• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Истражување

Идентификувани гени поврзани со рак на тестис

Ракот на тестисот е ретка болест и претставува само 2% од сите карциноми кои се јавуваат кај мажите. Но, тој е чест тумор кај...

Болести на простата - Рак

За болестите на простатата кај нас многу малку се знае. Единствен начин да се бориме против нив...
Хемотерапија
Индекс на артикл
Хемотерапија
Начини на спроведување на хемотерапијата
Несакани ефекти од хемотерапијата
Сите страници

Хемотерапијата ја сочинуваат цитостатската и хормонската терапија.

Цитостатската терапија започнува да се применува по Втората светска војна, со воведување на нитроген-мустардот во терапијата на некои лимфоми.

Во наредните декади, со развојот на фармацевтската индустрија, напредува и откривањето на нови цитостатици.

Денес во клиничка употреба се над 40 цитостатични агенси кои се користат во терапијата на разни видови на малигноми.

Заедничко за сите цитостатици е што тие преку разни механизми дејствуваат на синтезата или репликацијата на ДНК и предизвикуваат последователна смрт на клетката.

Во зависност од хемиската структура и механизмот на дејствување, цитостатиците може да бидат класифицирани во неколку групи.

Тие групи на цитостатици се:

Алкилирачките цитостатици се добиваат од незаситени јаглеводороди од кои е откинат еден водороден атом.

Тие дејствуват така што со алкилирање на ДНК и РНК доведуваат до инхибиција на митозата кога клетката е во фаза меѓу две делења.

Антиметаболитите имаат хемиска градба слична на некои важни метаболити во организмот. Тие се сврзуваат стабилно со ензимите и ја прекинуваат биолошката реакција. Така, метотрексатот е антиметаболит на фолната киселина, 5-флуороурацилот е антиметаболит на пиримидонот итн.

Цитостатиците од растително потекло ја инхибираат митозата со оштетување на хромозомите.

Антитуморските антибиотици делуваат на тој начин што ја спречуваат синтезата на ДНК и РНК.

Таксаните се нова група на ефикасни цитостатици кои, врзувајќи се за одделни места во клеточните микротубули, доведуваат до инхибиција на митозата.

Основни принципи на хемотерапијата

Во шеесетите години Skipper и соработниците ги унапредуват базичните принципи на хемотерапијата, кои се засноваат на биологијата на туморскиот раст. Преку моделот на L 1210-леукемија кај глувци, тие ги извеле следните заклучоци:

  • постои директен сооднос меѓу ефектите на цитотоксичниот агенс и големината на туморот,
  • само една леукемична клетка, после повеќе делби е доволна да го убие домаќинот,
  • за повеќето цитостатици постои зависност меѓу дозата и уништувањето на туморските клетки,
  • одредена доза на лекот убива константна фракција, а не константен број на туморски клетки, што значи иста количина на антиканцерско средство е потребна за намалување на тумор од 1 милион на 10 клетки, како и за намалување на тумор од 100 000 на една клетка.

Овие постулати применети во практика значат дека хемотерапијата е поефикасна кога туморот или метастазите се со помал волумен, додека пак дозите на цитостатиците треба да бидат доволно високи, а третманот да трае доволно долго за да се уништи и последната туморска клетка.

Ефектите на цитостатиците врз циклусот на клетката

Секоја клетка, способна за размножување, има свој циклус кој се состои од неколку фази.

Клетката после делбата (митоза-М) минува низ фаза на одмор (G1) во која се врши синтеза на протеини и РНК или се исклучува од циклусот (G0) и се наоѓа во фаза на мирување.

После G1 фазата , клетката минува во S-фаза или фаза на синтеза на ДНК.

Потоа преминува во премитотична (G 2) фаза во која клетката се подготвува за наредна митоза (делба).

Траењето на циклусот зависи, во најголема мерка, од должината на G1 фазата, која може да трае од 1- 30 часа.

Траењето на останатите фази варира во помала мерка и кај нормалните и кај туморските клетки.

