• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Живеј здраво, храни се правилно!
5 препораки за превенција на рак на бели дробови Печати

1. Откажи се од пушење – СЕГА!

Пушењето фактор е број 1 на ризик за настанување на белодробниот карцином.

Околу 90% од белодробните карциноми кај мажите и околу 83% од белодробните карциноми кај жените се предизвикани од тутуновиот дим, било да е тој внесен активно, преку пушење или пасивно, преку престојување во простории каде се пуши (пасивни пушачи).

Пушачите на цигари заболуваат 25 до 30 пати почесто во споредба со непушачите.

Откажувањето од пушење е најдобра одбрана од ракот на белите дробови.

Лицата кои се откажале од пушење имаат помал ризик да заболат од белодробен карцином, отколку ако продолжат да пушат. Сепак, нивниот ризик е поголем од оној кај непушачите. Намалување на ризикот од појава на белодробен карцином се јавува и кај долгогодишни пушачи кои престанале да пушат.

Најдобар начин да се избегне добивањето на рак на белите дробови е да се престане со пушење. Некои долгогодишни пушачи сметаат дека престанувањето со пушење нема да има големо влијание на намалувањето на ризикот. Но, клиничките студии сепак покажале дека и долгогодишните пушачи, ако престанат да пушат имаат намален ризик да заболат од белодробен карцином, во споредба со оние кои продолжиле да пушат. Пушачите кои престанале да пушат повеќе од 15 години, имаат 80 до 90% намален ризик за развој на белодробен карцином, споредено со лицата кои продолжиле со пушење.

2. Послушај ја својата мајка и јади овошје и зеленчук!

Исхраната богата со свежо овошје и зеленчук може да го намали ризикот од развој на малигно заболување, па со тоа го намалува и ризикот за појава на рак на белите дробови.

Ова се должи на фактот што во свежото овошје и зеленчук има многу витамини и минерали т.е. антиоксиданси како што се: витаминот А, Ц и Е, бета-каротинот, селенот, кои го зајакнуваат одбрамбениот механизам т.е. природниот имунитет кај човекот.

Антиоксидансите се супстанции кои ги штитат клетките на нашиот организам од оксидациското дејство на слободните радикали. Тие го чистат вишокот на слободните радикали во организмот и на тој начин го намалуваат ризикот од појава на карцином.

Се смета дека некои болести се резултат на неадекватен внес на антиоксиданси со храната. Затоа, денес е зголемен интересот за антиоксидансите, посебно оние од природните извори (овошјето и зеленчукот).

Овошјето и зеленчукот се нивен примарен извор.

Витамините и другите супстанции во свежото овошје и зеленчук можат да го спречат оштетувањето на слузницата на дишните патишта, кое покасно може да доведе до развој на рак на белите дробови.

3. Дали го тестираше твојот дом за присуство на радон?

Радонот се јавува како резултат на природното распаѓање на ураниумот. Тој е природно присутен радиоактивен гас, кој неможе да се види, да се почувствува, нема ниту мирис, ниту вкус.

Во природата постојат наоѓалишта на ураниумот каде тој се наоѓа како составен дел во земјата. Поради тоа постои страв дека домовите може да бидат изградени на такви природни наоѓалишта при што би дошло до појава на изразено радонско зрачење што, пак, претставува зголемен ризик за појава на рак на белите дробови.

После цигарите, радонот е фактор број 2 на ризик за настанување на ракот на белите дробови.

Како природно присатен радиоактивен гас, радонот е познат како канцероген и го зголемува ризикот за појава на ракот на белите дробови. За прв пат бил докажан како фактор на ризик кај рударите кои ископувале ураниумова руда и кои, при тоа биле изложени на зголемено радиоактивно радонско зрачење.

4. Дознај на што си изложен на своето работно место

Ако си изложен на дим, на прашина, на хемиски и индустриски супстанции (нафтени деривати, хром, ураниум, никел) и на други канцерогени на твоето работно место, имаш право да знаеш за тоа. Зборувај со својот работодавач за начинот како да се заштитиш на своето работно место.

5. Избегнувај пасивно пушење!

Избегнувај да престојуваш во затворени простории каде другите околу тебе пушат. Овој дим содржи преку 60 познати канцерогени.

 

Прочитајте и: