• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Симптоми кај нефробластом Печати

Нефробластомот типично се презентира со присутво на безболна туморска маса во абдоменот, кај навидум здраво дете. Оваа туморска творба обично се открива случајно од страна на родителите или од страна на докторот.

Други малигни тумори кои се презентират со туморска маса во абдоменот се: рабдомиосаркомот, неуробластомот и туморите на црниот дроб.

Болката не е чест симптом и најчесто е последица на крварење во туморот.

Крв во мочката (хематурија) се јавува кај 10-15% од случаите.

Руптурата (прскање) на туморот, како последица на мала повреда, може да доведе до развој на акутен абдомен.

Кај изразито големи тумори може да се јави и левострана варикоцела (проширени вени на тестисот и скротумот).

Зголемен крвен притисок (хипертензија) се јавува како симптом кај мезобластните нефроми. Присуството на зголемен крвен притисок (хипертензија) може да се јави како последица на зголемената продукција на ренин од самиот тумор.

Можна е и појава на еритроцитоза (зголемен број на црвени крвни зрца во крвта), која се јавува како последица на зголемената секреција на еритропоетин. Еритропоетинот е гликопротеин, ткивен хормон кој го секретираат бубрезите. Тој ја стимулира еритропоезата (процес на создавање на црвени крвни зрнца) во коскената срцевина.

Може да се јават и вагус симптоми на абдоминална болка, треска, губење на телесна тежина, општа слабост и малаксаност.

Симптомите на метастатското ширење на туморот се ретки.

Сите овие симптоми го зголемуваат сомневањето за постоење на нефробластом.