Така, траењето на S-фазата е 6-8 часа, на М-фазата траењето е помалку од 1 час, G2 фазата трае од 2-4 чса, а целиот циклус трае од 9-43 часа.

Кај агресивните тумори со голема пролиферативна способост, G1 фазата е кратка и целиот циклус трае пократко, со што и бројот на митозите е почест. Процентот на клетките кои активно пролиферираат ја сочинуваат фракцијата на растот на туморот. Доколку оваа фракција е поголема, и одговорот на хемотерапијата е поголем.

Различни цитостатици имаат различно место на дејствување во клеточниот циклус. Така, алкилирачките агенси, антрациклините (адриамицин), актиномицинот, митомицинот, 5-флуороурацилот, дакарбазинот дејствуваат во повеќе фази од клеточниот циклус, додека винка-алкалоидите, таксаните и повеќето антиметаболити дејствуваат само на одреден специфичен дел од циклусот на клетката.

Начин на примена на цитостатиците

Цитостатиците може да се користат поединечно (монотерапија) или, многу почесто, во комбинација од неколку лекови (полихемотерапија).

При составување на шемата при полихемотерапијата, главно се одбираат цитостатици со различен механизам на делување. На тој начин се зголемува можноста за уништување на што поголем процент на туморските клетки при секое нивно давање т.е. аплицирање.

Целта е добивање на адитивен, а во некои случаи и синергистичен ефект.

На пример, често применувана комбинација на цитостатици е CAV –протоколот (циклофосфамид, адриамицин и винкристин). Секој од овие лекови припаѓа на различна група на цитостатици и дејствува на различни нивои при делбата на клетката. Освен тоа, секој од овие цитостатици има различна органо-специфична токсичност: циклофосфамидот има миелосупресивно дејство, т.е. ја инхибира функцијата на коскената срцевина, адриамицинот е кардиотоксичен, а винкристинот доведува до оштетување на периферните нерви.

Значи, при користење на полицитостатската терапија ефикасноста од терапијата е зголемена со подеднаква токсичност, во споредба ако секој од цитостатиците се употребува поединечно.

Исто така, во комбинираната терапија секој лек си ја задржува полната доза, т.е. истата доза која би ја примил пациентот ако лекот се даде како монотерапија.

При комбинирање на шемата, мора строго да се води сметка да не дојде до потенцирање на токсичните ефекти од одреден агенс.

Патишта на аплицирање

Цитостатиците може да се аплицират на следниот начин:

  • Преку уста (per os). Овој начин не се користи често заради слабата апсорпција и лошата поднословост од страна на пациентот (гадење, повраќање).
  • Интраартериално. Целта е обезбедување на брз и, во голем процент дотур на лекот директно во туморот, односно во зафатениот орган, при што се избегнуват системските токсични ефекти. Се користи како предоперативна метода за постигнување на редукција (намалување) на туморот. Незгодна страна е што при постоењето на микрометастази, тие не се одфатени со дејствувањето на лекот.
    Интраартеријалната хемотерапија се состои од администрирање на цитостатици преку артериската циркулација, и тоа како интраартериска инфузија или изолирана перфузија на екстремитетот или органот и примена на хипертермија (загревање) за потенцирање на ефектите на цитостатските лекови. Сепак, овој вид на хемотерапија не ги оправдал очекувањата. Напредокот во постигнувањето на подобра локална контрола е минимален. Чести се и компликациите од овој вид на предоперативна хемотерапија и тие се најчесто: артериска тромбоемболија и инфекција.
  • Интравенски. Ова е најчест начин на апликација на цитостатиците, бидејќи дадени на овој начин, цитостатиците доаѓаат во контакт со сите малигни клеки кои се наоѓаат во циркулацијата.
    Инфузијата може да трае од половина час, па до неколку дена (континуирана инфузија).
  • Интравезикално. Интравезикална хемотерапија значи внесување на цитостатик директно во мочниот меур. Интравезикалната хемотерапија најчесто се користи кај површни тумори (Т0, Т1, Тis), ограничени на мукозата и супмукозата на мочниот меур. Таа најчесто е профилактична, адјувантна хемотерапија и се спроведува по реализираната трансуретрална ресекција на туморот (ТУРТ). Со трансуретралната ресекција се отстранува туморот, но за жал 60% од пациентите ќе имаат рецидив на болеста во рок од 2 години.
  • Интратекално. Повеќето цитостатици не ја минуваат крвно-мозочната бариера. Доколку е потребен дотур на лекот во централниот нервен систем (зафатеност на мозочните обвивки при одредени форми на леукемија и лимфоми), цитостатикот се внесува по интратекален пат.

