• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Истражување

Идентификувани гени поврзани со рак на тестис

Ракот на тестисот е ретка болест и претставува само 2% од сите карциноми кои се јавуваат кај мажите. Но, тој е чест тумор кај...

Болести на простата - Рак

За болестите на простатата кај нас многу малку се знае. Единствен начин да се бориме против нив...
Имунотерапија

Имунотерапијата е биолошка терапија која покажува антитуморски ефекти со стимулирање на одбрамбените способности на пациентот или преку внесување на природни супстанции од цицачи.

Иако во последниве декади е сторено многу за подобро разбирање на основните аспекти на механизмите на одбрана на домаќинот (носителот на туморот), биолошката терапија сеуште не ги достигнала очекуваните резултати заради низа нерешени биотехнолошки проблеми.

Имунотерапијата може да биде:

  • активна (специфична и неспецифична)
  • пасивна

Активна специфична имунотерапија

Антитуморски вакцини

Во поново време се изработени вакцини од автологни или алогени туморкси клетки кои се користени кај меланомот постоперативно, како адјувантна терапија, или при постоење на метастази.

Тие претставуваат генетски модифицирани туморски клетки кои доведуваат до индукција на Т-клеточниот одговор против туморот.

Исто така, произведена е вакцина која користи CEA – антиген кај ректалниот карцином, вакцина која користи ген за ПСА кај ракот на простатата, вакцина против ракот на бубрегот, против лимфомите, леукемиите, миеломот, грлото на матката, јајникот и дојката.

Сите овие вакцини се користени само во рамките на клиничките истражувања (студии), и кај некои видови на тумори, резултатите од овие клинички студии се охрабрувачки.

Активна неспецифична имунотерапија

Активната неспецифична имунотерапија е значително почеста во практиката.

При оваа терапија се користат биолошки агенси, микроорганизми или материјал добиен од нив, синтетички препарати и друго, кои ги стимулираат општите одбрамбени механизми на домаќинот (пациентот).

Заедничко за сите нив е дека тие се во состојба да уништат само мали количини на туморски клетки, односно дека се ефикасни само во супклиничката форма на болеста (при присутни микрометастази).

БСЖ вакцина

БСЖ вакцината се користи како вид на имунотерапија кај меланомот, површинската форма на ракот на мочниот меур и ран (постоперативен) рак на белите дробови.

Докажано е дека кај меланомот, БСЖ вакцината не го продолжува преживувањето, но доведува до регресија на кожните (мекоткивни) метастази при директна локална апликација на БСЖ вакцината.

Интравезикална апликација на БСЖ (апликација на вакцината во самиот мочен меур) се користи и во третманот на површните карциноми на мочниот меур, Таа се спроведува по направена трансуретрална ресекција на туморот. Се спроведува кај Tis, Ta, и T1, N0, M0 тумори со цел да се спречат повторните рецидиви на болеста. Се препорачува и кај рецидивантни тумори на мочниот меур.

Morales и неговите соработници први ја вовеле БСЖ вакцината во терапија на површните тумори на мочниот меур. Нивните студии со интравезикално инсталирање на БСЖ вакцината покажале добри резултати.

БСЖ е терапија на избор кај Тis. Тој се аплицира интравезикално во доза од 120 mgr растворен во 50 ml физиолошки раствор,еднаш седмично во тек на 6 седмици.

За да се постигне оптимален одговор, често се потребни два последователни шестоседмични курса на интравезикална апликација на БСЖ.

Денес се смета дека БСЖ е многу подобра терапија од терапијата со цитостатици, која значително го намалува процентот на локални рецидиви на болеста.

Цитокини

Многу поефикасни сретства во активната неспецифична терапија се цитокините.

Тие претставуваат хетерогена група на белковини со мала молекуларна маса кои функционираат како медијатори на клеточните комуникации во физиолошки и патолошки услови. Тие имаат регулаторна функција во имуниот систем. Нив ги ствараат лимфоцитите и моноцитите - монокини (одбрамбени клетки кои се наоѓаат во телото на човекот).

