• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
Дознајте се за хепатитот Ц познат и под името „тивка епидемија“ - Како се добива хепатит Ц? Печати
Индекс на артикл
Дознајте се за хепатитот Ц познат и под името „тивка епидемија“
Како хепатитот Ц делува на црниот дроб?
Како се добива хепатит Ц?
Превенција
Сите страници

Како се добива хепатит Ц?

Вирусот на хепатит Ц се пренесува преку контакт со заразена крв.

Начини на пренесување на хепатит Ц

Трансфузија на крв

Сè до почетокот на 1992 година не постоеле тестови за откривање на вирусот на хепатит Ц во донираната крв. Затоа пред 1992 година, многу инфекции настанувале како последица на трансфузија со заразена крв, а која се давала кај лица кои имале потреба од трансфузија на крв или крвни деривати (конзервирани црвени крвни зрнца или крвни плочки-тромбоцити).

Вообичаени начини на пренесување на вирусот се:

  • заедничка употреба на било кој вид на игли, вклучувајќи ги оние за дрогирање, бушење на ушите и тетовирање,
  • преку трансфузија на крв (пред 1992 година),
  • при случајни убоди со игла кај здравствените работници и
  • било кој друг контакт на крв со крв, како што може да се случи и во тек на сексуална активност.

Случајни убоди со игла кај здравствените работници

Ваквите повреди можат да се случат при давање на мускулни или поткожни инекции, при вадење на крв од вена или со игли кои се употребуваат за поврзување на интравенските преносни системи. Овие незгоди обично се случуваат кога медицинската сестра го вади капачето од иглата или кога иглите не се фрлаат во специјалните контејнери. Исто така, постои и ризик од инфекција при повреда присутна во текот на префрлање на телесните течности од еден во друг сад.

Користење на нелегални дроги

Во денешно време, користењето на заеднички игли за дрогирање е најчест начин на пренесување на вирусот на хепатитот Ц. Луѓето може да се заразат и само со едно земање на дрога.

Други контакти на крв со крв

Било која активност која подразбира ваков контакт може да доведе до инфекција со вирусот на хепатит Ц.

Тоа се:

  • акупунктура, пирсинг на телото или електролиза со нестерилни игли,
  • тетовирање со игли кои не се стерилизирани или се натопени во заразено мастило,
  • заедничко користење на некои предмети за лична хигиена (четкичка за заби, грицкалка за нокти и турпија, жилети за бричење), како и при заедничко користење на предмети од домаќинството, кои можат на себе да имаат крв. На тие предмети на себе може да имаат многу мала количина на крв, која може да биде невидлива за голо око.
  • Незгоди кои се случуваат во здравствената или некои други професии: кај работницита во противпожарната, полициската или итната медицинска служба. Под ризик се и докторите и медицинските сестри.
  • Пренесување на болеста од мајката на нероденото дете,
  • Пренесување на инфекцијата во тек на дијализа,
  • Контакт на крв со крв при сексуален однос помеѓу инфицирано и неинфицирано лице.
    Во овој контекс, менструалната крв би требало да се третира како било кој друг вид на крв. Ризикот од пренесувањето на инфекцијата по сексуален пат не е прецизиран, но се смета дека е многу низок. Ризикот од пренесување на инфекцијата изнесува помалку од 3% кај моногамните врски.
  • Интраназалната (преку носната слузница) употреба на кокаинот преку заеднички сламки или други средства за „ушмркување“ на кокаинот може да доведат до контакт крв со крв, преку раничките на носната слузница.

Бидејќи хепатитот Ц често не се дијагностицира долго години по инфицирањето, некогаш е тешко да се одреди точниот начин, односно случката која довела до инфекција.

Ако не знаете како сте го добиле хепатитот Ц, не сте единствени. Околу 30% од луѓето со хроничен хепатит не знаат како се заразиле со вирусот. Можеби нема да се сетите на медицинската процедура која довела до инфекција. Инфекцијата можеби настанала и преку навлегување на вирусот низ заборавена раничка или посекотина. Истражувачите оваа инфекција ја нарекуваат „спорадична“ инфекција.

Според тоа, инфекцијата може да настане на многу начини. Едноставно, не е ни важно како сте се заразиле. Вашата болест нема многу да се разликува ако сте се заразиле со „ризичното однесување“ или ако сте се заразиле преку трансфузија на крв или незгода на работното место.

Пораката е она што веќе го знаете: Треба да се избегнува секое ризично однесување, а нестерилните игли треба да се фрлат што е можно повнимателно и во специјални медицински контејнери.

Целта на вашиот медицински тим е да ви помогне да закрепнете. Тие не се концентрираат на вашето минато, туку на терапијата и на тоа како да го подобрите своето здравје.