• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Истражување

Идентификувани гени поврзани со рак на тестис

Ракот на тестисот е ретка болест и претставува само 2% од сите карциноми кои се јавуваат кај мажите. Но, тој е чест тумор кај...

Болести на простата - Рак

За болестите на простатата кај нас многу малку се знае. Единствен начин да се бориме против нив...
Видови на канцерогени агенси
Индекс на артикл
Видови на канцерогени агенси
Зрачење
Хемиски средства
Исхрана
Јатрогени хемиски средства
Основни животни навики
Вируси и паразити
Фактори од работната и надворешната средина
Сите страници

Многу е тешко да се направи соодветна класификација на сите средства и агенси кои предизвикуваат тумори. Канцерогените може да ги поделиме во следниве групи:

  • зрачење (јонизирачко зрачење, радиоактивни елементи, ултравиолетово зрачење),
  • хемиски средства,
  • исхраната,
  • јатрогени хемиски средства,
  • основни животни навики,
  • вируси и паразити,
  • фактори од работната и надворешната средина.

Зрачење

Јонизирачко зрачење

Биолошкото дејство на јонизирачкото зрачење е најдобро проучено. Тоа овозможува приближно точна проценка на опасностите за човековата популација, кои произлегуваат од него. Последиците од зрачењето не зависат од применетата доза, туку од озрачената површина и начинот на зрачењето.

Леукемијата е главна малигна болест предизвикана од јонизирачкото зрачење.

Главен доказ за канцерогеното дејство на јонизирачкото зрачење претставува бројот на заболените меѓу професионално изложените лица. Денес се знае дека болеста на белите дробови која била позната уште од 16 век, во Чехословачка и Германија, всушност била рак на белите дробови кој бил предизвикан од реактивните руди во рудниците.

Натамошните докази се добиени по извршените атомски експлозии во Јапонија и со испитувањето на долгогодишните последици кај пациентите кои биле изложени на зрачење во дијагностички или тераписки цели.

Постои богато искуство во врска со ракот предизвикан од зрачењето на човековата популација, која накратко би се состоела од:

  • Кожниот карцином бил многу чест кај персоналот кои ракувал со првите рендгенски апарати, бидејќи тогаш сеуште не биле стандардизирани заштитните мерки,
  • Белодробниот карцином е многу чест меѓу рударите во рудниците на цинк, ураниум и други, во споредба со останатата популација, а заради присуството на гасот радон во рудниците. Вдишувањето на гасот радон води до негово складирање во белите дробови. Радонот емитира силни радиоактивни алфа честички.
  • Развојот на остеосаркомот кај работничките кои ги бојадисувале стрелките на часовниците со светлечки бои. Коскените саркоми беа едни од првите тумори кај кои се откри етиолошката поврзаност на нивното јавување со јонизирачкото зрачење. Доказ за тоа е следново. Остеосаркомите се појавија како резултат на големото производство на инструментални бројчаници и часовници во САД и Канада, веднаш по Првата Светска војна. Бројчаниците биле боени со луминисцентна боја, која содржела радиум и мезоториум, помешани со цинк сулфид. Младите работнички ги ставале четките во уста, внесувајќи го со тоа и радиумот, кој се депонирал околу непцата, предизвикувајќи радионекроза на вилицата, а исто така, и на долгите коски на рацете и нозете, како последица на апсорпцијата на радиумот преку системот за варење. Така, голем број од овие работнички, по подолг латентен период, развиле остеосарком.
    Покасно е откриено дека и надворешната зрачна терапија предизвикува појава на коскен сарком. Било утврдено дека, кај деца кај кои била спроведена зрачна терапија во пределот на коската, по одреден латентен период, се развива секунарен, зрачно индуциран остеосарком. Латентниот период е обично околу 10 години, по реализираната радиотерапија.
    Коскениот сарком е еден од најчестите секундарни тумори, кој се јавува како последица на применетата радиотерапијата во детската возраст. Тоа е и главна причина зошто радиотерапијата често се избегнува во третманот на детските малигноми.
    Најчесто овие зрачно индуцирани коскени саркоми се: остеосаркоми, а поретко фибросаркоми и малигни фиброзни хистиоцитоми.
  • Висока честота на рак на црниот дроб е најдена кај пациенти кај кои е употребувано контрасното средство – торотраст.
    Торотраст (Thorotrast) е контрасно средство кое содржи ториум диоксид, кој е силен емитер на алфа-честички. Ова контрасно средство било употребувано во рендгенологијата во период од 1920 до 1950 год.
    Утврдена е поврзаност помеѓу примената на оваа супстанција и појавата на примарните малигноми на црниот дроб, пред сé, на ангиосаркомите и холангиокарциномите. Најкусиот период помеѓу изложеноста на торотраст и појавата на црнодробниот малигном е 15 години.
    Ова контрасно средство денес не се употребува.
  • Кај преживеаните од атомската бомба во Хирошима и Нагасаки е забележан висок процент на леукемија и на други солитарни тумори.
  • Мал пораст на инциденцата на леукемија е забележан и кај пациенти со спондилит (реуматска болест на коските), кои биле лекувани со зрачна терапија за смирување на болката.
  • Кај децата кои биле озрачени во пределот на вратната регија заради бенигни состојби, како на пример хиперплазија на тимусот, туберкулозен аденит (туберкулозно воспаление на лимфните јазли) и друго, по подолг латентен период од 10-20 години се јавиле чворчиња (нодулуси) во штитната жлезда (кај 25% од озрачените деца), а околу една четвртина од нив се малигни, најчесто папиларни карциноми на штитната жлезда.
    Исто така, кај озрачените од атомска бомба во Хирошима и Нагасаки забележена е зголемена инциденца на тироидниот карцином.
    После хаваријата во нуклеарната централа во Чернобил во 1986 година, појавата на тиродниот карцином во Украина е зголемена за 10 пати.
  • Забележан е пораст на инциденцата на ракот на дојка кај пациентки кои примале радиотерапија поради постпартално (после породување) воспаление на дојката.