Во цитокини спаѓаат: интерфероните, интерлеукините, факторот на туморска некроза и хематопоетските фактори на раст.

Интерферони

Интерфероните имаат имуномодулаторни, антивирусни и антипролиферативни ефекти врз нормалните и туморските клетки во сите стадиуми на клеточниот циклус. Особено се активни во кочењето на синтезата на РНК и протеините кои се потребни за синтеза на ДНК.

Интерфероните го модулираат имуниот систем со делување врз природните клетки – убици во човечкиот организам, со активирање на фагоцитната активност на макрофагите, со спречувањето на ангиогенезата (стварање на нови туморски крвни садови), со регулирање на диференцијацијата на клетките и со зголемување на многубројните антигени кои се наоѓаат на површината на клетката.

Постојат три групи на интерферони: алфа, бета и гама.

Интерферон алфа

Најголема клиничка примена има интерферон алфа. Неговата антитуморска активност е докажана кај влакнестата леукемија (hairy cell leucemia), кај хроничната миелоидна леукемија, кај кожната форма на Т – клеточен лимфом, кај Капоши саркомот, не-Хочкин лимфомите со низок степен на малигнитет, кај миеломот, како и кај многубројни солидни тумори.

Во комбинација со цитостатикот 5-флуороурацил, интерферонот доведува до зачително повисок процент на одговор (63%) кај карциномот на задното црево (ректум), наспроти одговорот на секој лек даден поединечно.

При терапијата со интерферон се јавуваат некои несакани ефекти.

Најчести несакани ефекти кои се јавуваат при терапијата со интерферон се: општа слабост, малаксаност, трески, покачена телесна температура, мачнина, гадење, повраќање.

Овие несакани ефекти се јавуваат на почетокот на терапијата, а потоа постепено исчезнуваат.

Доцните ефекти од имуотерапијата се јавуваат после две до три недели. Најчести доцни несакани ефекти се: мускулна слабост и болки, замор, фубење на апетит и тежина, главоболки, невролошки тегоби. Јачината на симптомите директно зависи од висината на дозата.

Интерлеукини

Од досега проучените петнаесетина интерлеукини, во клиничка употреба најчест е интерлеукинот 2 (Il-2). Овој лимфокин е протеин којшто го продуцираат активирани Т-клетки како одговор на дејството на антигенот и инерлеукинот 1. Тој има централна улога во имунорегулаторните механизми.

Интерлеукинот 2 (Il-2) ги стимулира Т-клетките и го активира нивниот цитотоксичен одговор, го стимулира тумороцитниот ефект на макрофагите, претставува кофактор во растот и диференцијацијата на Б-клетките, го стимулира ослободувањето на други цитокини.

Интерлеукинот 2 (Il-2) се користи во терапија на не-Хочкин лимфомите со низок степен на малигнитет, кај меланомот, кај ракот на бубрегот и ракот на дебелото и задно црево (колоректален карцином).

Најголемо клиничко искуство е стекнато кај напреднатиот карцином на бубрегот и кај меланомот, каде што објективниот одговор на терапијата се движи меѓу 10%-26%.

Токсичните ефекти од интерлеукинот 2 (Il-2) се слични како и оние кај интерферонот, а покрај тие, може да се јави и зголемување на телесната тежина и периферен оток заради слабост на капиларите и нивна зголемена пропустливост.

Хематопоетски фактори на раст

Хематопоетските фактори на раст се цитокини кои ја регулираат пролиферацијата, диференцијацијата и виталноста на матичните клетки во коскената срцевина и на зрелите крвни елементи.

Тука спаѓаат стимулирачките фактори на колониите на гранулоцитите, на гранулоцитите и макрофагите, на еритропоетинот, на тромбопоетинот и други. Заради стимулирање на хематопоезата (создавање на крвни зрнца) тие имаат голема примена за ублажување на токсичните ефекти од цитостатиците врз коскената срцевина.

Со употребта на првите две средства (стимулирачки фактори на колониите на гранулоцитите и стимулирачки фактори на колониите на гранулоцитите и макрофагите) се санира леукопенијата (намален број на бели крвни зрнца во крвта) предизвикана од цитостатската терапија и се скратува периодот на леукопенија после трансплантација на коскена срцевина.

