• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Простатит (воспаление на простатата) Печати

Воспалението на простатата, (простатитис), особено неговата хронична форма е конфузно заболување како за пациентот, така и за самиот лекар. Неговата акутна форма е многу полесно препознатлива, бидејќи има изразени клинички симптоми, за разлика од хроничната форма на простатитот. Хроничниот простатит може да има некарактеристични и многу различни симптоми. Често може да постои и без присуство на симптоми (асимтоматска болест).

Простатитот најчесто се јавува со појава на повеќе различни симптоми и знаци на воспаление. Ретко тој е изолорано заболување. Многу почесто простатитот е дел на едно пошироко воспаление. Затоа, простатитот е погрешно да се гледа како посебно заболување.

Во некои случаи простатитот не е причина, туку последица од некое друго заболување, како на пример при воспаление на мочниот меур (цистит), при воспаление на горните мочни патишта, при воспаление на слепо црево и друго. Од друга страна пак, примарното воспаление на простатата може да се пренесе и нагоре и да доведе до воспаление на мочниот меур или пак да се спушти надоле и да го зафати надворешниот мочен канал. Речиси редовно воспалението на простатата доведува и до воспаление на околните жлездени структури, како на семените меурчиња, а од тука преку семеводот до натсеменикот и семеникот.

Затоа , при преглед и поставување на дијагноза на болниот, треба да се има на ум дека воспалението не мора да биде изолирано само на простатата и неговите околни стуруктури, т.е.на органите на машкиот репродуктивен систем, туку може да доведе до појава на инфекции на мочниот систем (на мочниот меур, мочоводите, надворешниот мочен канал, па дури и воспаление на бубрезите). Примарно воспаление на органите на мочниот ситем, може да се прошири и на органите на машкиот полов ситем. Тогаш се добива една комплексна клиничка слика со најразлични сиптоми и знаци и тешко е да се разграничи каде започнала примарната инфекција. Затоа е многу важно да се открие првичниот причинител на заболувањето кај секој пациент одделно.

Појавата на воспаление на мочните патишта кај мажите наметнува потреба од дополнителни испитувања за откривање на евентуални уролошки нарушувања, а пред сè испитување на простатата.

Воспалението на простатата (простатит) е најчесто уролошко заболување кај мажите помлади од 50 години. Кај мажите постари од 50 години, ова заболување е на трето место по честота на јавување, зад бенигната хипертрофија на простатата и зад ракот на простатата.

Кој е механизмот на настанување на воспалението на простатата?

Најчесто воспалението на простатата се должи на враќање (рефлукс) на мочта, а со тоа и на бактериите и другите микроорганизми во простатичните каналчиња (интрапростатичен дуктален рефлукс). Се јавува кога доаѓа до инфекција на мочните патишта, на семените каналчиња, при катетеризација на мочниот меур итн.

Причини и различни форми на простатит

Во зависност од критериумите, сите простатити можат да се поделат:

Според видот на причинителот на болеста:

Простатити од бактериско воспаление

  • Неспефично, предизвикано од различни предизвикувачи (разни видови на бактерии).
    Се работи за воспаление на жлездата кое, ако е акутно, најчесто е предизвикано од бактеријата Esherichia coli (65%-80%), а потоа следат Pseudomonas Aeruginosa, Seratia, Klebsiella и Enterobacter Aerogenes. Субакутните и хроничните простатити најчесто се предизвикани од Chlamydia trachomatis, а потоа од Ureplasma urealyticum и од другите бактерии.
  • Специфично (туберкулзно, предизвикано од бактеријата Micobacterium tuberculose)
  • Венерично (воспаление предизвикано од сексуално преносливи причинители)

Простатити без бактериска потврда

Овие простатити најчесто се предизвикани од вируси, паразити, или од други причинители (микоплазма, кламидија, од алергија и друго).