Радиоактивни елементи

Нивото на зрачењето од природните и вештачките радиоактивни изотопи од околината е можен причинител за појава на малигните заболувања кај човекот.

Затоа се препорачува радиоактивниот Ј 131 да се користи во дијагностичките цели во помали дози, а во тераписки цели не би требало да се применува кај луѓе помлади од 40 години.

Ултравиолетово зрачење

Во почетокот на 20 век е забележано дека кожниот карцином се јавува кај луѓе кои работат на отворено и тоа на делови од телото кои се најмногу изложени на сончевата светлина.

Подоцна е утврдено дека ултравиолетовите зраци од сончевиот спектар со бранова должина од 2900-3300 А се канцерогени за кожата на животните. За да се развие кожен карцином потребни се 40 000 – 180 000 часа излагање на кожата на сончева светлина.

Според податоци од литературата, 86% од кожните карциноми се локализирани на кожата на лицето и вратот. Инциденцата на кожниот карцином е најголем во седмата деценија на животот.

Освен изложувањето на Сонце, кое е сé поштетно поради озонските дупки, како фактор на ризик за настанување на кожниот карцином, а кај некој и најважен фактор, е сончањето во солариум. Научниците од цел свет укажуваат дека дозата на УВ зрачење во солариумот е 2 до 10 пати поголема отколку од Сонцето. Ако при тоа се додаде дека кај нас, ниту лампите не се менуваат по пропис, ниту се користат специјални заштитни наочари за солариум (ретко кога ги има во козметичките салони), последиците од зрачењето се уште поголеми.

Заблуда е дека сончањето во солариумот е побезбедно отколку изложувањето на сончевите зраци. И во двата случаи, дејството на УВ зрачење е кумулативно, а тоа значи дека со зголемувањето на времето на изложување на Сонце или со сончање во солариум, ризикот за појава на рак на кожата се зголемува.


Хемиски средства

Загадување на воздухот

Загадувањето на воздухот е еден од факторите за порастот на инциденцата на ракот на белите дробови во 20-от век. Споредбените истражувања на инциденцата на ракот на белите дробови меѓу селското и градското население покажале помала зачестеност на ракот на белите дробови кај селското население, особено кај непушачите. Помеѓу долгогодишните пушачи, разликата во стапката на зачестеност на ракот на белите дробови се губи.

Од студиите направени во САД произлегува јасен однос помеѓу смртноста од рак на бели дробови и загаденоста на воздухот кај непушачите во градската средина и смртноста поради рак на белите дробови во селската средина. Непушачите во градовите имаат 43% - 120% поголем процент на смртност отколку непушачите во селската средина.

Смртта поради ракот на желудникот, исто така, е во корелација со загаденоста на воздухот, како и смртноста поради рак на хранопроводникот и на мочниот меур.

Воздухот е загаден од честички и гасови, кои им припаѓаат на различни хемиски групи, а некои од нив и не се утврдени.

Постојат 3 главни извори на загадување:

  • греењето на населението,
  • оџаците на фабриките,
  • издувните гасови од автомобилите.

Во воздухот се утврдени 10 полициклични ароматични јагленохидрати, чие канцерогено дејство е експериментално потврдено кај животните.

Исто така, во воздухот постојат и загадувачи за кои не е докажана канцерогенезата, но тие го надразнуваат и оштетуваат епителот на слузницата на дишните патишта и на тој начин се вклучени во процесот на задржување и продирање на канцерските честички.