Еритропоетинот ја ублажува анемијата (намален број на црвени крвни зрнца и хемоглобин во крвта), која може да се јави како последица на применетата терапија или од самиот тумор.

Со помош на овие лекови се овозможува побезбедно давање на високи дози на хемотерапија, побрзо закрепнување и подобри резултати во лекувањето.

Овие лекови имаат широк спектар на индикации за нивна примена. Така, често се применуваат кај малигните лимфоми, акутната миелоична леукемија, малигните тумори во детската возраст и други ситуации каде што хемотерапијата доведува до висок процент на одговор.

Пасивна имунотерапија

Моноклонални антитела

Моноклоналните антитела дејствуваат против многубројни туморски антигени кои се наоѓаат на површината на клетката. Антителата ги препознаваат овие антигени, кои претставуваат протеински молекули, и се врзуваат со нив.

Моноклоналните антитела се користат во терапија на одредени видови на тумори, за дијагноза на туморите, но и следење на болеста после терапија.

Моноклоналните антитела во терапијата може да се применуваат самостојно, користејќи комплемент или клетки како медијатор или да се применуваат врзани со токсини, радиоизотопи или цитостатици, со цел да се зголеми нивната антитуморска активност.

Тумор-специфични антитела се користат и за уништување на малигни клетки со кои е зафатена извадената коскена срцевина, кај пациенти кои се подготвуваат за трансплантација на коскена срцевина. Кај нив после дадена миелосупресивна цитостатска терапија, треба одново да се врати истата коскена срцевина, но претходно прочистена од присутните малигни клетки, т.е. без присуство на туморски клетки.

Предноста на терапијата со моноклонални антитела е во нивното селективно делување на туморското ткиво и минималната токсичност.

Проблеми кои сеуште ја ограничуваат нивната поширока примена се: ниската количина на внесени моноклонални антитела која фактички доаѓа до туморот, слабата продорност на моноклоналните тела низ поголема туморска маса, како и нивното инхибирање од страна на антигени кои, сврзувајќи се со нив, го спречуваат нивното врзување за туморскиот антиген.

Голем проблем е НАМА-феноменот (human anti-mouse antibodies), односно создавање на антитела против имунизираните глувчешки клетки од кои се добиваат моноклоналните антитела и кои можат да ги инактивираат внесените моноклонални антитела. Продукцијата на НААМ е ублажена со произедување на рекомбинирани моноклонални антитела кои имаат човечки антитела на константниот регион и глувчешки антитела на варијабилниот регион на имуноглобулинот.

Во клиничка употреба со, засега најефикасно дејство, е Mabthera (Rituximab), кој се користи во третманот на не-Хочкиновите лимфоми од Б-тип. Тој се врзува со антигенот CD20 на мембраната на младите Б или зрели Б-клетки, вклучувајќи ги и клетките на лимфомот.

CD (cluster of differentiation) претставуваат „обележувачи“, антигенски молекули кои се наоѓаат на површината на лимфоцитите. Rituximab ја активира апоптозата (програмираната смрт на клетката), ја инхибира пролиферацијата на малигните клетки, а отпорните малигни клетки ги прави осетливи на цитостатиците.

Терапијата со Rituximab доведува до позитивен тераписки одговор кај 50% од пациентите со не-Хочкин лимфом кои биле претходно интензивно лекувани, вклучувајќи ги оние кои се отпорни (рефрактерни) на цитостатска терапија.

Во случај на релапс (повторување) на болеста, одговорот на терапијата е, исто така, висок и изнесува 44%.

Rituximab може да се користи истовремено со цитостатици, при што терапискиот одговор се зголемува на 95%.

Споредните ефекти се јавуваат на почетокот на терапијата и набрзо исчезнуваат. Најчести споредни несакани ефекти од терапијата со Rituximab се: зголемена телесна температура, треска, мачнина, гадење.

