• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Што е остеопороза - Дијагноза на остеопороза Печати
Индекс на артикл
Што е остеопороза
Епидемиологија на остеопорозата
Фактори на ризик
Симптоми
Дијагноза на остеопороза
Превенција
Препораки
Сите страници

Дијагноза на остеопороза

Во поставувањето на дијагнозата има важна улога општиот лекарски преглед, што подразбира земање на детална анамнеза од пациентот и физикален преглед по системи.

Пациентот го информира лекарот за присутните фактори на ризик, кои може да довеле до развој на остеопороза, како и за евентуално присутните симптоми и знаци на болеста.

Лекарот по деталната анамнеза и физикален преглед назначува одредени дијагностички постапки со кои може да се докаже остеопорозата.

Во дијагностички постапки за остеопорозата спаѓаат:

  • рендгенско снимање на коските,
  • сцинтиграфски преглед на скелет,
  • лабораториски тестови,
  • тестови за одредување на коскената густина.

Рендгенско снимање на коските

Ова е најмалку осетлива метода, бидејќи губитокот на коската е видлив на рендгенска снимка само кога е коскената маса намалена 30-50%.

Според тоа, со рендгенграфијата неможе да се постави дијагноза во почетниот стадиум на остеопорозата.

Кај пациенти кај кои не постои остеопоротична фрактура, туку само намалена коскена густина, рендгенграфијата може да даде и нормален наод, бидејќи со оваа метода може да се дијагностицира остеопорозата само ако постои губиток на коскена маса повеќе од 30%.

Според тоа, оваа дијагностичка метода не е погодна за рано откривање на остеопорозата.

Кај понапреднатите промени, рендгенграфиите на `рбетниот столб можат да прикажат промени на прешленските тела и присутни фрактури.

Радиолошката дијагноза е значајна кога постои:

  • сомневање за остеопоротична фрактура,
  • намалена телесна висина повеќе од 4 cm,
  • акутна коскена болка,
  • клиничко сомневање за остеопороза, при постоење на уреден DEXA наод.

Мерењето на BMD so DEXA методата и понатаму претставува златен стандард за раната дијагноза на остеопорозата.

Сцинтиграфски преглед (скен) на скелетот

Кај некои пациенти треба да се направи и сцинтиграфски преглед на скелетот.

Овие тестови се користат и за дијагностицирање на рак на коските, коскени лезии, воспаленија и сл.

Овој преглед се изведува со претходно вбризгување на раствор со радиоактивен технициум кој се аплицира во вена. По 90 минути од аплицирањето се прави сцинтиграфскиот преглед. Методата е безболна и не дава никакви несакани ефекти.

Сцинтиграфијата на скелетот е прецизна дијагностичкса метода со која може да се откријат и најмали промени.

Оваа дијагностичка постапка е различна од тестовите за одредување на коскена густина.

Лабораториски тестови

Кај секој пациент, кај кои постои сомневање за остеопороза, треба да се направат одредени лабораториски испитувања на крвта и мочката.

Лабораториски испитувања на крвта

Првично се изведуваат рутински лабораториски испитувања на крвта. Во рутински испитувања на крвта спаѓаат: крвна слика и седиментација. Покрај ова, потребно е да се испитаат и хепаталните ензими, алкалната и киселата фосфатаза, уреата, креатиннот и електролитите, посебно нивото на калциум во крвта.

Најчесто употребувани лабораториски тестови кои се изведуваат за откривање и пратење на остеопороза се:

  • ниво на калциум во крв,
  • ниво на витамин Д во крв,
  • тироидна функција,
  • ниво на паратироидни хормони,
  • ниво на естроген кај жени,
  • утврдување на ниво на фоликуло-стимулирачки хормон ( за утврдување на менопауза),
  • ниво на тестостерон кај мажи,
  • одредување на остеокалцин, за испитување на формирањето на ново коскено ткиво.

Се прави и испитување на 24-часовна мочка, за одредување на метаболизмот на калциум.