Хемиските канцерогени средства, обично напаѓаат специфични органи. Нивна мета се епителните клетки и тие доведуваат до генетски оштетувања на клетката (генотоксични агенси).

Хемиското оштетуваање на DNA се случува или директно (со изложеноста во средината) или индиректно (со активација на ендогените мутациски патишта, таканаречени оксирадикали).


Исхрана

Географските разлики во зачестеноста на малигните заболувања делумно се поврзуват со различни обичаи на исхрана.

Различната географска распределба на ракот на хранопроводникот, на желудникот и на цревата, потоа податоците од последните децении дека зачестеноста на ракот на желудникот се намалува, а дека ракот на хранопроводникот и цревата расте, укажуваат дека етиолошките причинители се различни за секоја локализација на туморите во дигестивниот систем.

Деталните проучувања на исхраната утврдиле неколку фактори кои се поврзани со зголемениот ризик. Имено, лица кои со исхраната внесуваат мали количини на свежо овошје и зеленчук, мали количини на масти и белковини, а поголеми количини на сол, на сложени јаглени хидрати и на нитрити, имаат поголем ризик за развој на рак на желудникот. Заштитното дејство на овошјето и зелудникот се должи на дејството на аскорбинската киселина (витамин Ц) која тие ја содржат. Присуството на аскорбинската киселина ја намалува киселоста на желудочната средина и со тоа го оневозможува претварањето на нитратите во нитрити. На тој начин, се намалува и концентрацијата на нитрозамините во организмот, за кои се смета дека се канцерогени. Кога pH-вредноста на стомачниот сок е повисока од вообичаената, бактериите преживуваат и нивната активност доведува до редукција на нитратите од храната во нитрити и до формирање на N - нитрозо соединенија. Канцерогениот ефект на N - нитрозните соединенија е експериментално докажан.

Преку внесената храна, цревото е изложено да дејството на низа канцерогени, мутагени и антиканцерогени агенси, чија концентрација зависи, пред сé, од видот на исхраната.

Ефектот на секој од овие поединечни фактори се изразува зависно од траењето на контактот со слузницата на цревото, што зависи, пред сé, од времето на минување низ цревото и од количеството на фекалната маса.

Најпопуларната теорија во врска со диеталните фактори се однесува на малата количина на растителни влакна во храната застапена во земјите на западниот свет, каде што ризикот за појавување на карциномот на дебелото црево е висок. Спротивно на ова, инциденцата на карциномите на дебелото црево во популацијата на јужноафричките Банту е мошне ниска, а забележено е дека нивната храна е богата со растителни влакна.

Burkitt (1971 год) поставил една едноставна и логична теорија според која големата количина на целулозни влакна која се внесува со храната, го скратува времето на поминување во цревата и на тој начин го намалува времето на изложеноста на цревната слузница на дејството на потенцијалните канцерогени. Исто така, се намалува можноста цревните бактерии да продуцираат карциногени, бидејќи зголемената количина на измет има разредувачки ефект.

Се смета дека внесувањето на поголеми количини на зеленчук со храната, го намалува ризикот за настанувањето на карциномот на дебелото црево. Високо количество на целулозна содржина и покусо време на минувањето на цревната содржина низ цревото, се забележани во групите со низок ризик.

И покрај поткрепувачките факти, постои и критика на оваа теорија, пред сé, поради тоа што во овие студии не се земени во предвид и другите аспекти на разликите помеѓу популациите, кои, исто така, би можеле да влијаат на раликата во инциденцата на малигномот.

Само една опсежна епидемиолошка студија со адекватни контролни податоци покажала низок ризик со внесување на поголема количина на растителни влакна во исхраната, додека неколку интернационални иследувања не го потврдиле овој наод.

Експерименталните студии, исто така, не даваат идентични наоди. На тој начин, концептот за влијанието на количината на растителните влакна во исхраната останува само во теоретски рамки, бидејќи за него нема сеуште сигурна научна потврда.

Афлатоксинот и лактоните се едни од најсилните прехрамбени канцерогени. Нив ги создаваат габичките Aspergillus flavus. Овие габи можат да ги загадат земјоделските производи, посебно ако складирањето на производите е направено во топла и влажна средина. Производи кои се подложни на загадување со габата Aspergillus flavus се: кикириките, сојата, гравот, пченката, пченицата, брашното и други. Со пречистување може да се уништат афлатоксините од кикириките.

Орално дадени афлатоксини на стаорец предизвикуваат рак на црниот дроб и на желудникот. Ако афлатоксинот се вбризга со поткожна инекција, тој кај стаорецот предизвикува рак на кожата на местото на инјектирањето.

