• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Хипофиза Печати

Хипоталамусот и хипофизата претставуваат анатомска и фyнкционална целина, т.н. „хипоталамусно-хипофизна оска“.

Хипофизата или питуитарната жлезда е релативно мала жлезда со маса од околу 0.5 грама. Сместена е во вдлабнатинката наречена турско седло (sella turcica) во базата на черепот. Преку хипофизарната дршка – инфундибулум таа е поврзана со хипоталамусот во кој се сместени повисоките (виши) центри на вегетативниот нервен систем. Токму од хипоталамусот, хипофизата ги добива потребните „инструкции“ за нејзината активност, и тоа преку ослободувачките (realising) хормони. Хипофизата е обвиена со капсула од сврзно ткиво.

Хипофизата е всушност „главна“ жлезда која ги контролира сите останати жлезди со внатрешно лачење (ендокрини жлезди).

Хипофизата се состои од три различни делови, како по функција, така и по градба:

  • Преден резен (pars anterior)
  • Среден резен (pars intermedia)
  • Заден резен (pars posterior)

Предниот дел од хипофизата се означува и како аденохипофиза, додека задниот како неврохипофиза. Средниот дел од хипофизата (pars intermedia) понекогаш се смета за дел од аденохипофизата.

Постојат 6 хипофизни хормони, од кои 4 делуваат на периферните целни жлезди, а 2 делуваат на целни ткива. Секој од овие хормони на хипофизата е контролиран од супстанца која се ствара во хипоталамусот. Овие супстанции се нарекуваат ослободувачки или инхибирачки фактори и тие доведуваат до стимулација или инхибиција на секрецијата на поедини хормони од хипофизата.

Хистолошка градба на хипофизата

Аденохипофиза

Аденохипофизата сочинува околу 80% од волуменот на хипофизата.

Аденохипофизата хистолошки е изградена од жлездени клетки. Традиционално се смета дека аденохипофизата ја градат три вида на клетки: ацидофилни, базофилни и хромофобни клетки. Со имунохистохемиските методи, како и со примената на специфични моноклонални антитела, можна е идентификација на 5 основни типови на секреторни клетки:

  • соматотропни (ацидофилни) клетки, кои го секретираат хормонот за раст (STH),
  • лактотропни, мамотропни (ацидофилни), клетки кои го секретираат пролактинот,
  • кортикотропни (базофилни) клетки, кои го секретираат адренокортикотропниот хормон (ACTH), меланостимулирачкиот хормон (MSH), ендорфин и липотропин,
  • тиреотропни (базофилни) клетки, кои го секретираат тиростимулирачкиот хормон (TSH),
  • гонадотропни (базофилни) клетки, кои го секретираат фоликулостимулирачкиот хормон (FSH) и лутеинизирачкиот хормон (LH).

Секреторните клетки во себе содржат секреторни грсанули со кои се складирани хормони. Имунохистохемијата овозможила да се надмине поранешната хипотеза за „една клетка-еден хормон“ и дека е можна „плурохормоналност“, т.е. присуство на повеќе од еден хормон во една иста клетка.

Покрај секреторните клетки, во аденохипофизата постојат клетки кои не реагираат со моноклоналните антитела, ни на еден до сега познат хормон. Тоа се т.н. хромофобни клетки кои можат да се поделат во 3 групи:

  • секреторно неактивни клетки (оскудно гранулирани клетки кои содржат минимална количина на хормони под прагот на клиничка и имунохистохемиска детекција),
  • несекреторни (нулта) клетки,
  • онкоцити (се смета дека овие клетки се деривати на претходните два типа на клетки).

Неврохипофиза

Неврохипофизата е составена од нервно ткиво. Всушност, неврохипофизата е дел од хипоталамусот, меѓутоа, во неа нема целосни неврони, туку само се наоѓаат нивните нервни влакна и завршетоци. Невроцитите се наоѓаат во хипоталамусот. Од неврохипофизата се излачуваат два хормона:

  • Антидиуретичен хормон (ADH) или вазопресин
  • Окситоцин

Физиологија на хипофизата

Хормони од аденохипофизата

Аденохипофизата лачи стимулирачки (тропни) хормони. Освен хормонот за раст, хормоните од аденохипофизата имаат стимулирачко дејство и врз функцијата на другите ендокрини жлезди (целни жлезди) во организмот. На тој начин, директно или индиректно, тие учествуваат во контролата на метаболизмот, како и во контролата на многу други функции во организмот. Ова е главната причина што хипофизата се смета за еден вид ,,диригент" во еднокриниот систем.

Во аденохипофизата се синтетизираат следниве важни стимулирачки хормони:

  • Соматотропин (STH)
  • Адренокортикотропин (ACTH)
  • Тиреотропин (TSH)
  • Пролактин (LTH)
  • Фоликулостимулирачки хормон (FSH)
  • Лутеинизирачки хормон (LH)

Секрецијата на хормоните од аденохипофизата скоро целосно е контролирана од хипоталамусот. Во хипоталамусот се лачат специјални хормони, наречени ослободувачки хормони. Тие, преку крвта, од хипоталамусот се пренесуваат до аденохипофизата. Овие ослободувачки хормони на хипоталамусот делуваат на посебни жлездени клетки на аденохипофизата и ги стимулираат да излачуваат одделни стимулирачки хормони.

