• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Дијагностички постапки Печати

Дијагноза на нефробластом

За поставувањето на дијагнозата на нефробластомот се користат повеќе дијагностички постапки.

Постојат првични и дополнителни дијагностички тестови и постапки.

Првични дијагностички постапки

  • општ лекарски преглед (анамнеза и физикален преглед по системи),
  • лабораториски анализи на крвта и мочката.

Општ лекарски преглед

Првична дијагностичка постапка е општиот лекарски преглед, кој се состои од земање на детална анамнеза за болеста, како и детален физикален преглед по системи.

Прегледот започнува со земање на анамнеза, т.е лекарот го испрашува детето (или доколку е тоа мало, податоците ги даваат неговите родители – хетероанамнеза) за историјата и развојот на болеста. Овој дел од прегледот речиси целосно зависи од способноста на лекарот за воспоставување на контакт и здобивање на довербата на детето. Утврдувањето на вистинскиот проблем на детето може да биде доста тежок процес, доста често тоа е исплашено и вознемирено. Затоа анамнезата бара големо внимание и трпеливост од страна на лекарот.

Вториот дел е физикалниот преглед, односно преглед по органски системи.

Секако дека при физикалниот преглед најголемо внимание се обрнува на оние органи и делови од телото за кои детето се жали, но при секој преглед рутински се изведуват аускултација со стетоскоп („слушање“) на градниот кош и мерење на крвниот притисок.

Физикалниот преглед подразбира преглед на телото, при што прво лекарот го зема во предвид изгледот на пациентот, неговата висина, ухранетост и дали остава впечаток на лесно, средно или тешко болен пациент. Обично прегледот започнува од главата па надолу.

На градниот кош се врши аускултација со стетоскоп, со што се прегледуваат белите дробови и срцето.

Преглед на стомакот е рутиска процедура при општиот лекарски преглед.

Посебно се обрнува внимание на прегледот на стомакот кога детето се жали на болка. При прегледот се изведува палпација („напипување“) на органите (особено внимание се посветува на црниот дроб како и на болните точки). Со овој преглед лекарот може да ја напипа безболната туморска маса во абдоменот.

Една од најтешките состојби за утврдување на точна дијагноза е акутен абдомен, односно нагла силна болка во стомакот, поради големиот број на болести кои имаат речиси исти симптоми и кои речиси сите се животозагрозувачки, доколку првилно не се лечат. кај децата со нефробластом може да дојде до развој на акутен абдомен поради руптурата (прскање) на туморот, често предизвикана од мала повреда.

Во зависност од симптомите, прегледот продолжува на екстремитетите, рацете и нозете, каде се гледа опсегот на нивното движење, се проверува пулсот во периферните артерии и друго.

Општиот преглед би требало да трае минимално 15 минути и истиот треба да се изведува во потполна дискреција.

Лабораториска анализа на крвта и мочката

По земените податоци за историјата на болеста и нејзиниот развој, како и по извршениот физикален преглед, рутински се прави лабораториска анализа на крвта и мочката

Лабораториските испитувања се многу важни првични дијагностички методи.

Во рутински испитувања на крвта спаѓаат: крвна слика и седиментација.

Покрај рутинските испитувања, потребно е да се испитаат и хепаталните ензими, алкалната и киселата фосфатаза, уреата, креатиннот и електролитите.

Посебно, доколку постои сомневање за нефробластом, треба да се испита нивото на ренин и на еритропоетин во крвта, кои може да бидат покачени кај пациентите со нефробластом.

Wilms-овиот тумор може понекогаш да произведува анти-von Willebrand-ov factor, кој доведува до пореметувања на коагулацијата, па затоа треба да се направат и коагулциски тестови на крвта.

Анализи на крвта: коагулограм, посебно активираното парцијално тромбопластинско време (АПТВ), испитување на нивото на ренин и еритропоетин.

Лабораториската анализа на урината може да покаже присутна протеинурија (зголемена количина на протеини во мочка). Овој наод може да упатува на Denys-Drash-ов синдром, со истовремено зголемен ризик за развој на билатерална болест (зафаќање на двата бубрега.

Исто така се испитува и присуството на крв во мочката. Хематурија е откриена кај 20% од пациентите.

Присуството на зголемени вредости на винилманделичната киселина (ВМА) во мочката укажува на невробластом, или на ретроперитонеален тумор, кој најчесто е од небубрежно потекло.

Анализа на мочка: испитување на концентрацијата на протеини и на винилманделичната киселина (ВМА), испитување на присуство на крв во мочката.

Дополнителни дијагностички испитувања

По општиот лекарски предглед и комплетната биохемиска анализа на крвта и мочката, лекарот веќе може да се посомнева за постоење на нефробластом и ќе назначи некои дополнителни испитувања.