Во тек се повеќе студии кои ја испитуваат врската меѓу примарниот рак на црниот дроб и афлатокцинот во храната.


Јатрогени хемиски средства

Лекови

Некои лекови можат да бидат ризик фактор за настанување на одредени видови на карциноми.

Висока честота на рак на црниот дроб е најдена кај пациенти кај кои е употребуван торотрастот.

Торотраст (Thorotrast) контрасно средство кое содржи ториум диоксид кој е силен емитер на алфа-честички. Ова контрасно средство било употребувано во рендгенологијата во период од 1920 до 1950 год.

Утврдена е поврзаност помеѓу примената на оваа супстанција и појавата на примарните малигноми на црниот дроб, пред сé, на ангиосаркоми и холангиокарциноми. Најкусиот период помеѓу изложеноста на торотраст, при рендгенските иследувања, и појавата на црнодробниот малигном е 15 години.

Денес ова контрасно средство не се употребува.

Друго средство со канцерогени својства е хлорнафазинот (применуван за лекување на полицитемија вера). Овој лек е одговорен за појава на рак на мочниот меур кај некои пациенти.

Катранската маст се смета како причина за настанување на кожниот карцином.

Исто така, според шведска студија, кај луѓето кои во големо количество го земале лекот фенацетин, барем 1 gr. дневно во тек на повеќе години е откриен хроничен пиелонефрит или бубрежна папиларна некроза. Во тек на следето на овие пациенти (од 1 до 11 години), кај 3 пациенти е откриен рак на бубрегот. Во друга студија, од 25 пациенти со бубрежен карцином, 5 од нив биле на терапија со фенацетин.


Основни навики

Пушење

Пушењето е главен фактор на ризик за настанување на белодробниот карцином. Околу 90 % од белодробните карциноми кај мажите и околу 83% кај жените, се оценети дека се предизвикани од тутуновиот дим, било да е тој внесен активно, преку пушење или пасивно, преку престојување во простории каде се пуши (пасивни пушачи).

Пушачите на цигари заболуваат 25 до 30 пати почесто во споредба со непушачите.

Ризикот за настанување на белодробниот карцином се зголемува со бројот на дневно испушените цигари (повеќе од 20 цигари дневно), времетраењето на пушењето, возраста кога започнало пушењето, од вдишувањето на тутуновиот дим, како и од количината на катранот и никотинот во цигарите (од видот на цигарите).

Според тоа, поголем ризик имаат лица кои рано почнале да пушат, кои пушат повеќе од 25 цигари дневно, кои длабоко го вдишуваат тутуновиот дим, кои ги пушат цигарите до крај (на крајот цигарите содржат најголема количина на катран, кој е канцероген) и кој пушат цигари со висок % на никотин и катран.

Со вдишувањето на димот од цигарите се внесуваат аеросоли во долните партии на белите дробови. Димот содржи голем број на канцерогени супстанции, а меѓу нив се: полицикличните јаглехидрати, нитроамидите и бензопиренот, кои се едни од најсилните канцерогени материи.

Лицата кои се откажале од пушење имаат помал ризик да заболат од белодробен карцином отколку ако продолжеле да пушат, но нивниот ризик е сепак поголем од оној кај непушачите. Колку повеќе луѓе се откажат од пушење, стапката на белодробниот карцином кој се јавува кај пушачите ќе опаѓа и процентот на белодробни карциноми кои се јавува кај лицата кои се откажале од пушење ќе се зголемува.

Чадот од цигарите содржи повече од 40 мутагени или канцерогени средства. Оштетувањето на DNA од чадот на цигарите е утврден во многу различни студии. Оштетувањето на DNA од пушењето е поврзано со пораст на мутациите на гените (мутација на p53 тумор-супресорниот ген).

Исто така, утврден е и пораст нафрекфенцијата на мутациите кај p53 супресорниот ген кај пушачи со рак на главата и вратот. Чадот од цигарите содржи специјални хемиски средства, како што се. полициклични ароматични хидрокарбонати, Н-нитрозамини, ароматични амини, етилен оксиди и агенси кои се причина за оксирњадикални оштетувања.

Во 7 проспективни кленички студии во кои биле вклучени 1 милион луѓе се посочени следниве почести причини за смрт кај пушачите во споредба со непушачите:

  • бронхитис и емфизем (6.1 пати).
  • малигни тумори на белите дробови (10.8 пати),
  • рак на грклан (5.4 пати),
  • болести на усната шуплина (4.1 пати),
  • болести на хранопроводникот (3.4 пати),
  • болести на мочен меур (1.9 пати),
  • други малигни тумори (1.4 пати),
  • болести на срцевите артерии.