Според патот на кој настанува воспалението:

  • Пренесување на инфекцијата преку мочниот канал, која постепено се шири нагоре и ги зафаќа и горните мочни канали и простатата.
  • Пренесување на инфекцијата од горните структури (мочен меур, бубрезите). Инфекцијата се спушта и се пренесува на простатичниот дел на мочниот канал, од каде пак се пренесува на жлезденото ткиво на простатата.
  • Пренесување на инфекција од околните органи кои се воспалени и тоа со директно ширење на воспалението или со ширење преку лимфата во лимфните садови. Често може да се јави простатит при воспаление на цревата, цревни фистули, воспаление на слепото црево и друго.
  • Пренесување на инфекцијата преку крвта, посебно при гнојно воспаление на крајницитите, при воспаление на белите дробови, или при постоење на некое хронично жариште во телото.

Болести кои се пренесуваат преку сексуален однос

Венерични (тука спаѓаат сифилис, трипер)

Болести кои се пренесуаваат по сексуален однос, но не спаѓаат во класични полови болести, како што се небактериките воспаленија на простатата и мочниот канал (микоплазми, кламидии).

Според видот и тежината на симптомите

  • Акутен бактериски простатит
  • Хроничен бактериски простатит
  • Посебни форми на простатит

Практична поделба на простатитот (според Националниот Институт за Здравје)

Според класификацијата на Националниот институт за здравје (National Institute of Health - NIH) од 1999год, постојат 4 категории на простатит. Се чини дека во лекарската практика оваа поделба е најпрактична, најлесна и единствено можна.

  • Акутен бактериски простатит
  • Хроничен бактериски простатит
  • Небактериски простатит
  • Асимптоматски инфламаторен простатит

Акутен бактериски простатит

Акутниот бактериски простатит претставува потешко заболување. Најчесто се јавува кај младите мажи, до 40 годишна возраст. Често може да биде провоцирано од настинка, од возење на велосипед, од консумирање на ладни пијалоци. Често се јавува и при постоење на каменчиња во мочните канали или во мочниот меур. Може да се јави и по агресивен сексуален однос, по анален секс без заштита со кондом, по некои интервенции, како по катетеризација на мочниот меур или по цистоскопија.

Акутниот простатит го карактеризираат симптоми кои се јавуваат одненадеш. Најчести симптоми на акутниот бактериски простатит се: акутна болка пропратена со често мочање, чувство на печење во мочниот канал, болни грчеви во мочниот канал, отешнато мочање со послаб млаз кој се прекинува во текот на мочањето, а понекогаш може да дојде и целосно прекинување на мочањето (уринарна ретенција). Болниот се жали на болки во долниот дел на стомакот, а можни се болки и во тестисите. Болките се засилуваат при движење, а во некои случаи не е можно седење, поради јаката болка. Покрај овие локални симптоми и знаци, акутниот простатит е придружен и со општи симптоми на инфекција, како што се: висока телесна температура, треска, општа слабост, малаксалост, мачнина и повраќање. Сепак, сите овие симптоми, како и нивниот интензитет, варираат од пациент до пациент. Во некои случаи тешко е да се постави точна дијагноза на простатитот и може да се помеша со некои други заболувања, како што се бубрежната болка, воспалението на слепо црево, и други.

Сепак, лекарот со земањето на податоци за почетокот на болеста, за локализацијата и видот на тегобите, како и со ректалниот преглед, најчесто може да ја открие акутната форма на простатитот. При ректален преглед, простатата е отечена, болна и топла на допир. Симптомите на лесната форма на простатит може и спонтано да исчезнат, без примена а терапија. Но, кај појаките инфекции, важна е раната дијагноза, како и брзо и ефикасно лекување, со цел таа ефикасно да се искорени и да не премине во хроничен простатит. Тоа може да се случи доколку акутниот простатит не се лекува, или неадекватно се лекува. Акутниот бактериски простатит успешно се лекува со антибиотици. Најдобро е да, по земањето на брис од мочниот канал, или од простатичниот секрет, се направи микробиолошки преглед на брисот, со цел да се изолира на видот на бактеријата и да се ведаш започне со антибиотска терапија.терапијата треба да се започне веднаш, без да се чека резултатот од микробиолошкиот наод. Сепак, треба да направи уринокултура пред започнувањето со антибиотска терапија, со која ќе се утврди која бактерија е причинител на инфекцијата и кој антибиотик е најефикасен за нејзино уништување. Доколку антибиотикот со кој било започнато лекувањето показал се покажал не ефикасен, според резултатите добиени од антибиограмот, тој треба ведаш да се замени со оној антибиотик кој покажал најголема ефикасност за изолираната бактерија, која ја причинила инфекцијата. Терапијата обично трае од 2-4 недели. Ако простатитот реагира на оваа терапија, обично треба да се продожи до 30 дена со намалена доза (одржувачка), за да се спречи минувањето во хронична форма на простатит. Исто така, покрај антибиотската терапија, како дополнителна терапија се користат и други антиинфламаторни лекови, како што се аналгетиците, со цел да се намали болката и високата температура (најчесто аспирин, парацетамол и други). За време на акутниот простатит пациентот треба да мирува, да лежи во кревет, да пие повеќе течности и да има правилна исхрана. Не се препорачуваат поголеми физички активности, возење на велосипед и слични надразнувања на простатата. Масажата на простатата во акутната фаза е болна и е забранета, бидејќи може да доведе до влошување на воспалението и до расејување на бактериите преку крвта во другите органи. Во некои случаи може да доведе и до труење на крвта (сепса).

