• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
Дали ракот на дојката се наследува? Печати
Имам 34 години. Мојата мајка, а и мојата баба беа оперирани од рак на дојка. По операцијата и двете примаа дополнителна терапија на Институтот за радиотерапија и онкологија. Сум слушнала дека ракот на дојката може да биде наследен. Дали треба да направам некои испитувања и кои?
Однапред ви благодарам.

Како и за сите други карциноми кои се јавуваат кај луѓето, така и за ракот на дојката причините за неговото јавување не се познати.

Сеуште не може да се објасни зошто некои жени заболуваат, а други не.

Постојат одредени фактори на ризик кои ја зголемуваат можноста од појава на оваа болест кај некои жени. Меѓу другите фактори на ризик е и генетскиот фактор, односно постоењето на позитивна фамилијарна историја на болеста.

Жените со позитивна фамилијарна анамнеза, односно, кај кои некој од женските членови од семејството боледува од карцином во дојката, имаат поголем ризик за појава на карцином. Ризикот е поголем доколку од оваа болест е заболен роднина од прв степен (мајка, сестра) и тие имаат 1.7 - 2.5 пати поголем ризик, а за сродници од втор степен, факторот на ризик е 1.5.

Во многу студии се изнесени резултатите во однос на бројот на заболени во фамилијата, кои имале унилатерален и билатерален рак на дојката и се дошло до проценка дека веројатноста жена од 30 годишна возраст, до својата 70-та година, да добие рак на дојката е 28%, доколку има две сестри со рак на дојка, од кои едната со билатерален, а веројатноста е 25%, ако мајка и сестра имат рак на дојка, од кои едната е билатерална.

За другите фактори на ризик за ракот на дојката можете подетално да прочитате на нашиот портал, на овој линк:

За рано откривање на ракот на ракот на дојката се препорачуват редовни самопрегледи на дојката Наједноставен начин за рано откривање на било какви промени на дојките е прегледот кој секоја, претходно добро обучена жена сама ќе го изведе на своите дојки. Секоја жена најдобро го познава своето тело и најрано ќе забележи било каква промена на своите дојки.

Самопрегледот е најефтина, наједноставна, најбезбедна, а воедно и најефикасна скрининг метода.

Секоја жена, по 20 годишна возраст, би требало сама да ги прегледа дојките еднаш месечно.

При секој самопреглед на дојките мора да внимава на неколку важни моменти:

Време кога се изведува самопреглед.

Самопрегледот на дојките треба да го изведете во периодот од петтиот до десеттиот ден по почетокот на менструацијата. Причината е што во овој период постои хормонска стабилност на женските полови хормони и нивното влијание врз структурата на дојките тогаш е најмало.

Жените во менопауза треба сами да си одредат еден ден во месецот за самопреглед и да по можност, секогаш да ги прегледуваат своите дојки истиот ден.

Самопрегледот треба да го изведувате редовно секој месец и истиот трае околу 10 минути.

Какви промени се бараат при самопрегледот

При самопрегледот, жената треба да се обрне внимание на следниве промени:

  • промена во обликот или големината на дојката,
  • набораност на кожата,
  • тврдина во дојката,
  • исцедок од брадавката на дојката (гној, крв, млеко),
  • вовлекување на брадавката,
  • црвенило околу брадавката,
  • раничка на кожата на дојката,
  • отечена жлезда во пазувата.

Скрининг прегледите се препорачуваат за здравите жени, кај кои не постојат никакви знаци на болест. Овие прегледи се прават со цел да се постави рана дијагноза на ракот на дојката, со што се постигнува и успешно лекување.

За таа цел се прават скрининзи по пат на клинички преглед, мамографија, ехотомографски преглед на дојките. Овие скрининг процедури се едноставни, лесно прифатливи за пациентот и се многу корисни за рана дијагноза.

Посебно редовен скрининг треба да се спроведува кај жени кои имаат еден или повеќе фактори на ризик да заболат од рак на дојката. Редовни скрининг прегледи треба да се спроведуваат посебно кај ризичната група т.е. кај жените од 4-та до 6-та деценија од животот.

Препорака за рано откривање на ракот на дојката според American College of Radiology and The National Cancer Institute(Гералд, 1989):

  • Самопреглед на дојките еднаш месечно, најдобро по 10-15 дена од почетокот на менструалниот циклус, почнувајќи веќе од 20 годишна возраст.
  • Клинички преглед на дојките на секои три години кај жени од 20 до 40 годишна возраст. Кај жени над 40 годишна возраст, посебно кај оние со висок ризик за појава на рак на дојка, се препорачува клинички преглед еднаш годишно.
  • Скрининг мамографија, за жени од 40 до 49 годишна возраст, се препорачува да се прави на секои 1-2 години, а кај жени од 50 годишна возраст и постари, да се прави мамографија еднаш годишно.
  • Биопсија, во случај на откривање на тврдина во дојката при клинички преглед или при мамографски докажан тумор во дојката.

Се надевам дека ви одговорив на вашето прашање.

Поздрав,

Др. Л. Ацева
специјалист радиотерапевт и онколог