Во една студија која е спроведена во Њујорк испитувана е појавата на ракот на белите дробови кај пушачите на луле и пури. Во студијата е забележано дека пушачите на луле и пури имаат поголем ризик за развој на рак на белите дробови од непушачите, но помал ризик од пушачите на цигари. Врската меѓу пушењето и појавата на малигните заболуавања во усната шуплина е докажана, особено кај пушачите на луле и пури. Пушачите заболуваат 3,4 пати повеќе од малигни болести на усната шуплина во споредба од непушачите.

Друг карцином за кој е утврдена колерација со пушењето е ракот на хранопроводникот, но проценката е отежната, бидејќи тој се поврзува и со алкохолизмот.

Исто така пушењето е ризик фактор и за настануавање на ракот на мочниот меур.

Многу експерименти докажале дека од чадот на цигарите може да се развијат малигни тумори кај експерименталните животни. Кај куче со трахеостома е предизвикан рак на белите дробови.

Алкохол

Врската меѓу прекумерното консумирање на алкохол и ракот на усната шуплина, на гркланот, на голтникот и на хранопроводникот е спорна. Во неколку земји, меѓу работниците кои ги подготвуваат алкохолните пијалоци или во области каде се консумира повеќе алкохол, најадена е зголемена зачестеност на овие видови на малигни заболувања.

Во некои ретроспективни студии, меѓу болните од рак на хранопроводникот и рак на дишните патишта е утврдена поголема консумација на алкохол. Тешко е да се даде конечен заклучок, бидејќи алкохолизмот е често поврзан со пушење и недоволно земање на квалитетна храна.

Сепак, ексцесивното консумирање на алкохол се смета како главен ризик фактор за развој на планоцелуларниот карцином на хранопроводникот, но тој не е докажан и потврден ризик фактор за аденокарциномот на хранопроводникот.

Кога преголемото консумирање на алкохол ќе се комбинира со пушење, ризикот за настанување на ракот на хранопроводникот се зголемува експоненцијално.

Прекумерното консумирање на алкохолот доведува до цироза на црниот дроб, а цирозата е еден од главните фактори на ризик за рак на црниот дроб.

Цирозата е болест која настанува кога уништените клетки на црниот дроб (хепатоцити) се заменуваат со нефункционално фиброзно ткиво.

Цирозата може да се јави поради ексцесивно консумирање на алкохол.

Околу 5% од лицата со цироза, ќе оболат од рак на црниот дроб.

Наодите при аутопсија на пациенти, кои биле алкохоличари и кои умреле поради присутни циротични промени на црниот дроб, покажале истовремено присуство и на хепатоцелуларен карцином во 10 до 55%. Механизмот не е јасен, но се смета дека хроничниот воспалителен процес, кој секогаш ја придружува цирозата, игра одредена улога.

Полов живот

Фактори на ризик за ракот на дојката, поврзани со половиот живот, се:

  • Рана менарха (прва менструација). Жените со менарха пред 12 годишна возраст имаат, речиси, двапати повисока инциденца на рак на дојката, отколку жени со менарха по 13 годишна возраст.
  • Артефициелна менопауза (хируршка или радијациска кастрација) пред 35 годишна возраст, го намалува ризикот за рак на дојката за една третина, во однос на жените со природна менопауза.
  • Репродуктивната историја е најчесто поврзана со времето на првата бременост. Сигнификантно се зголемува ризикот, со зголемување на возраста на првиот пород. Жени кои имале прв пород по 35 годишна возраст, имаат 40% поголем ризик да заболат од рак на дојка, во споредба со оние жени, чиј што прв пород бил пред 20 годишна возраст.
  • Жени кои никогаш не родиле, имаат 30% поголем ризик за рак на дојката, во споредба со жени кои имале една или повеќе бремености.
  • Ризикот се намалува со зголемување на бројот на родени деца.
  • Абортусите ( спонтани или намерни) пред првата бременост го зголемуваат ризикот за настанување на ракот на дојката.

Фактори на ризик за ракот на грлото на матката, поврзани со половиот живот, се:

Како главен фактор на ризик се смета раниот коитус (рано започнување со полови односи), бидејќи надворешниот епител на цервиксот во тој период од животот е поосетлив на сеуште непознати (онкогени) фактори, кои ја активираат ненормалната делба на клетките во вид на малигна трансформација. Најверојатно се работи за инфективни фактори, но не се исклучуваат и сперматогените фактори.

Така, утврдено е дека овој вид на тумор значително е почест кај жени кои:

  • рано стапиле во брак,
  • менувале повеќе сексуални партери (на пример над 6 сексуални партнери),
  • родиле повеќе деца (мултипаритет),
  • имале повеќе абортуси,
  • живеат во лоши социо-економски услови.

