• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
Промени на десниот тестис? Каде да се обратам за преглед? Печати
По гледањето на вашиот прилог за ракот на тестисот, кој одеше во рамките на емисијата Журнал на Сител телевизија, почнав малку да се загрижувам, бидејќи веке повеќе години напипувам безболна тврдина на десниот тестис, која е безболна и која до сега не растеше. Но, во последниов месец дена, промената се зголемува, па затоа и ме загружува. Ве молам да ми кажете каде да се обратам за овој проблем и кои испитувања е потребно да ги направам.

Секоја промена на на тестисот, која не била присутна порано, а која не се повлекува, треба да се испита. Тоа не значи дека и секоја промена на тестисот е и сигурно постоење на рак. Постојат и други заболувања, кои може да доведат до појава на вакви промени, како што е хидроцелата, или народски наречена водена вреќа, или може да биде присутна циста на тестисот, која е бенигна творба и лесно може хируршки да се отстрани.

Но сепак, за да се утврди точната природа на промената, потребно е да се направат некои испитувања.

Јас ви препорачувам да дојдете на нашиот Институт, Институт за радиотерапија и онкологија во Скопје, каде најпрво следи преглед од страна на онкологот, кој првично врз ознова на физикалниот преглед ќе оцени каква е промената, а и ќе ве упати на дополнителни испитувања.

Првично се прави лабораториско испитување на крвта. Во рутинските испитувања на крвта спаѓаат: преглед на комплетната крвна слика, на седиментацијата и други биохемиски испитувања за утврдување на функцијата на другите органи и системи (ниво на серумскиот креатинин,на уреата, на алкална и кисела фосфатаза, нивото на хепатални ензими, на електролитите и др.)

Од лабораториските испитувања од голема важност се и испитувањето на специфични туморски маркери во крвта.

Во поставувањето на дијагнозата помага и одредувањето на нивото на специфичните туморски маркери, а тоа се алфафетопротеинот (АФП) хуманиот хориогонадотропин (бХЦГ), како и ензимот-лактат дехидрогеназа (ЛДХ) во серумот. Нивните вредности може да бидат повисоки од нормалните (референтни) вредности, но, може да имаат нормални вредности доколку е туморот мал.

Затоа нивното ниво во крвта се користи и во одредување на проширеноста на туморот, предвидувањето на прогнозата, следењето на одговорот на терапијата, како и при следењето на пациетите по завршувањето на терапијата и повлекувањето на болеста. Повторно покачување на туморските маркери над нивото на референтните вредности значи и активирање на болеста (повторување на болеста-рецидив на болеста).

Друго дијагностиичка процедура е ехотомографски преглед на тестисот. Оваа метода е едноставна, специфична и сензитивна. Тоа е метода која со голема сигурност може да ја постави правата дијагноза. Карциномот на тестисот има специфични ултразвучни карактеристики, со кои се разликува од оние на бенигните маси или на хидроцелата (водена циста).

По овие испитувања, ќе може со голема сигурност да се каже за каква промена се работи.

Затоа ви препорачувам да додјете на преглед на Клиниката за радиотерапија и онкологија и да видиме за каква промена се работи, конкретно во вашиот случај. Нема потреба од страв, бидејќи, како што ви напоменав, секоја промена не значи и рак, но секако дека треба да се испита, за да евентуално не се превиди постоењето на рак, кој е излечив, посебно во неговата почетна, рана фаза.

Се надевам дека ќе го послушате мојот совет и ќе се јавите на преглед.

Поздрав,

Др. Л. Ацева
специјалист радиотерапевт и онколог