачените од атомска бомба во Хирошима и Нагасаки забележена е зголемена инциденца на тироидниот карцином.

После хаваријата во нуклеарната централа во Чернобил во 1986 година, појавата на тиродниот карцином во Украина е зголемена за 10 пати.

Јонизирачко зрачење и рак на матка

Жените кај кои била спроведена радиотерапија во пределот на малата карлица имаат поголем ризик за развој на т.н. радијациско индуцирани тумори. Најчести се саркомите на матката.

Јонизирачко зрачење и малиген мезотелиом

Кај мал број на болни со малигни мезотелиом се смета дека туморот е последица на изложеност на јонизирачко зрачење. Латентниот период од изложеноста на јонизирачкото зрачење и појавата на мезотелиомот варира од 7 до 36 години, средно 16 години.

Јонизирачко зрачење и коскени саркоми

Како докажан надворешен фактор на ризик за настанување на остеосаркомот е јонизирачкото зрачење.

Коскените саркоми беа едни од првите тумори кај кои се откри етиолошката поврзаност на нивното јавување со јонизирачкото зрачење.

Доказ за тоа е следново:

Остеосаркомите се појавија како резултат на големото производство на инструментални бројчаници и часовници во САД и Канада, веднаш по Првата Светска војна. Бројчаниците биле боени со луминисцентна боја, која содржела радиум и мезоториум, помешани со цинк сулфид. Младите работнички ги ставале четките во уста, внесувајќи го со тоа и радиумот, кој се депонирал околу непцата, предизвикувајќи радионекроза на вилицата, а исто така, и на долгите коски на рацете и нозете, како последица на апсорпцијата на радиумот преку системот за варење. Така, голем број од овие работнички, по подолг латентен период, развиле остеосарком.

Покасно е откриено дека и надворешната зрачна терапија предизвикува појава на коскен сарком. Било утврдено дека, кај деца кај кои била спроведена зрачна терапија во пределот на коската, по одреден латентен период, се развива секунарен, зрачно индуциран остеосарком. Латентниот период е обично околу 10 години, по реализираната радиотерапија.

Коскениот сарком е еден од најчестите секундарни тумори, кој се јавува како последица на применетата радиотерапијата во детската возраст. Тоа е и главна причина зошто радиотерапијата често се избегнува во третманот на детските малигноми.

Најчесто овие зрачно индуцирани коскени саркоми се: остеосаркоми, а поретко фибросаркоми и малигни фиброзни хистиоцитоми.

Јонизирачко зрачење и рак на кожа

Ракот на кожата се јавува како доцно соматско оштетување предизвикано од изложеност на кожата на јонизирачко зрачење. Имено, во минатото се користело јонизирачко зрачење ( доза >10Gy) за лекување на бенигни состојби на кожата, како акни, псоријатична кератоза, хемангиоми. Таквото јонизирачко зрачење предизвикува радиодерматит (радијациско воспаление). Радиодерматитот се карактеризира со кожна атрофија, депигментација, телеангиектази (проширени капилари), алопеција (испаѓање на влакната) и кератоза. По еден подолг временски период, кај 20 до 40 % од овие пациенти се јавува планоцелуларен (или базоцелуларен доколку лезијата е на лицето) карцином на кожата.

Исто така, појавата на планоцелуларен карцином на кожата е забележан на рацете кај рендгенолозите, стоматолозите и рендген технолозите, при несоодветна заштита и изложеност на ирадијација на кожата на рацете. Со осовременување на радијациската апаратура и со спроведување на адекватна заштита од јонизирачко зрачење, ризикот за појава на рак на кожата, предизвикан од јонизирачко зрачење, драстично е намален.

Интересно е да се одбележи дека ракот на кожата е редок во региите со радиодерматит предизвикан од зрачење со високи дози, кои се применуваат во терапија на малигните заболувања (5%).Ова се објаснува со големиот број на изумрени клетки како резултат на високата остварен доза, со малиот број на генетски оштетени клетки што се виабилни (способни за живот) и со краткото преживување на болните.


Секундарна превенција

Тоа се чекори кои се превземаат со цел да се открие ракот во неговите најрани стадиуми, уште пред да се јават почетните симптоми и знаци на болеста.