Во сите наведени случаи се смета дека честите поведи на цервиксот доведуваат до воспаление, хиперплазија и метаплазија на епителните клетки.

Обрежување

Малигните тумори на пенисот, практично, се непознати кај Евреите кои се обрежуваат 8 ден од животот, како и кај други заедници каде обрежувањето се врши во текот на првите 2 години од животот.

Зголемената инциденца на ракот на грлото на матката и пенисот авторите го препишуваат на смегмата која кај обрежаните е минимална.

Не е познат механизмот со кој обрежувањето го штити пенисот од рак. Се смета дека намалената инциденца на ракот на пенисот се должи на подобрата хигиена на половиот орган, која ја овозможува обрежувањето.


Вируси

Доказот за вирусното потекло на некои малигни тумори, особено оние на лимфоретикуларниот систем и дојката ги поттикна многу научници на размислување за вирусната етиологија на малигните заболувања кај човекот, особено кај леукемијата и туморите од лимфатично потекло.

Вируси кои се поврзани со развојот на малигните туммори кај човекот се:

  • Хуман папилома вирусите - ХПВ (фактор на ризик за развој на рак на грлото на матката)
  • Cytomegalovirus ( вирус кој го пердизвикува Kaposi саркомот),
  • Epstein-Barr вирус (одговорен за развој на Burkitt лимфомот, за имунобластните лимфоми и назофарингеалниот карцином),
  • Hepatitis B и C вируси (предизвикуваат рак на црниот дроб)
  • Ретровируси (поврззани се со равојот на Т-клеточните лимфоми
  • HIV вирусот е одговорен за настанувањето на сидата. Пациентите со сида се предиспонирани за развој на некои малигни заболување како што е Kaposi саркомот и лимфомите.

Паразити

Најдобро испитана поврзаност помеѓу паразитите и малигните тумори е онаа на Schistosoma haematobium и ракот на мочниот меур. Испитувањата покажуваат дека малигните тумори на мочниот меур се многу почести кај лицата заразени со овој паразит, отколку кај незаразените лица. Сеуште не е утврдена вистинската причина за оваа појава.


Фактори од работната средина

Изложувањето на многубројни индустриски агенси (никел, хром, азбест, винил-хлорид и други) го зголемува ризикот за развој на повеќе видови на рак.

Pott во 1775 година прв забележал голема зачестеност на рак на кожата на скротумот кај оџачарите и укажал на можната врска со работата која ја вршат. Тој ги навел саѓите како можна причина за туморите на скротумот кај оџачарите.

Потоа, како канцерогено средство се откриени катранот и смолата и нивните деривати, и минералните масла. Овие агенси предизвикуваат голема зачестеност на ракот на кожата кај ткајачи и механичари кои користат алат подмачкан со минеарални масла кои содржат ароматичен јаглено-водород.

Долго време е познат кожниот карцином предизвикан од арсен. Туморот е обично мултипен. Покрај рударите на арсен и бакар, професионално се изложени и лозарите кои употребуваат арсенски соединенија.

Професионална изложеност на хемиски и индустриски супстанции (азбест, нафтени деривати и друго), изложеност на радон, хром, ураниум, никел и други, го зголемуваат ризикот за појава на мекоткивни саркоми.

Изложеноста на хемиски канцерогени, како што се: винил хлорид, инсектициди базирани на арсен, хербициди и хлорфеноли, во некои студии, е асоцирана со 6 пати поголема инциденца на мекоткивни саркоми.

Утврдено е дека бројот на заболени од рак на гркланот е поголем во индустриски развиените земји и во големите градови, отколку во руралните средини. Причина за тоа е аерозагаденоста. Загадениот воздух содржи во себе многу канцерогени супстанции, кои со дишењето се внесуваат во дишните патишта.

Исто така, опишани се и други фактори на ризик како што се: професионална изложеност на хемиски и индустриски супстанции (азбест, нафтени деривати, смола, органски растворувачи, индустриска прашина и друго), изложеност на рударите во рудниците со јагленова прашина, хром, ураниум, никел и друго.

Од средствата кои се користат во производството на анилински бои, како канцерогени за мочниот меур се: бензитин, бета-нафтиламин и 4-аминодифенил. На овие канцерогени агенси се изложени работниците во индустријата за гумени производи, работниците во производството на кабли обвиткани со гума, во индустријата за плин и лица кои работат во одржувањето на инсталациите

Кај професионално изложените работници, карциномот на мочниот меур се развива на средна возраст од 45 години, додека кај преостанатата неизложена популација на средна возраст од 55 години.

Малигните тумори предизвикани на мочните патишта од ароматските амини се папиломи и карциноми, кои често се со мултнипна локализација.