Информациите кои хипоталамусот ги прима од нервиот систем (како промената на концентрацијата на некои хранливи матери, електолити, вода и друго) влијаат преку ослободувачките хормони на секрецијата на хормоните од аденохипофизата.

Соматотропин (STH) или хормон за раст

Соматотропинот (STH) или хормонот за раст (GH) е карактеристичен хормон со општо дејствување. Се продуцира од аденохипофизата и делува на најголемиот дел од телесните ткива, во кои стимулира синтеза на белковини, неопходни за растење. Дејството на соматотропинот е особено изразено во периодот на детството и адолесценцијата до околу 24 годишна возраст, во кој период се одвива интензивното растење на коските.Соматотропниот хормон исто така дејствува и врз вкупниот метаболизам (на метаболизмот на протеините, јагленохидратите и мастите).

При хипофункција (намалена функција) на хипофизата, доаѓа до намалено лачење на хормонот за растење. Тоа е и причина за појава на џуџест раст кај децата.

При хиперфункција (зголемена функција) на хипофизата доаѓа до зголемено лачење на хормонот за растење. Кај децата тоа доведува до појава на хипофизарен гигантизам, а кај возрасните до појава на акромегалија.

Адренокортикотропин (ACTH)

Адренокортикотропниот хормон ја регулира функцијата на кората на надбубрежните жлезди, од која се лачат хормони кои учествуваат во регулацијата на јагленохидратите, на белковините и на мастите.

Адренокортикотропинот ја стимулира синтезата и секрецијата на кортикостероидите.

Тиреотропин (TSH)

Тиреотропинот (TSH) е стимулирачки (тропен) хормон кој го продуцира аденохипофизата. Тој ја регулира функцијата на тироидната (штитната) жлезда

Под негово влијание се стимулира синтезата и секрецијата на тироидните хормони.

Пролактин

Пролактинот (лутеотропен хормон- PRL) ја регулира функцијата на млечните жлезди и стимулира синтеза и секреција на млеко кај жените.

Фоликулостимулирачки хормон (FSH)

Фоликулостимулирачките хормони (FSH) влијаат на половите органи и кај мажот и кај жената. Фоликулостимулирачкиот хормон е хормон од аденохипофизата, кој го стимулира растот на фоликулите и созревањето на јајната клетка кај жените.

Фоликулостимулирачкиот хормон (FSH), исто така има важна улога во продукцијата на сперма. Овој хормон ја стимулира функцијата на сартолиевите клетки во тестисите. Сартолиевите клетки се специјализирани тестикуларни клетки, кои се одговорни за созревањето на сперматидите (незрелите сперматозоиди)

Иста функција има и на тестисите. FSH is also critical for sperm production. It supports the function of Sertoli cells, which in turn support many aspects of sperm cell maturation.

Лутеинизирачки хормон (LH)

Некои од функциите на лутеинизирачкиот хормон (LH) се:

  • Кај жените: стимулира формирање на жолто тело и секреција на полови хормони (естрогени).
  • Кај мажите: ги стимулира интерстициските клетки на тестисите да создаваат машки полов хормон-тестостерон.

Хормон на средниот резен

Меланотропин

Средниот резен на хипофизата го излачува меланотропинот, хормон кој ја поттикнува секреција на меланин во меланоцитите.

Хормони од неврохипофизата

Хормоните од неврохипофизата се синтетизираат во хипоталамусот, а се излачуваат на нервните завршетоци во самата неврохипофиза. Таа е еден вид „резервоар“ за овие хормони. Овие хормони се излачуваат од неврохипофизата под влијание на нервните импулси од хипоталамусот.

Од неврохипофизата се излачуваат два хормона:

  • Антидиуретичен хормон (ADH) или вазопресин
  • Окситоцин

Антидиуретичен хормон (ADH) или вазопресин

Антидиуретичниот хормон (ADH) или вазопресин се секретира од неврохипофизата и влијае врз метаболизмот на водата акј човекот. Овој хормон го инхибира исфрлањето на вода преку мочката. Ова дејство на вазопресинот се одвива преку реапсорпција на водата од примарната мочка во дисталните бубрежни каналчиња. Недостигот на секреција на ADH во организмот предизвикува воден дијабетес (Diabetes insipidus), додека преголемата секреција на овој хормон предизвикува стеснување на крвните садови, како резултат на што доаѓа до зголемување на крвниот притисок.

Окситоцин

Окситоцинот е хормон кој се секретира од неврохипофизата. Тој учествува при породувањето и доењето нас новороденчето. При породувањето, окситоцинот предизвикува контракција на мазната мускулатура на матката, со што го потпомага породувањето, додека во периодот на доењето, окитоцинот предизвикува контракција на каналите од млечните жлезди, со што се овозможува лесна секреција на млекото.