Најчесто применуван цитостатик, кој се внесува на овој начин, е метотрексатот.

Индикации за примена на цитостатска терапија

Цитостатската терапија, за разлика од хирургијата и радиотерапијата, претставува системска терапија, која се применува кај напреднати стадиуми (локално напреднат тумор или метастатска болест), како и за уништување на супклиничките метастази.

Терапискиот потенцијал на цитостатската терапија е докажан кај хематолошките саболувања и туморите на ретикулоендотелниопт систен (РЕС) како: акутната лимфобластична лекемија кај децата и возрасните, лимфомите со висок степен на малигнитет, Хочкиновата болест, туморите на тестисот, Wilms-овиот тумор, хориокациномот.

Кај овие малигни заболувања, хемотерапијата како самостојна метода или во комбинација со другите тераписки модалитети, може да доведе до трајно излекување кај поголем број од болните.

Кај друга група на малигни тумори, цитостатската терапија доведува до квалитетни и повеќегодишни ремисии (повлекување на болеста).

Во оваа група на малигни заболувања спаѓаат:метастатскиот рак на дојката, метастатскиот рак на јајникот, одредени видови на лимфоми, ситноклеточниот рак на белите дробови, одделни мекоткивни тумори, миеломот, акутната миелоична леукемија.

Кај третата група на малигни тумори, хемотерапијата има слаб палијативен ефект, односно доведува до слаб одговор на терапијата и незнатно влијае на процентот на преживувањето.

Тука спаѓаат туморите на дигестивниот тракт, туморите на главата и вратот, ракот на белите дробови, ракот на матката, ракот на бубрегот и други.

Во сите спомнати групи на малигни заболувања се користи полихемотерапија. Најчесто се применуваат 6-8 циклуси на хемотерапија, кои се аплицираат во интервал од 3-4 недели. Доколку за време на третманот дојде до прогресија на болеста или се утврди дека одредена цитостатска шема не дала тераписки ефект, таа се прекинува (обично после 3- 4 циклуси) и се воведува нова.

При спроведувањето на цитостатската терапија мора да се води сметка за општата состојба на болниот, возраста (кај болни над 70 годишна возраст цитостатската терапија се дава претпазливо), функцијата на црниот дроб, на бубрезите и на срцето.

Цитостатиците се разградуваат во црниот дроб, а се излачуваат преку бубрезите. Затоа, при оштетување на овие органи доаѓа до зголемување на токсичните ефекти од цитостатиците.


Начини на спроведување на хемотерапијата

Цитостатската терапија може да се применува како самостојна метода на лекување или, почесто, како дел од мултидисциплинарниот третман т.е. во комбинација со другите тераписки модалитети.

Постојат повеќе начини на спроведување на хемотерапијата, кога таа се применува во комбинација со другите тераписки модалитети.

Така разликуваме:

  • Предоперативна (неоадјувантна) хемотерапија
    Предоперативната хемотерапија се применува со цел да се намали примарниот тумор и на тој начин да, од првично неоперабилен, премине во операбилен тумор. Со примената на предоперативната хемотерапија се овозможува помалку радикален (помалку опсежен, осакатувачки) хируршки зафат.
    Така, по спроведената предоперативна хемотерапија кај, на пример коскените саркоми, можно е голем дел од неоперабилните тумори да станат операбилни и кај нив да се спроведе т.н. „limb salvage“ хирургија, односно да се спаси зафатениот екстремитет и да се очува неговата функција.
    Исто така, преоперативната хемотерапија се спроведува и кај локално напреднатите мекоткивни саркоми. Таа и овде има за цел да го намали волуменот на примарниот тумор и да овозможи помалку опсежен оперативен зафат.
    Хемотераписки агенси кои покажале најдобар одговор кај мекоткивните саркоми се: doxorubicin, iphosphamide и dacarbasine (DTIC) дадени истовремено (CYVADIC протокол) или docorubicyn даден самостојно, како монотерапија.
    Предоперативната хемотерапија може да се примени и кај локално напреднат рак на дојката, но и кај други видови на локално напреднати малигноми.
    Неоадјувантната хемотерапија може да се примени и пред примената на радиотерапијата, кај некои видови на радиосензитивни тумори, како што се: медијастиналната форма на лимфом, Ewing- овиот сарком и други.
    Неоадјувантната терапија и во овој случај се дава со цел да се намали волуменот на примарниот тумор, а со тоа и да ја зголеми ефикасноста на последователната радиотерапија.
  • Постоперативна (адјувантна) хемотерапија
    Постоперативната (адјувантна) хемотерапија следи по реализираниот оперативен третман. Докажана е вредноста на адјувантната хемотерапија, како дел од првичниот куративен третман после операција на ракот на дојката, нефробластомот, јувенилниот рабдомиосарком, Ewing-овиот сарком, кај одредени видови на лимфоми и други тумори со висок степен на малигнитет.
    Постоперативната хемотерапија се применува и кај пациенти, кај кои не било можно хируршко отстранување на целиот тумор.
    Адјувантната хемотерапија може да се спроведе и после завршената радиотерапија кај истите видови на тумори.
    Целта на адјувантната хемотерапија е постигнување на повисок процент на преживување преку уништување на евентуалните микрометастази.
  • Конкомитантна или конкурентна хемотерапија
    Кај конкомитантната или конкурентната хемотерапија, радиотерапијата и цитостатската терапија се спроведуваат истовремено т.е. паралелно.
    Со истовремената примена на овие два тераписки модалитети се постигнува подобар тераписки одговор, бидејќи се намалува можноста за обновување на туморските клетки за време на фракционираното зрачење (се намалува обновувањето на оштетените малигни клетки меѓу две зрачни фракции/сеанси).
    Овој вид на третман се спроведува кај туморите на гастроинтестиналниот тракт и тој покажал добри резултати.
    Така, кај карциномите на хранопроведникот е постигнато 5 годишно преживување од 30% наспроти 0% при користење на 5-флуороурацил и цисплати истовремено со радиотерапијата.
    Со примена на комбинирана цитостатска полихемотерапија (цисплатин, метотрексат и винбластин) и радиотерапија, постигнати се подобри резултати во лекувањето на неоперабилниот рак на мочниот меур.
    Една од несаканите страни од оваа комбинирана хеморадиотерапија е таа што овој комбиниран третман е многу потоксичен врз здравите ткива, отколку да се спроведува само еден третман, било радиотерапијата или хемотерапијата како самостојна тераписка опција. Опишани се силно изразени белодробни компликации, хематолошки оштетувања, изразени мачнини, гадење, повраќање, малаксаност, замор и слично.
    Затоа, пред да се примени овој комбиниран третман треба добро да се обмисли и да се процени дали тој може да се поднесе од страна на пациентот.
  • Алтерирачка хемотерапија (наизменично менување на хемотерапијата и радиотерапијата)
    Со наизменичното менување на хемотерапијата и радиотерапијата се добиваат добри тераписки ефекти, посебно кај тумори кои послабо реагираат на цитостатици, како на пример што се туморите на главата и вратот и други.
    При оваа комбинација, радиотерапијата се применува за време на слободните интервали меѓу два курса на хемотерапија.
    И при оваа метода се јавуваат силно изразени токсични реакции (на пример изразита леукопенија-пад на белите крвни зрнца во крвта).
  • Континуирана инфузиона хемотерапија и радиотерапија
    Кај континуираната инфузиона хемотерапија и радиотерапија терапевтските резултати се еднакво ефикасни во споредба со класичната интравенска апликација, но токсичните ефекти се значително намалени. Освен тоа, туморските клетки се константно изложени на делувањето на цитостатикот, што во некои случаи доведува и до подобри тераписки резултати.
    Најчесто користени цитостатици за континуирана инфузиона хемотерапија се: блеомицинот, етопозидот, 5-флуороурацилот, цисплатинот и адриамицинот.
    5-флуороурацилот, цисплатинот и адриамицинот најчесто се применуват со истовремена радиотерапија и имаат радиосензибилизирачки ефект, односно, ја зголемуваат ефикасноста на радиотерапијата.
    Поволни резултати од овој вид на третман се добиени кај туморите на главата и вратот, кај туморите на хранопроводникот, ректумот, анусот, панкреасот и мочниот меур.