Работниците кои се изложени на соединенијата на хром, главно хроматин и дихроматин, заболуват 15-30 пати почесто од карцином на белите дробови во споредба со останатото население.

Изложувањето на азбест е сигнификантен фактор на ризик за одреден тип на белодробен карцином т.н. мезотелиом, кој започнува во плеврата (белодробната обвивка). Работниците кои се изложени на делувањето на азбестот и кои се пушачи го зголемуваат својот ризик за добивање на белодробен карцином дури за 50 до 100 пати.

После цигарите радонот се смета за втор по важност предизвикувач на рак на белите дробови. Како природно присутен радиоактивен гас, радонот е познат како канцероген и го зголемува ризикот за појава на ракот на белите дробови. За прв пат бил разгледуван кај рударите кои ископувале ураниумова руда со голем степен на изложеност на радонот.

Смртноста од рак на белите дробови е поголема за 2.8 пати кај работници во индустријата за никел, отколку кај преостанатото население.

Во една студија од Норвешка, во која биле вклучени 1912 мажи, вроботени во преработка на никел, меѓу нив, во период од 19 години, се откриени 48 случаи со рак на белите дробови, 14 случаи со рак на параназалните синуси и 5 случаи со рак на гркланот.

Заболувањето кај овие работници од рак на дишните патишта било 5.6 пати поголемо во споредба со преостанатото население.

Долгорочното вдишување на бензол предизвикува токсични последици на коскената срцевина, предизвикувајќи анемија, панцитопенија (пад на сите крвни зрнца во крвта) и акутна леукемија.

Зачестеноста на леукемијата кај работниците изложени на бензол е 20 пати поголема во споредба со преостанатото население. Бензолската леукемија, обично е акутна, често леукопенична и придружена со мало зголемување на слезенката.

Апластичната анемија и леукемијата се јавуваат кај личности кои се изложни на бенозл, а таа може да се појави и многу години по престанокот на изложеноста.

Јонизирачко зрачење

Прекумерната изложеност на X-зраци и на друго јонизирачко зрачење го зголемува ризикот за рак.

Така, јонизирачкото зрачење може да биде причина за развој на рак на кожата, на тестисите, на мезотелиомот, на штитната жлезда, на дојката и друго.

Јонизирачко зрачење и рак на дојка

Зголемен ризик за појава на рак на дојка е поврзан и со изложувањето на релативно голема доза на јонизирачко зрачење, кое е забележано кај преживеаните од атомските бомби во Нагасаки и Хирошима, како и кај жени кои се лекувани со радиотерапија при Morbus Hodgkin.

Ризикот се зголемува по латентен период од 10 до 15 години.

Јонизирачко зрачење и рак на штитна жлезда

Еден од најзначајните фактори на ризик за развој на рак на штитната жлезда е претходното озрачување (радиотерапија) на штитната жлезда.

Кај децата кои биле озрачени во пределот на вратната регија заради бенигни состојби, како на пример хиперплазија на тимусот, туберкулозен аденит (туберкулозно воспаление на лимфните јазли) и друго, по подолг латентен период од 10-20 години се јавуваат чворчиња (нодулуси) во штитната жлезда (кај 25% од озрачените деца), а околу една четвртина од нив се малигни, најчесто папиларни карциноми на штитната жлезда.

Исто така, кај озрачените од атомска бомба во Хирошима и Нагасаки забележена е зголемена инциденца на тироидниот карцином.

После хаваријата во нуклеарната централа во Чернобил во 1986 година, појавата на тиродниот карцином во Украина е зголемена за 10 пати.

онизирачко зрачење и рак на матка

Жените кај кои била спроведена радиотерапија во пределот на малата карлица имаат поголем ризик за развој на т.н. радијациско индуцирани тумори. Најчести се саркомите на матката.

Јонизирачко зрачење и малиген мезотелиом

Кај мал број на болни со малигни мезотелиом се смета дека туморот е последица на изложеност на јонизирачко зрачење. Латентниот период од изложеноста на јонизирачкото зрачење и појавата на мезотелиомот варира од 7 до 36 години, средно 16 години.

Јонизирачко зрачење и коскени саркоми

Како докажан надворешен фактор на ризик за настанување на остеосаркомот е јонизирачкото зрачење.

Коскените саркоми беа едни од првите тумори кај кои се откри етиолошката поврзаност на нивното јавување со јонизирачкото зрачење.