Ракот може да се развие во секое ткиво и орган и на секоја возраст. Повеќето карциноми откриени во раниот стадиум на болеста се потенцијално излечиви. Оттука произлегува и потребата за нивно рано откривање. Во таа смисла се спроведуваат т.н. скрининг – програми. Целта на овие скрининг –програми е болеста да се открие рано, по можност во нејзиниот претклинички стадиум, со што значително се зголемува и шансата за нејзино излекување.

Скринингот е оправдан кога:

  • болеста е честа,
  • болеста е во биолошки развиток, кој се карактеризира со тивка претклиничка фаза и со влошување на прогнозата со продолжувањето на времето и зголемувањето на стадиумот,
  • ако има ефикасна метода за рано откривање, која е со разумна висока специфичност и сензитивност,
  • кога за болеста има ефикасен третман во раните стадиуми а болеста, кој ќе резултира со подобрено шреживување.

Целта на скринингот и раната дијагноза е:

  • намалување на морталитетот,
  • овозможување на помалку радикална терапија,
  • намалување на цената на лекувањето.

Скрининг –процедурите, за кои деинитивно е докажано дека го намалуваат морталитетот, се:

  • брис по Papanikolau (ПАПА – тест), за рак на грлото на матката,
  • самопреглед на дојката и скрининг – мамографијата за рак на дојка (ја намалуваат смртноста од ракот на дојка за 30%).

ПАПА тест како скрининг метода за рано откривање на рак на грло на матка

Со откривањето на ПАПА тестот направен е голем напредок во раното дијагностицирање на преканцерозните состојби и на ракот на грлото на матката. Редовните брисеви се најефикасен начин за рано откривање на абнормалностите на клетките на грлото на матката, кои можат да бидат прв знак на карциномот. Брисот нема да ја певенира инекцијата со вирусите, но ќе помогне во раното препознавање на знаците на болеста. Тоа овозможува лекувањето да започне брзо и успешно. Многу животи се спасени благодарение на тоа што е болеста „фатена“ во раната фаза, а како резултат на скрининг ПАПА тестот.

Доколку жените одат на редовни рутински гинеколошки прегледи и ПАПА тест, повеќето преканцерозни промени рано се откриваат и излекуваат, пред да дојде до развој на карцином. На тој начин може да се превенираат повеќето инвазивни карциноми. Секој инвазивен карцином кој веќе се развил, многу е веројатно дека со овие скрининг тестови ќе се открие во раните стадиуми, кога е и можно комплетно излекување.

ПАПА тестот е едноставен и безболен тест.

Абнормални резултати добиени од ПАПА тестот често пати се прв знак за присуство на инфекција, воспаление или рак на грлото на матката. Ако се добијат абнормални резултати на ПАПА тестот, неопходно е да се изведат дополнителни тестови и испитувања за да се утврди дали навистина станува збор за преканцерозна состојба (постои само ризик за рак) или пак веќе станува збор за вистински рак на маткиното грло.

Тестот прв го развил Dr. George Papanicolau пред повеќе од 60 години и денес, сеуште, претставува многу ефикасен тест за рано откривање на преканцерозните промени и карциномот на грлото на матката.

Денес ПАПА тестот рутински се изведува во склоп на гинеколошкиот преглед на жената.

Според препораките на Американската асоцијација за рак првиот ПАПА тест треба да се спроведе кај секоја жена, 3 години по нејзиното прво сексуално искуство или штом наполни 21 година, без разлика на тоа дали дотогаш имала или не сексуално искуство.

По 21 година од животот, се препорачува ПАПА тестовите да се изведуваат според следниот распоред:

  • Пациентки од 21 до 29 години: Еднаш годишно тестирање со ПАПА тест.
  • Пациентки од 30 до 69 години: Ако на три последователни ПАПА тестови се добијат нормални резултати, тестот може да се изведува по еднаш на секои две или три години.
  • Пациентки од 70 години или повеќе: Ако ПАПА тестовите покажале нормални резултати во последните 10 години и ако последните три последователни тестови биле нормални, може да се прекине со ПАПА тестирање во иднина.

ПАПА тестот е безболен, иако некои жени даваат податок дека почувствувале слаба нелагодност за време на процедурата.

Самопреглед и мамографија за рано откривање на рак на дојка

Со скрининг прегледи се прегледуваат здрави жени, кај кои не постојат никакви знаци на болест. Овие прегледи се прават со цел да се постави рана дијагноза на ракот на дојката, со што се постигнува и успешно лекување.