Несакани ефекти од хемотерапијата

Бидејќи лековите кои се даваат при хемотерапијата (цитостатици) не делуваат селективно само на карциномските клетки, туку и на клетките на нормалните ткива и органи, тие може да дадат повеќе несакани ефекти.

Несаканите ефекти од хемотерапијата зависат од типот на лекот, дадената доза, како и од времетраењето на третманот.

Привремени несакани ефекти се:

  • мачнина и гадење (наузеа), повраќање (вомитус),
  • пролив (дијареа),
  • губиток на апетит,
  • општа слабост и малаксаност, замор,
  • супресија на коскената срцевина и пад на крвните клетки,
  • промени во усната слузница,
  • оштетувања на периферните нерви,
  • опаѓање на косата (алопеција).

Повеќето од овие несакани симптоми исчезнуваат по прекинувањето на хемотерапиското лекување. Овие краткотрајни несакани ефекти може да се намалат или спречат со давање на соодветни лекови.

Мачнина, гадење и повраќање

Цитостатиците ја надразнуваат слузницата која од внатре го обложува системот за варење (желудникот и цревата), заради што може да се јави мачнина и гадење, а многу поретко и повраќање.

Треба да се напомне дека не сите цитостатици можат да дадат мачнина и гадење. Денес постојат специјални лекови т.н. антиеметици кои се многу ефикасни и значително ја намалуваат мачнината. Обично тие се даваат уште во тек на цитостатската апликација, во самата инфузија која се дава како премедикација, а потоа се продожува со таблетки во тек на наредните неколку дена.

Не е можно да се предвиди кој од пациентите ќе го има овој несакан ефект и со каков интензитет.

Тој зависи пред сè од:

  • видот на цитостатикот или комбинацијата на цитостатиците кои се даваат,
  • дозата,
  • индивидуалната реакција на секој пациент посебно,
  • возраста и општата состојба на пациентот.

Доколку се јави мачнината како несакан ефект, таа обично започува по неколку часа од терапијата и може да трае и наредниот ден, но обично изчезнува по неколку дена.

Правилната исхрана за време на цитостатската терапија е многу важна. Треба да се избегнува масна, зачинета, тешко сварлива храна. Се препорачува варено месо и зеленчук, пиење на доволна количина на течности и земање на помали оброци почесто на ден (5-6 оброци). Алкохолот и кафето ја надразнуваат слузницата на желудникот и треба да се избегнуваат за време на третманот.

Губиток на апетит

За време на хемотерапијата и кратко време по нејзиното аплицирање, посебно ако постои и чувство на мачнина и гадење, може да се јави намален апетит. Може да се јават и промени во вкусот на храната ( да има метален вкус, или премногу солен или горчлив). Но, нормалниот вкус на храната повторно се враќа по некое време по престанокот на хемотерапијата.

Отежнатото земање на храна може да биде и поради присутни мали ранички во усната слузница. Раничките се болни, а при земањето на храна болката се интензивира.

Лицата кои се на хемотерапија треба да јадат храна која ја сакаат. Не треба да се тераат да јадат големи и обилни оброци. Треба да се внесува високо калорична храна во помали дневни порции, а почесто во текот на денот. Помага и пиењето на сокови и други витамински препарати.

Пролив (дијареа)

Дијареата е појава на зачестени, течни столици.

