• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
Рак на панкреас Печати
Би сакала да ми дадете совет кои мерки да се превземат за да се дознае зошто седиментацијата и после 7 месеци од операцијата е 290 и има болки одвреме навреме, апетитот речиси го нема. Состојбата не се подобрува. Првите месеци беше подобро, а сега е се полошо. Ни рекоа дека нема метастази. После колку време треба да се провери дали има создадено повторно такво ткиво. И дали сметате дека досега требаше да прима цитостатици?
По операцијата нема примано никакви лекарства.
Ве молам за совет.

Мило ми е што сте го посетиле нашиот портал за ракот. Ова е прв и единствен портал на македонски јазик за малигните заболувања.

Што се однесува до вашето прашање ќе пробам да ви одговорам, иако малку податоци сте внеле во писмото.

Ракот на панкреасот многу ретко се открива во ран стадиум, кога е можно и евентуално излекување. А дури и палијативните третмански постапки ретко го постигнуваат саканиот ефект.

И покрај техничкиот развој и усовршувањето на методите кои овозможуваат откривање на присуство на малигноми, разочарувачки мал напредок е постигнат во откривањето и разбирањето на биологијата на овој малигном, па со тоа е направен и многу мал напредок во терапијата на овој вид на малигно заболување.

Парцијалната панкратектомија (делумно отстранување на панкреасот) или панкреатико-дуоденоктомија (отстранување на целиот панкреас и дванаестопалачното црево) т.н. Whipplе-ова хируршка постапка се единствени хируршки третмани кои можат да доведат до евентуално излекување. Но, ваков вид на операција може да се изведе само кај локализирани карциноми, односно кога туморот не е локално многу напреднат.

Статистиките кажуваат дека ваков вид на оперативен третман може да се изведе само кај 15% од болните, а излечив е кај само 3% од пациентите со рак на панкреас.

Палијативната операција на панкреасот се изведува со цел да се ублажат одредени симптоми на болеста. Кај овој вид на операција, туморот не е изваден во целост, односно велиме, операцијата не е радикална, а со тоа и дел од туморот останува во организмот.

Не наведувате во вашето писмо кој вид на операција е изведен во вашиот случај, па затоа и неможам конкретно да кажам ништо за можноста за излекување или дали била потребна или можна понатамошна дополнителна терапија.

Терапијата на ракот на панкреасот во многу зависи од стадиумот на болеста, од агресивноса на туморот, од возраста на пациентот, како и од неговата општа состојба, но и од други дополнителни, ние ги велиме, прогностички фактори на болеста, односно на туморот.

Што се однесува до хемотерапијата кај ракот на панкреасот, таа се спроведува, но секако во зависност од стадиумот на болеста и од состојбата на пациентот.

Не наведувате дали по оперативниот третман ви било препорачано да се јавите на Институтот за радиотерапија и онкологија во Скопје.

Обично пациентите по хируршкиот третман се праќаат до Институтот за радиотерапија и онкологија и тоа, како за консултација, така и за евентуална терапија, доколку е потребна, а која се спроведува на Институтот.

За тоа дали требало да се прима дополнителна постоперативна терапија одлучува онкологот, врз основа на сите податоци кои се добиени од претходните испитувања, како и од хистопатолошкиот наод, добиен од микроскопскиот преглед на оперативниот материјал. Според тоа, не би можела да кажам, врз основа на вашето писмо, дали таа била потреба и дали можела да се изведе и колкава би била користа од неа, а колкава и штетноста. Бидејќи цитостатската терапија е доста агресивна и некои пациенти и неможат да ја поднесат, доколку се во потешка општа состојба, повозрасни или анемични, или имаат некои други хронични заболувања.

Инаку, ракот на панкреасот спаѓа во тумори кои даваат многу мал, или никаков одговор на цитостатската терапија, т.е. велиме дека се хеморезистентни или слабо осетливи на цитостатска терапија. Но, во извесен број на случаи може да се постигне делумен одговор т.е. делумно и привремено намалување на болеста. Одлуката за примена на хемотерапија ја донесува онкологот, во зависност од податоците за видот на болеста, нејзината проширеност, некои придружни болести кои може да бидат присутни, возраста на пациентот, како и од неговата општа здравствена состојба.

За жал, ракот на панкреасот е многу тешко и сериозно малигно заболување и практично не постои комплетно излекување, туку само продолжување на животот на пациентот.

Сметам дека основно што сте требале да направите по операцијата е да сте се јавеле на Институтот за радиотерапија и онкологија во Скопје. Не давате податок за тоа дали сте биле и побарале совет од кај нас.

Доколку не сте контактирале и побарале совет од онколог, мислам дека би требало тоа да го сторите.

Се надевам дека ви одговорив на вашето прашање.

Поздрав
Д-р Лилјана Ацева