За таа цел се прават скрининзи по пат на клинички преглед, мамографија, ехотомографски преглед на дојките. Овие скрининг процедури се едноставни, лесно прифатливи за пациентот и се многу корисни за рана дијагноза.

Посебно редовен скрининг треба да се спроведува кај жени кои имаат еден или повеќе фактори на ризик да заболат од рак на дојка. Редовни скрининг прегледи треба да се спроведуваат посебно кај ризичната група т.е. кај жените од 4-та до 6- та деценија од животот.

Препорака за рано откривање на ракот на дојката според American Collage of Radiology and The National Cancer Institut (Gerald, 1989):

  • Самопреглед на дојките еднаш месечно, најдобро по 10-15 дена од почетокот на менструалниот циклус, почнувајќи веќе од 20 годишна возраст.
  • Клинички преглед на дојките на секои три години кај жени од 20 до 40 годишна возраст. Кај жени над 40 годишна возраст, посебно кај оние со висок ризик за појава на рак на дојка, се препорачува клинички преглед еднаш годишно.
  • Скрининг мамографија - за рано откривање на ракот на дојката кај асимптоматските пациенти. Таа се прави меѓу 35 и 39 години. Жените меѓу 40 и 49 години би требало да прават мамографија еднаш годишно или на 2 години, во зависност од физикалниот преглед и претходниот мамографски наод. Жените после 50-тата година треба да прават мамографија еднаш годишно.
  • Биопсија, во случај на откривање на тврдина во дојката при клинички преглед или при мамографски докажан тумор во дојката.

Колоректален тест за рано откивање на рак на дебело црево и ректум

Американското здружение за канцер препорачува 3 теста за рано откривање на ракот на дебелото и задно црево (колоректален канцер) кај луѓе без симптоми. Тоа препорачува:

  • ректален дигитален преглед (анален преглед) еднаш годишно, по 40-тата година од животот,
  • преглед на изметот за микроскопско (окултно) крварење еднаш годишно, по 50-тата година од животот.
 

Тестис

Преглед на тестиси како превентива во навремено откривање на ракот на тестис.
[Преземено од YouTube]

Превенција и скрининг - рак на тестис

За раното откривање на болеста многу е важна едукацијата на младата машка популација. Тие треба да се информираат за раните симптоми и знаци на болеста, за значењето на самопрегледот... 


Рани знаци и симптоми

Многу е важно да машкото точно ја познава големината и обликот на своите тестиси, за да може да ги примети промените. Најчест симптом на карциномот на тестисот е присуство на мала, безболна тврдина... 

Простата

Рак на простатата, раскажува д-р Реј од клиниката за третман на ракот на простата - синхронизирано на македонски јазик.
[Преземено од YouTube]

Што е простата?

Простатата е орган со жлездесто-мускулна структура, чиј алкален секрет влегува во составот на семената течност (сперма)... 


Третман на карциномот на простатата

За одредување на најадекватна тераписка опција за одреден пациент, се разгледуваат многу фактори... 

Дебело црево

Настанување и ширење на ракот на дебелото црево - синхронизирано на македонски јазик.
[Преземено од YouTube]

Следење на болните со карцином на дебелото црево

Карциномот на дебелото црево бара доживотно следење (follow-up)... 


Дијагноза кај карцином на дебелото црево

Дијагнозата се поставува со внимателно земена анамнеза, физикален преглед по системи... 

Кожа

Настанување и типови на ракот на кожата - синхронизирано на македонски јазик.
[Преземено од YouTube]

Рак на кожа

Меланомот претставува малигно буење на меланоцитите, клетки кои го произведуваат пигментот на кожата. Тоа е најмалигни облик на кожен карцином и е најчеста причина за смрт од кожен карцином... 


Симптоми и знаци

Најчесто карциномот започнува како мала, сјајна папула која бавно и постепено се зголемува и по неколку месеци се појавува сјаен, бисерен раб со назначени проширени крвни садови... 

Дојка

Радиотераписки третман кај рак на дојка. Радиотерапијата ја одредува лекар специјалист (радиотерапевт и онколог).
[Преземено од YouTube]

Ширење на ракот на дојката

Ракот на дојката е системско заболување, дисеминиран процес, кој, уште од најраните фази на својот развој, е склон кон метастазирање... 


Симптоми и знаци за појава на рак на дојката

Ракот на дојката во својот почетен, ран стадиум е обично асимптоматски...