Цитостатиците ја надразнуваат слузницата која од внатре го обложува системот за варење (желудникот и цревата), поради што често се јавува пролив (дијареа) како несакан ефект од хемотерапијата.

Обично се јавува во првите неколку дена од секој третман. Некои цитостатици можат да дадат и поинтензивни проливи, кои може да доведат до губење на голема количина на течности од организмот, односно да доведат до дехидрирање на организмот. Во тие случаи треба да се пие поголема количина на течности, а во случаите кога тоа не е можно, поради присутно повраќање, треба да се дадат лекови за смирување на проливот , како и хидрирање на пациентот преку давање на инфузии во вена.

Комбинираната терапија со повеќе третмански модалитети може да даде поинтензивна дијареа.

Сепак и овој несакан ефект варира од пациент до пациент. Кај некои пациенти може воопшто да не се јави или пак да биде изразен во блага форма.

Запек (констипација)

Многу поретко, некои цитостатици можат да предизвикаат запек. Тој може да биде последица од приврмено оштетување на нервите кои ја регулираат функцијата на цревата. Но, овој несакан ефект може да се регулира со правилна исхрана , како и земање на таблетки (лаксативи). Обично, по неколку дена од примањето на хемотерапијата се регулира и работата на цревата и нивното нормално празнење.

Замор

Како чест несакан ефект од хемотерапијата е чувство на замор (губиток на снага, малаксаност). Ова може да биде многу фрустрирачко за пациентот. Заморот може да постои и после одмор и спиење. Може да трае со недели или месеци по завршувањето на хемотерапијата, па затоа често се нарекува „хроничен замор”. Повеќето пациенти ја воспоставуваат својата вообичаена активност и енергија по 6 до 12 месеци од завршувањето на третманот. Но тоа може да трае и подолго, посебно доколку била спроведена долготрајна и интензивна цитостатската терапија, т.н. „спасувачка” терапија со примена на многу високи дози на цитостатиците. Заморот може да делува и на психата на пациентот, предизвикувајќи нерасположение или депресија. Заморот е најчест несакан ефект од третманот на карциномот и се јавува кај 70 до 90% од пациентите кои се на хемотерапија. Повеќето од пациентите велат дека заморот е најразорен од сите несакани ефекти.

Заморот може да биде последица на постоечка слабокрвност (намален број на црвени крвни зрнаца) заради цитостатската терапија. Најниско ниво на црвените крвни зрнаца се забележува од 7 до 14 ден по хемотерапискиот третман. Бидејќи црвените крвни зрнца го пренесуваат кислородот преку крвта до сите клетки во телото, нивниот намален број може да доведе до замор, вртоглавица, недостаток на енергија, чувство на недостаток на воздух, брзо заморување и при најмала физичка активност. Како што се зголемува бројот на еритроцитите, по период од 14 дена од третманот, така овие симптоми се ублажуваат и постепено се враќа енергијата. Но, потоа доаѓа време за нов циклус на хемотерапија и така пак доаѓа до циклично повторување на истите симптоми. Сознанието дека повторно ќе се јават овие несакани ефекти со следниот курс на цитостатска терапија, го прави пациентот вознемирен и фрустриран. Заморот е со поголем интензитет при примена на комбинирана терапија (хемотерапија со истовремена зрачна или хормонска терапија), потоа кај пациенти со локално напреднат или метастатски карцином на простатата, како и кај пациенти во понапедната возраст, кои имаат и некои други придружни интернистички заболувања.

Симптоми на замор

Основни симптоми на заморот се: недостаток на енергија, проблеми со спиењето, чувство на вознемиреност, надразливост или депресија, болки во мускулите, тешкотии при качување по скали или при кратки прошетки, брзо заморување и недостаток на воздух по мали физички активности (туширање или местење на креветот), тешкотии во концентрацијата, намалена способност за донесување на одлуки, губиток на интерес за активностите кои претходно претставувале задоволство, губиток на интерес за сексуални односи, негативни чувства за себе и за другите.

Како да се намали заморот?