Моноклоналните антитела може да се врзат со токсини од растително потекло (рицин и други), со бактериски токсини (pseudomonas aeruginosa, corinebacterium diphteriae), со цитостатици (doxorybicin) или со радиоизотопи (јод-131 и итриум-90).

Целта на врзувањето на моноклоналното антитело со радиоактивен изотоп е создавање на компелкс антитело-изотоп. Овој комплекс, врзувајќи се за антиген-позитивната туморска клетка ја озрачува не само неа, туку ги озрачува и соседните антиген-негативни малигни клетки.

Засега изотоп кој најмногу ветува е итриум-90, поради неговите поволни физикални својства (бета емитер со просечна продорност од 6 mm).

Адоптивна имунотерапија

Пасивната имунотерапија со TIL и LAK-клетките се вика адоптивна имунотерапија.

Адоптивна имунотерапија претставува внесување на лимфоцити со антитуморска активност на домаќинот-носител на туморот.

Лимфоцитите претходно стимулирани со интерлеукин-2 ги зголемуваат своите цитотоксични ефекти и стануваат способни да лизираат свежи туморски клетки.

TIL се изолирани од повеќе видови на тумори кај човекот. Во комбинација со интерлеукин-2 се користени во третманот на метастатски меланом, со објективен одговор на терапијата од 27%-35%.

Способноста на TIL да се акумулираат во туморот е искористена за нивно генетско менување, со цел да се зголеми антитуморската активност. Така со трансдукција на TIL со ген на неомицин-фосфортрансферазата при напреднат меланом, или со ген на факторот за туморска некроза, започна ерата на новиот вид на биолошка терапија – терапија со гени.

Прв трансфер на гени кај човекот е изведен во 19878 година во Националниот институт за рак во САД.

 

Тестис

Преглед на тестиси како превентива во навремено откривање на ракот на тестис.
[Преземено од YouTube]

Превенција и скрининг - рак на тестис

За раното откривање на болеста многу е важна едукацијата на младата машка популација. Тие треба да се информираат за раните симптоми и знаци на болеста, за значењето на самопрегледот... 


Рани знаци и симптоми

Многу е важно да машкото точно ја познава големината и обликот на своите тестиси, за да може да ги примети промените. Најчест симптом на карциномот на тестисот е присуство на мала, безболна тврдина... 

Простата

Рак на простатата, раскажува д-р Реј од клиниката за третман на ракот на простата - синхронизирано на македонски јазик.
[Преземено од YouTube]

Што е простата?

Простатата е орган со жлездесто-мускулна структура, чиј алкален секрет влегува во составот на семената течност (сперма)... 


Третман на карциномот на простатата

За одредување на најадекватна тераписка опција за одреден пациент, се разгледуваат многу фактори... 

Дебело црево

Настанување и ширење на ракот на дебелото црево - синхронизирано на македонски јазик.
[Преземено од YouTube]

Следење на болните со карцином на дебелото црево

Карциномот на дебелото црево бара доживотно следење (follow-up)... 


Дијагноза кај карцином на дебелото црево

Дијагнозата се поставува со внимателно земена анамнеза, физикален преглед по системи... 

Кожа

Настанување и типови на ракот на кожата - синхронизирано на македонски јазик.
[Преземено од YouTube]

Рак на кожа

Меланомот претставува малигно буење на меланоцитите, клетки кои го произведуваат пигментот на кожата. Тоа е најмалигни облик на кожен карцином и е најчеста причина за смрт од кожен карцином... 


Симптоми и знаци

Најчесто карциномот започнува како мала, сјајна папула која бавно и постепено се зголемува и по неколку месеци се појавува сјаен, бисерен раб со назначени проширени крвни садови... 

Дојка

Радиотераписки третман кај рак на дојка. Радиотерапијата ја одредува лекар специјалист (радиотерапевт и онколог).
[Преземено од YouTube]

Ширење на ракот на дојката

Ракот на дојката е системско заболување, дисеминиран процес, кој, уште од најраните фази на својот развој, е склон кон метастазирање... 


Симптоми и знаци за појава на рак на дојката

Ракот на дојката во својот почетен, ран стадиум е обично асимптоматски...