Со терапијата на акутниот простатит најчесто се постигнува целосно излекување. Во помал број на случаи, обично при неадекватно спроведена терапија, тој минува во хроничен простатит.

Хроничен бактериски простатит

Хроничниот бактериски простатит е почест од акутниот. Во некои случаи, тој започнува како акутен простатит и трае само неколку часови, а потоа минува во хронична форма. Болните може да немаат никакви симптоми во периодот помеѓу акутните епизоди на инфекцијата и пациентите секогаш даваат податоци за често повторувани инфекции на мочните патишта. Хроничниот простатит може да постои подолго време пред да се појават одредени тегоби како што се: болки во крстот за време на мочањето, различни тегоби при мочањето, како и тешкотии при поголем физички напор.

Според тоа, симптомите и знаците на хроничниот простатит може да се поделат на локални и општи.

Локалните симптоми најчесто се поврзани со мочниот канал. Се јавува секрет, кој најчесто е слузест, а поретко крвав и се цеди од мочниот канал. Често, секретот се засилува при дигање на тешки предмети, или при напорна физичка работа, како и при дефекација (при одење по голема нужда). Може да биде присутно и лесно печење при мочањето, може почетниот млаз да е заматен, а потоа мочта да се избистри. Пациентите се жалат на тапи и неодредени болки во препоните и во тестисите.

Општите симтоми на хроничниот простатит не се карактеристични за воспалението. Пациентите немаат покачена телесна температура, но може да чувствуваат замор, општа слабост, малаксалост, немир и да имаат пореметувања во спиењето како несоница или поголема потреба за спиење. Постоењето на исцедок од мочниот канал, често предизвикува вознемиреност кај болниот. Испитувањата во разни студии покажале дека овие луѓе се наоѓаат под психички притисок, кој им пречи во извршувањето на вообичаените секојдневни активности.

Другите општи симптоми се поврзани со сексуалните потешкотии. Овие пациенти често може да имаат одереден степен на еректилна дисфункција како на пример: неможност да доживеат оргазам, да постои пренадразливост и да имаат брз оргазам со прерано исфрлање на спермата. Поретко може да се јави и губиток на либидото и болки при сексуален однос.

Кај помалку од половина од болните може да се открие и докаже присуството на бактеријата која го предизвикала воспалението. Но, во поголемиот број на случаи, таа не може да се изолира. Механичките дразби (возење на велоспед, тешка физичка работа, интензивни спортски акивности) како и некои хемиски или термички дразби можат да доведат до активирање на воспалението и да дадат акутни епизоди.

Хроничниот бактериски простатит има слични симптоми како и акутниот, но тие се помалку драматични и нема покачена телесна температура. Хроничниот бактериски простатит е најчеста причина за повторно присуство на бактерии во мочта кај мажите.

Лекувањето на акутното влошување на хроничниот простатит е со антибиотици во период од 4 до 12 недели. Потребни се почести контроли на мочта, за да се види дали постои присутна бактерија. Лекувањето со антибиотици треба да биде според резултатите добиени од антибиограмот и трае сè до искоренување на бактеријата. Антибиотската терапија обично трае 12 недели, но може да трае и подолго.