Со корегирање на анемијата, со медикаменти или со давање на трансфузија на крв, се подобрува и општата состојба на пациентот и се намалува заморот. За намалување на заморот помага и повеќе одмор и спиење, правилна исхрана, како и практикување на лесни физички вежби.

Промени во усната слузница

Цитостатиците може да предизвикаат и промени во устата: појава на болно, надразнето грло и појава на ранички во усната слузница.

Овие несакани ефекти се означуваат како мукозитис. Тој може да се јави по 5 до 10 дена од примањето на хемотерапијата и исчезнува во тек на 3 до 4 седмици.

Овие ранички можат да бидат многу болни, па затоа често се даваат и аналгетски и антибиотски раствори за испирање на устата, за намалување на болката и спречување на можна инфекција.

Потребна е правилна хигиена на устата и редовно миење на забите со мека четкичка по секој оброк. Помага и испирање на устата со солена вода или со благ раствор на сода бикарбона, како и внесување на големи количини на течности. Пиење на алкохол и кафе не се препорачува, бидејќи тие ја надразнуваат усната слузница и ја влошуваат состојбата.

Оштетување на периферните нерви

Некои цитостатици (на пр. таксотер), може да доведат до оштетување на периферните нерви, најчесто на дланките и на стопалата. Тоа обично се манифестира со чувство на трнење на прстите на дланките и стопалата, послаба контрола при работење на прецизни работи, чувство како да се гази по дебел ќилим. Оваа појава е позната под името периферна неуропатија.

Периферната неуропатија е најчесто привремена и исчезнува по неколку месеци по престанок на хемотерапијата. Многу ретко може да дојде до трајна неуропатија.

Нема ефикасна терапија за периферната неуропатија. Се препорачува витаминска терапија. (витамини од групата Б).

Привремена супресија на коскената срцевина

Цитостостатиците делуваат на супресија на коскената срцевина. Во неа се наоѓаат млади крвни клетки кои потоа созреваат во три вида на крвни клетки:

  • црвени крвни зрнца (еритроцити)
  • бели крвни зрнца (леукоцити)
  • крвни плочки (тромбоцити)

Хемотерапијата ја успорува продукцијата на крвните клетки уништувајќи ги како што тие растат и созреваат во коскената срцевина..

Бројот на белите крвни зрнца најбрзо опаѓа, бидејќи овие клетки имаат најкраток живот во крвта. Така ако коскениот мозок не ги создава, нивниот број во крвта брзо паѓа (неутропенија). Потоа доаѓа до пад на крвните плочки (тромбоцитопенија), а најмалку осетливи се црвените крвни зрнца чиј пад доведува до слабокрвност.

Леукоцитопенија (пад на нивото на белите крвни зрнца)

Леукоцитите се дел од имунолошкиот систем, па затоа при нивно намалување постои поголем ризик од инфекција. Доколку дојде до инфекција се применува антибиотска терапија.

По секој циклус на хемотерапија, доаѓа до намалување на бројот на леукоцитите. Најголемиот пад на леукоцитите се јавува од 10 до 14 ден по примената терапија. Потоа, нивниот број во крвта почнува постепено да се зголемува обично достигнува нормални вредности до следниот циклус на хемотерапијата. Но, со наредниот циклус, повторно доаѓа до пад на леукоцитите.

Доколку дојде до многу изразена неутропенија, се применуваат лекови т.н. хематопоетски фактори на раст (grow factors G-CSF). Тоа се цитокини кои ја регулираат пролиферацијата, диференцијацијата и виталноста на прогенитрните и матичните клетки во коскената срцевина. Тука спаѓаат стимулирачките фактори на гранулоцитите и макрофагите..Со употтребата на овие лекови се корегира неутропенијата предизвикана од цитостатската терапија. Со овие лекови се обезбедува и побезбедно давање на високи дози на цитостатици, побрзо закрепнување и подобри резултати во лекувањето. Лековите се даваат во вид на поткожни инекции и всушност ја стимулираат продукцијата на леукоцитите во коскената срцевина. Најчесто применувани хематопоетски фактори на раст се: Filgrastim, Lenograstim. Како несакани фекти од примената на овие лекови може да се јави болка во коските, мускулна слабост, но тие се краткотрајни и не се јако изразени. Обично не предизвикуваат несакани ефекти и добро се поднесуваат.