Тестови за одредување на коскена густина

DEXA (Dual Energy X-ray Absorptiometry) - тест за мерење на густината на коските

Остеодензитометрија или DEXA (Dual Energy X-ray Absorptiometry) е златен стандард во дијагностиката на остеопорозата.

Со оваа дијагностичка метода се овозможува прецизно мерење на коскената густина. Со неа може да се открие остеопорозата во најраните фази, кога и терапијата е поуспешна и кога е можно да се спречи појавата на фрактури.

Со оваа метода може да се одреди ризикот од фрактури кај одреден пациент, а исто така и да се следи ефектот од применетата терапија.

При оваа дијагностичка метода постои минимално озрачување на пациентот. Ова е неинвазивна метода, односно за нејзино спроведување не се потребни претходни припреми на пациентот, ниту давање на одредени контрасни средства или седативи.

Со DEXA апаратот, покрај тоа што се овозможува поставување на рана и сигурна дијагноза на остеопорозата, се овозможува и пратење на ефектот од применетата терапија.

Прегледот е безболен и едноставен за пациентот, и трае околу 15-20 минути.

Иако при оваа дијагностичка процедура се користат X-зраци, озрачувањето на пациентот е минимално, дури 150 пати помало од озрачувањето при рендгенграфско снимање на белите дробови.

Прецизноста на апаратот е многу голема. Самиот апарат има еден дел кој се се движи, така да пациентот не мора да ја менува својата положба, што е многу важно за пациентите со голем степен на инвалидитет или со постоечки фрактури.

За да се постави рана дијагноза на остеопорозата треба да се направи мерење на минералната коскена густина (BMD) во gr/cm2 со помош на DEXA методата, која е базирана на нискоенергетско рендгенско зрачење.

Мерењето се врши на слабинските `рбетни прешлени и колкот или на двата колка, зависно од можностите на апаратот. Добиените резултати се споредуваат со вредностите на коскената густина на здраво лице, на возраст од 30 години (Т-збир изразен во СД - стандардна девијација) и со вредностите на коскената густина на лице со иста возраст (Z- збир изрзен во СД).

Т-збирот, врз основа на кој се поставува дензитометриската дијагноза на остеопорозата, претставува отстапување на измерената вредност на BMD (bone mineral density – минерална коскена густина) од средната коскена густина на младите, здрави лица од ист пол (средна вредност на BMD на 30 годишњак).

Т-збирот се изразува во стандардни девијации (СД).

Стандардна девијација (СД) 1 значи губиток на коскена маса за 10%.

Норален наод на Т-збирот е до 1. Вредности на Т-збирот од 1 до 2.5 укажуваат на присутна остеопенија или намалена коскена густина, додека пак вредности на Т-збирот од 2.5 и повеќе укажуваат на присутна остеопороза.

BMD е најважен фактор за проценка на ризикот од фрактура (намалување на BMD е сигурен и независен фактор на ризик за фрактура), за селектирање на лицата кои треба да се лекуваат, како и за проценка на терапискиот ефект.

Дензитометриска дијагноза на остеопорозата према препораките на Светската Здравствена Организација (СЗО)

Нормална коскена густина

Т-збир +1СД до –1СД

Остеопенија

Т-збир –1СД до –2, 5СД

Остеопороза

Т-збир помал од -2, 5 СД со присутни фрактури

Според Интернационалното здружение за клиничка дензитометрија (ISCD), резултатите од мерењата може да ги протолкува само лекар кој е обучен за работа на дензитометрија.

Периферната DEXA-ја мери минералната густина на коската на петата (кај постменопаузална остеопороза) и на подлактицата (кај сенилна остеопороза, хиперпаратиреоидизам).

Периферната остеодензитометрија е корисна метода за тешко подвижните или неподвижните болни, како и за оние кои имаат изразени дегенеративни промени, деформации или компресивни фрактури на слабинските прешлени.

