• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
Инконтиненцијата (неволно и неконтролирано мочање) кај пациенти со рак на простата Печати

Инконтиненцијата е неспособост за контрола на мочањето. Тоа е неволно испуштање или водење на мочта.

Инконтиненцијата може да даде емоционални проблеми кај пациентите. Таа влијае врз карактерот на мажот, како и врз квалитетот на живот и социјалното битисување - изолирање, ограничени активности, намалена професионална продуктивност, недоразбирање со околината, депресија и потреба од зголемена лична хигиена.

Постојат 3 типа на инконтиненција:

  • стрес инконтиненција,
  • обилна (преплавена) инконтиненција,
  • ургентна инконтиненција.

Стрес инконтиненција

Стрес инконтиненцијата е појава на неволно и неконтролирано испуштање на мочта при зголемен интраабдоминален притисок, кој се јавува при кашлање, кивање, трчање, дигање на тешки предмети, брза промена на положбата на телото (на пример: при брзо станување) или при други физички активности.

Причина за настанувањето на овој проблем е некоординираната работа на мускулите на мочниот меур и мускулот стегач (сфинктер) на мочниот канал.

Во нормални ситуации, кога доаѓа до контракција на мускулите на мочниот меур, доаѓа до зголемен притисок во него и тој притисок ја истиснува мочта надвор.

За да може мочта да излезе надвор, потребно е да дојде до релаксација на мускулот стегач на надворешниот мочен канал (уретрата). Овој мускул на мочниот канал е под контрола на нашата волја и ние волно го стегаме и го опуштаме. На тој начин е можно да го контролираме почетокот на мочањето и да го одложиме доколку се наоѓаме во неадекватна ситуација.

Се смета дека стрес инконтиненцијата по радикалната простатектомија се јавува поради оштетување на мускулот стегач на надворешниот мочен канал како и на нервите кои ја овозможуваат неговата функција. Со тоа оштетување се нарушува и механизамот на нормалното мочање.

Стрес инконтиненцијата е најчест тип на инконтиненција по реализираната радикална простатектомија.

Нормалната функција на мочниот меур и контролата на мочањето обично се регулираат по неколку недели или месеци од радикалната простатектомија.

Стрес инконтиненција е нормална појава по радикалната простатектомија.

Обилна (преплавена) инконтиненција

Овој вид инконтиненција најчесто се јавува поради присуство на карцином на простатата или лузни и стеснувања кој го блокираат или стеснуваат излезот на мочниот меур. Тоа предизвикува тешкотии во празнењето на мочниот меур.

Стеснувањата и лузните може да се јават и како последица на радикалната простатектомија.

Мажите со овој вид на инконтиненција имаат проблеми со отпочнување на мочањето и тоа е со напор, со испрекинат и послаб млаз.

Ургентна инконтиненција

Мажите со овој вид инконтиненција имаат потреба од итно мочање.

Кај пациентите со ургентна инконтиненција, мочниот меур станува премногу чувствителен и на мало количество на насобрана мочка во него, која го растегнува. Последица на тоа е ургентна потреба од мочање.

Овој вид инконтиненција е најчест тип по зрачната терапија и може да се јави и при надворешното зрачење и при брахитерапијата.

Но, може поретко да се јави и како компликација од радикалната простатектомија.

Третман на инконтиненцијата

Третманот на инконтиненцијата зависи од типот, од причината која довела до инконтиненција, како и од нејзиниот интензитет.

Некои мажи се срамат и не сакаат да разговараат за овој проблем, но тој е доста чест. Многу е важно за овој проблем отворено да се разговара со лекарот што порано, бидејќи раното започнување на неговиот третман дава и многу подобри резултати.

Зависно од видот и интензитетот на инконтиненцијата постојат неколку начини за нејзино лекување:

  • примена на Кегеловите вежби за зајакнување на мускулите на малата карлица,
  • медикаментозно лекување,
  • хируршко лекување.

Кегелови вежби - вежби за јакнење на мускулатурата на карличното дно

Доктор Арнолд Кегел уште во 1948 година прв ја предложил примената на вежбите за зајакнување на мускулите на карличниот под, со цел да се подобри функцијата и тонусот. Тоа се вежби на волно стегање и олабавување на мускулот, кој има важна улога во одржувањето на уретралниот притисок (musculus levator ani).

Мускулите на карличниот под во своето тело може да ги лоцирате при следното мочање на следниот начин: ќе се обидете прво да го задржите, а потоа да го пуштите млазот и тоа не стегајќи го стомакот, ниту бутините и задникот. Ако тоа ви успее, значи сте ги лоцирале мускулите за кои се говори.

Основната Кегелова вежба е многу едноставна. Стегнете ги карличните мускули, држете го стегањето десетина секунди, а потоа опуштете ги. Се препорачува вежбата да се повтори десет пати, три пати дневно (вкупно вежбање - 5 минути дневно). Тоа се едноставни вежби, не бараат многу слободно време, се изведуваат без дополнително потребна опрема. Ефектите од овие вежби се забележуваат веќе по еден месец од редовното вежбање и кај повеќето мажи може значително да ја подобрат инконтиненцијата.

Кај поедини пациенти со поизразени симптоми, покрај вежбите може да се примени и електростимулација, како и терапија со лекови.

Во поизразените симптоми, кои се последица на стеснувања на мочните патишта, инкотиненцијата се лекува со отстранување на стеснувањата по хируршки пат.