• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
Засипнатост на гласот – можен знак за рак на гркланот? Печати
Веќе подолго време имам засипнат глас. Бев на лекар и тој ми препиша антибиотска терапија, претпоставувајќи дека се работи за бактериска инфекција и акутно воспаление на гласните жици. Но, и по примањето на антибиотската терапија, засипнатоста на гласот не ми се повлече. Таа трае повеќе од 2 масеци. Се плашам да не е нешто сериозно, бидејќи сум слушнал дека засипнатоста, доколку долго трае може да биде знак за постоење на полипи или дури и рак на гласните жици.
Би ве молел да ми кажете нешто повеќе за симптомите на ракот на грлото и за тоа дали треба да направам некои дополнителни испитувања.
Неизвесноста и стравот ме измачуваат.

Како почетен и најчест симптом на ракот на гркланот е засипнатоста на гласот, која трае долго време и се продлабочува. Поголемиот број на карциноми се локализирани на гласните жици. Овие тумори ретко се болни. Туморите локализирани во пределот над гласните жици може да бидат причина и за појава на тврдина на вратот, болки во пределот на увото, болки во грлото, непријатност и чувство на гребење при актот на голтање.

Туморите сместени во пределот под гласните жици можат да го отежнат дишењето, а дишењето да биде гласно.

Сувата надразнувачка кашлица како и чувството на присутно туѓо тело во грлото можат да бидат знаци на карцином на гркланот.

Како што туморот расте, може да се јават и други симптоми како што се: болки во грлото и вратот, губиток на тежина, непријатен здив од устата, често гушење при голтање на храната. Во некои случаи туморот може значително да го отежни и голтањето.

Сите овие симптоми можат да бидат предизвикани од ракот на гркланот, но и од други, помалку сериозни заболувања. Сепак, присуство на еден или повеќе од набројаните симптоми бара итен лекарски преглед.

Според тоа, бидејќи кај вас постои долготрајна засипнатост, која не исчезнала по антибиотска терапија, треба итно да се јавите на лекар т.е. кај специјалист за уво, нос и грло (оториноларинголог).

Симптоми и знаци кои бараат итен лекарски преглед се:

  • Засипнатост која трае повеќе од 15 дена,
  • Чувство на страно тело во грлото,
  • Надразнувачка сува кашлица,
  • Крвен исплувок,
  • Појава на зголемен лимфен јазол на вратот.

Треба без страв да се јавите кај својот лекар. Само така ќе може да се открие карциномот на време, а со тоа и лекувањето ќе биде поуспешно.

И уште еднаш би сакала да ви напоменам, дека сите овие претходно наведени симптоми, не значат и сигурно присуство на рак на гркланот. Засипнатост и сува надразнувачка кашлица може да се јават и при бенигни израстоци на гркланот како што се полипите на гласните жици и папиломите на грлото.

Се надевам дека ќе го послушате мојот совет и ќе се јавите на преглед кај специјалист, оториноларинголог.

Поздрав,

Др. Л. Ацева
специјалист радиотерапевт и онколог