Индикации за BMD тестирање се:

  • сите жени во постменопауза, помлади од 65 години и со присутен еден или повеќе фактори на ризик,
  • сите жени постари од 65 години,
  • жените во постменопауза со присутни фрактури, со цел да се процени тежината на болеста и да се прати ефектот од применетата терапија,
  • мажи од 70 години и постари, кај кои постои клиничко сомневање за остеопороза,
  • пратење на ефектот од лекувањето (по 1 до 2 години од применетата терапија).

Мерењето на BMD не треба да се прави:

  • како скрининг метода,
  • кај постменопаузални жени кои немаат фактори на ризик,
  • за поставување на дијагноза на остеопорозата, кога е таа јасна (присутни фрактури на прешлените),
  • како дијагностички метод во испитувањето на болката,
  • кај лица постари од 80 години со присутни фрактури и лоша општа состојба.

Подготовка за прегледот

За самиот преглед не се потребни посебни подготовки на пациентот, но важно е пациентот да не јаде или пие било што што може да содржи калциум или магнезиум (на пр. млеко) еден ден пред прегледот.

Изведување на прегледот

DEXA е безбедна и безболна метода, при која не се употребуваат инекции, средства за смирување и сл. За време на прегледот пациентот лежи на маса, нормално облечен, додека системот скенира еден или повеќе делови од коскениот систем (обично долниот дел на рбетот или карлицата).

Принципот на функционирање на DEXA е со рентген зраци, но зрачењето при прегледот е помало од онаа при снимање со рентген на градниот кош.

За изведување на DEXA се потребни посебни просторни услови и посебно обучен персонал. Самиот преглед го изведува специјалист, најчесто радиолог, кој е посебно обучен за изведување на тестот. Тестот трае околу 15-20 минути и резултатите се достапни речиси уште истиот ден.

Ултразвучна остеодензитометрија

Ултразвучна остеодензитометрија е брза и економична метода која не користи рендген зраци, поради што и пациентот не се озрачува за време на постапката.

Мерењето се врши на коската на петата. Се мерат 3 параметри и се пресметуваат во очекуван Т-збир. Оваа метода има значење како скининг метода, важна е за епидемиолошки студии, а посебно е важна за проценка на ризикот од фрактура.

Не може да се постави дијагноза на остеопороза врз ознова на ултразвучна остеодензитометрија, туку само врз основа на мерење на BMD на скелетот.

Ако Т-збирот е помал од – 1.0 и се присутни фактори на ризик, обавезно треба се направи мерење на коскената густина (BMD) на скелетот со DEXA методата.

Квантитативна Компјутерска Томографија (ККТ)

Квантитативната компјутерска томографија е брза, неинвазивна метода за одредување на густината на коскеното минерализирано ткиво, која користи компјутерска томографска (КТ) технологија.

Квантитативната компјутерска томографија детектира намалена густина на коскено ткиво и, исто така, со неа може да се следи ефектот од терапијата.

За време на прегледот се испитуваат `рбетниот столб и карлицата за утврдување на намалена густина на коскеното ткиво, односно остеопороза. ККТ е единствениот преглед со кој е можен тродимензионален коскен преглед.

Со ККТ се одредува посебно густината на метаболно-активниот дел од коската-трабекуларниот дел и посебно цврстиот, надворешен дел на коските.

Бидејќи „мекиот“ дел од коските е порано зафатен од остеопороза во однос на цврстиот дел, ККТ овозможува поставување на дијагноза на остеопороза во најраните фази.

Подготовка за прегледот

За изведување на прегледот не се потребни посебни подготовки на пациентот. Потребно е пациентот да не носи метални објекти при изведување на прегледот.

Изведба на прегледот

Пациентот лежи нормално облечен на маса, над која се наоѓа апаратурата на ККТ. ККТ работи на принцип на рентген зраци, но зрачењето е минимално. Коскената густина се одредува и на рбетниот столб и на карлицата, бидејќи коскената минерализација не е иста во сите коски во телото. Така додека во некои коски, коскената густина е нормална, во други делови може да има остеопороза и со тоа зголемена склоност кон скршеници. ККТ прегледот трае околу 15 минути.