Дополнителните испитувања опфаќаат бројни дијагностички процедури, со кои се поставува точната дијагноза на болеста, но исто така, се одредува и стадиумот на болеста, кој е многу важен прогностички фактор.

Дополнителни испитувања за нефробластомот се:

  • Ехотомографски преглед на абдомен,
  • Компјутерска томографија на абдомен,
  • Магнетна резонанца на абдомен,
  • Рендгенграфија на бели дробови,
  • Сцинтиграфија (скен) на скелет,
  • Компјутеризирана томографија на мозок.

Ехотомографски преглед (ултразвук) на абдомен

Ехотомографскиот преглед (ултразвук) користи звуци со висока фрекфенција, кои преку сонда се насочуваат кон телото на пациентот. Преку истата сонда се регистрираат одбиените зрачни бранови и врз основа на разликата од влезниот сноп на ултразвучните зраци и одбиените зраци се добива слика за внатрешните органи и структури на телото. Таа слика се гледа на монитор.

Ехотомографскиот преглед на абдоменот го прикажува туморот, неговата големина и локална проширеност. Посебни карактеристики кои се проценуваат со ултразвукот се ширењето на туморот во бубрежната вена или во долната шуплива вена (vena cava inferior), како и присуството на крварења во туморот, кои често се присутни.

Исто така, ехотомографскиот преглед на абдоменот ни дава преглед и на сите други органи и структури во абдоменот, а посебно е корисна дијагностичка метода за откривање на метастази во црниот дроб и лимфните јазли.

Компјутерска томографија на абдомен

Компјутерската томографија (КТ) користи посебна опрема со рендген зраци за добивање на слики од телото од различни агли. Податоците се анализираат и се обработуваат со помош на компјутер. Така се добиваат дигитални слики кои прикажуваат пресеци на телото низ органите и ткивата. На тој начин се овозможува тродимензионален детален приказ на надолжни и на напречни пресеци на сите ткива и органи. КТ е најпрецизна дијагностичка метода.

КТ дава морфолошки изглед на нефробластомот, овозможува да се измери неговата големина, да се утврди прецизната локализација на туморот како и неговата проширеност во околните ткива и структури.

КТ јасно ја покажува бубрежната генеза на туморот, како и анатомијата на другиот бибрег и придонесува за проценка на ширењето на туморот во долната шуплива вена, што е и индикација за спроведување на предоперативна (неоадјувантна) хемотерапија.

КТ се користи за планирање и за соодветно администрирање на радиотерапијата со помош на КТ симулатор.

КТ се користи за прецизно водење на биопсијата и на другите минимално инвазивни процедури, како и за планирање на хируршкиот третман и за утврдување на операбилноста на туморот.

Оваа дијагностичка процедура е безболна и не дава несакани ефекти.

Магнетна резонанца (МРИ)

При прегледот со магнетна резонанца се користат силни магнетни полиња, со кои се добиваат неверојатно јасни и детални слики од внатрешните органи и ткива.

При МРИ пациентот не се изложува на дополнително озрачување, бидејќи се користат електромагнетни бранови. Тоа е безболна процедура без несакани ефекти.

Оваа дијагностичка процедура може да помогне во откривањето на присутни метастази во лимфните јазли или коските.

Рендгенграфија на бели дробови

Се прави нативна снимка во два правци. Со оваа метода може да се откријат евентуално присутните метастази во белите дробови, како и во лимфните јазли во градниот кош. Оваа дијагностичка процедура е многу важна за одредување на стадиумот на болеста. Доколку постои сомневање за присуство на метастази во белите дробови, лекарот може да назначи и компјутерска томографија на градниот кош.

Сцинтиграфски преглед (скен) на скелет

Нефробластомот може да даде коскени метастази, кои настануваат со расејување на карциномските клетки преку крвта. Може да биде зафатена било која коска од телото, но најчесто промените се во ‘рбетот и на карлицата.

Обично сцинтиграфскиот преглед се прави кај пациенти со неповолна хистологија („clear cel“ сарком и рабдоидни тумори). Таа помага во одредувањето на стадиумот на болеста.

Со сцинтиграфскиот преглед на скелетот се метасазите во целиот скелет.

Прегледот се изведува со претходно вбризгување на раствор со радиоактивен технициум кој се аплицира во вена. По 90 минути од аплицирањето се прави сцинтиграфскиот преглед. Радиоактивниот технициум се депонира во метастазичните промени во сите коски од скелетот и на тој начин се добива снимка на која се гледаат метастазите како темни зони.

Методата е безболна и не дава никакви несакани ефекти. Многу е прецизна и со неа може да се откријат и најмали промени.

Компјутеризирана томографија на мозок

Компјутеризираната томографија на мозокот се прави кога постои сомневање за присуство на метастази во мозокот. Со оваа метода може прецизно да се локализираат метастазите го мозокот, како и да се одреди нивниот број и големина.