Доказ за тоа е следново:

Остеосаркомите се појавија како резултат на големото производство на инструментални бројчаници и часовници во САД и Канада, веднаш по Првата Светска војна. Бројчаниците биле боени со луминисцентна боја, која содржела радиум и мезоториум, помешани со цинк сулфид. Младите работнички ги ставале четките во уста, внесувајќи го со тоа и радиумот, кој се депонирал околу непцата, предизвикувајќи радионекроза на вилицата, а исто така, и на долгите коски на рацете и нозете, како последица на апсорпцијата на радиумот преку системот за варење. Така, голем број од овие работнички, по подолг латентен период, развиле остеосарком.

Покасно е откриено дека и надворешната зрачна терапија предизвикува појава на коскен сарком. Било утврдено дека, кај деца кај кои била спроведена зрачна терапија во пределот на коската, по одреден латентен период, се развива секунарен, зрачно индуциран остеосарком. Латентниот период е обично околу 10 години, по реализираната радиотерапија.

Коскениот сарком е еден од најчестите секундарни тумори, кој се јавува како последица на применетата радиотерапијата во детската возраст. Тоа е и главна причина зошто радиотерапијата често се избегнува во третманот на детските малигноми.

Најчесто овие зрачно индуцирани коскени саркоми се: остеосаркоми, а поретко фибросаркоми и малигни фиброзни хистиоцитоми.

Јонизирачко зрачење и рак на кожа

Ракот на кожата се јавува како доцно соматско оштетување предизвикано од изложеност на кожата на јонизирачко зрачење. Имено, во минатото се користело јонизирачко зрачење ( доза >10Gy) за лекување на бенигни состојби на кожата, како акни, псоријатична кератоза, хемангиоми. Таквото јонизирачко зрачење предизвикува радиодерматит (радијациско воспаление). Радиодерматитот се карактеризира со кожна атрофија, депигментација, телеангиектази (проширени капилари), алопеција (испаѓање на влакната) и кератоза. По еден подолг временски период, кај 20 до 40 % од овие пациенти се јавува планоцелуларен (или базоцелуларен доколку лезијата е на лицето) карцином на кожата.

Исто така, појавата на планоцелуларен карцином на кожата е забележан на рацете кај рендгенолозите, стоматолозите и рендген технолозите, при несоодветна заштита и изложеност на ирадијација на кожата на рацете. Со осовременување на радијациската апаратура и со спроведување на адекватна заштита од јонизирачко зрачење, ризикот за појава на рак на кожата, предизвикан од јонизирачко зрачење, драстично е намален.

 

Тестис

Преглед на тестиси како превентива во навремено откривање на ракот на тестис.
[Преземено од YouTube]

Превенција и скрининг - рак на тестис

За раното откривање на болеста многу е важна едукацијата на младата машка популација. Тие треба да се информираат за раните симптоми и знаци на болеста, за значењето на самопрегледот... 


Рани знаци и симптоми

Многу е важно да машкото точно ја познава големината и обликот на своите тестиси, за да може да ги примети промените. Најчест симптом на карциномот на тестисот е присуство на мала, безболна тврдина... 

Простата

Рак на простатата, раскажува д-р Реј од клиниката за третман на ракот на простата - синхронизирано на македонски јазик.
[Преземено од YouTube]

Што е простата?

Простатата е орган со жлездесто-мускулна структура, чиј алкален секрет влегува во составот на семената течност (сперма)... 


Третман на карциномот на простатата

За одредување на најадекватна тераписка опција за одреден пациент, се разгледуваат многу фактори... 

Дебело црево

Настанување и ширење на ракот на дебелото црево - синхронизирано на македонски јазик.
[Преземено од YouTube]

Следење на болните со карцином на дебелото црево

Карциномот на дебелото црево бара доживотно следење (follow-up)... 


Дијагноза кај карцином на дебелото црево

Дијагнозата се поставува со внимателно земена анамнеза, физикален преглед по системи... 

Кожа

Настанување и типови на ракот на кожата - синхронизирано на македонски јазик.
[Преземено од YouTube]

Рак на кожа

Меланомот претставува малигно буење на меланоцитите, клетки кои го произведуваат пигментот на кожата. Тоа е најмалигни облик на кожен карцином и е најчеста причина за смрт од кожен карцином... 


Симптоми и знаци

Најчесто карциномот започнува како мала, сјајна папула која бавно и постепено се зголемува и по неколку месеци се појавува сјаен, бисерен раб со назначени проширени крвни садови... 

Дојка

Радиотераписки третман кај рак на дојка. Радиотерапијата ја одредува лекар специјалист (радиотерапевт и онколог).
[Преземено од YouTube]

Ширење на ракот на дојката

Ракот на дојката е системско заболување, дисеминиран процес, кој, уште од најраните фази на својот развој, е склон кон метастазирање... 


Симптоми и знаци за појава на рак на дојката

Ракот на дојката во својот почетен, ран стадиум е обично асимптоматски...