Небактериски простатит

Небактерискиот простатит е многу чест тип на воспаление. Причините за ова заболување не се познати. Како причина за овој вид на простатит се наведуваат многу фактори, но за сега нема сигурни докази за ниеден од нив. Затоа дијагнозата на овој тип на простатитис се поставува, дури од кога ќе се исклучи постоењето на другите видови на простатит. Небактерискиот простатит го карактеризира болка, која е најчесто е локализирана во долниот дел на стомакот, во машкиот полов орган, а може да биде присутна и во семениците. Често е присутна болка за време и по ејакулацијата. Болните се жалат на зачестено мочање, како и на отежнато мочање со видно намален млаз, кој често се прекинува и завршува со испрекинато капење на мочта. Опишани се и појави на еректилна дисфункција, но овој симптом сепак не е карактеристичен за овој тип на простатит. Доколку овие симптоми (синдром) траат подолго од 3 месеци, болеста преминува во хронична. При ректален преглед не се видени некои посебни промени, освен лесна осетливост при допир.

Иако симптомите и знаците на хроничниот бактериски простатит и на небактерискиот простатит се многу слични, сепак постои една голема разлика. Кај небактерискиот простатит, при анализа на мочта и на секретот од простатата не се наоѓаат микроорганизми како причинители за инфекција, иако во простатичниот секрет има присуство на бели крвни зрнца (леукоцити).

Терапијата на хроничниот небактериски простатит е многу тешка и неспецифична, со оглед на тоа што не е познат причинителот на ова заболување. Се препорачуваат топли бањи, масажа на простатата, одбегнување на масна и зачинета храна (луто, кисело), на консумирање на алкохол, на кафе и на газирани пијалоци. Поради тоа што ова заболување може да биде и од психолошка природа, или пак, самото заболување да доведе до одредена психичка состојба на пациентот, потребно е индивидиаулно да се процени за секој пациент одделно дали треба да се применат и лекови за смирување на психичката напнатост и немир. Некои доктори даваат и антибиотска терапија и покрај тоа што причинителот не е познат.

Посебен вид на хроничен небактериски простатит е т.н. синдром на хронична карлична болка или простатодинија. Болните со простадинија имаат симптоми на простатит, но нема присуство на уринарна или генитална инфекција, не се изолирани микроорганизми од простатичниот секрет, ниту од мочниот канал, а нема присуство ниту на бели крвни зрнца во простатичниот секрет. Оваа состојба почеста е кај младите мажи на возраст од 20 до 45 години. Основен симптом е карличната болка, болка во препоните, во тестисите и во пенисот. Одреден број на пациенти се жалат на ургентно мочање, често мочање, одредени пречки при мочањето, како на пример, на испрекинат млаз на мочта при мочањето (пулсирачко мочање). Но, многу од пациентите ги немаат спомнативе симптоми, освен болката.

Сите направени испитувања не покажуваат никакви промени, вкучуваќи ги и ректалниот преглед, како и компјутеризираната томографија на абдоменот.

Некои автори сметаат дека во основа на оваа состојба е психичкото растројство кај болниот. Затоа, често во терапијата се користат нервно-смирувачки лекови (хелекс, деметрин, лексилиум и други), кои ја ублажуваат простатодинијата.

Асимптоматски инфламаторен простатит

Овој вид на простатит не дава никакви симптоми за присутна инфекција.

Кај овие лица се откриени покачени бели крвни зрнца во крвта (леукоцитоза) и присуство на бактерија за време на нивната евалуација за постоење на други заболувања на простатата.

Дијагнозата се поставува при рутински бактериолошки преглед на спермата, на простатичната течност, на мочта или се открива со микроскопски преглед на ткивото на простатата по операцијата на бенигната хипертрофија или по биопсијата на ракот на простатата. Овој вид на простатит често се јавува како придружна појава кај лица со бенигна хипертрофија или со рак на простатата и не бара посебно лекување. Се лекува основното заболување, односно бенигната простатична хипертрофија или присутниот рак на простатата.

Инфекциите на мочните патишта може да се спречат со подобрување на секојдневните животни навики: со пиење на повеќе течности (најмалку 1,5 литри течност на ден), со редовно мочање и со одржување на личната хигиена.