Тромбоцитопенија (пад на крвните плочки)

Тромбоцитите помагаат во згрутчувањето на крвта и на тој начин спречуваат да дојде до крварење. Доколку дојде до изразен пад на тромбоцитите, може да се јават: модрици по кожата на телото, крварење од носот, поинтензивно крварење и при мала посекотина. Доколку дојде до изразит пад на тромбоцитите, се дава трансфузија на тромбоцитна маса.

Анемија (пад на црвените крвни зрнца)

Еритроцитите носат кислородот до сите ткива и органи во телото, па нивниот пад може да доведе до замор, вртоглавица, како и чувство на немање доволно воздух и при мал физички напор. Рекомбинантниот еритропоетин ја спречува и ублажува анемијата предизвикана од цитостатската терапија.

За спречување и лекување на недостаток од железо се употребуваат и препарати како што се таблети за џвакање или сируп (како на пример Ferrum Lek, Heferol и други). Со еднократна дневна доза организмот добива 100 мг железо.

Доколку дојде до изразен пад на еритроцитите се препорачува трансфузија на крв, со која успешно се корегира анемијата.

Опаѓање на косата (алопеција)

Паѓање на косата е најдобро познат несакан ефект од хемотерапијата.

Цитостатиците го оштетуваат фоликулот на влакната и косата паѓа. Опаѓањето на косата обично се јавува по 2 до 3 седмици од започнувањето на хемотерапијата. По завршувањето на хемотерапијата, косата почнува нормално да расте.

 

Тестис

Преглед на тестиси како превентива во навремено откривање на ракот на тестис.
[Преземено од YouTube]

Превенција и скрининг - рак на тестис

За раното откривање на болеста многу е важна едукацијата на младата машка популација. Тие треба да се информираат за раните симптоми и знаци на болеста, за значењето на самопрегледот... 


Рани знаци и симптоми

Многу е важно да машкото точно ја познава големината и обликот на своите тестиси, за да може да ги примети промените. Најчест симптом на карциномот на тестисот е присуство на мала, безболна тврдина... 

Простата

Рак на простатата, раскажува д-р Реј од клиниката за третман на ракот на простата - синхронизирано на македонски јазик.
[Преземено од YouTube]

Што е простата?

Простатата е орган со жлездесто-мускулна структура, чиј алкален секрет влегува во составот на семената течност (сперма)... 


Третман на карциномот на простатата

За одредување на најадекватна тераписка опција за одреден пациент, се разгледуваат многу фактори... 

Дебело црево

Настанување и ширење на ракот на дебелото црево - синхронизирано на македонски јазик.
[Преземено од YouTube]

Следење на болните со карцином на дебелото црево

Карциномот на дебелото црево бара доживотно следење (follow-up)... 


Дијагноза кај карцином на дебелото црево

Дијагнозата се поставува со внимателно земена анамнеза, физикален преглед по системи... 

Кожа

Настанување и типови на ракот на кожата - синхронизирано на македонски јазик.
[Преземено од YouTube]

Рак на кожа

Меланомот претставува малигно буење на меланоцитите, клетки кои го произведуваат пигментот на кожата. Тоа е најмалигни облик на кожен карцином и е најчеста причина за смрт од кожен карцином... 


Симптоми и знаци

Најчесто карциномот започнува како мала, сјајна папула која бавно и постепено се зголемува и по неколку месеци се појавува сјаен, бисерен раб со назначени проширени крвни садови... 

Дојка

Радиотераписки третман кај рак на дојка. Радиотерапијата ја одредува лекар специјалист (радиотерапевт и онколог).
[Преземено од YouTube]

Ширење на ракот на дојката

Ракот на дојката е системско заболување, дисеминиран процес, кој, уште од најраните фази на својот развој, е склон кон метастазирање... 


Симптоми и знаци за појава на рак на дојката

Ракот на дојката во својот почетен, ран стадиум е обично асимптоматски...