• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
Симптоми и знаци на гениталниот херпес Печати

Многу луѓе не знаат дека боледуваат од генитален херпес, бидејќи никогаш немале симптоми и знаци на болеста, или пак, не ги препознале симптомите, доколку ги имале. Клиничките студии кои ги испитувале жените со висок ризик за сексуално преносливи болести, покажале дека 47 % од овие жени се носители на вирусот, иако само кај една половина од нив некогаш биле присути симптоми на инфекцијата. Симптомите се посебно изразени во примарната инфекција (првото избивање на херпесот).

Симптомите може да се разликуваат од еден до друг пациент.

Кога лицето прв пат ќе се зарази, симптомите обично се јавуваат во тек на 3 до 10 дена од првиот контакт со вирусот. Овие први епизоди на симптоми обично траат 2 до 3 дена.

Раните симптоми на избивањето на генителниот херпес се:

  • свраб или чувство на печење околу гениталната и анална регија, болки во нозете, задницата или гениталиите,
  • исцедок од вагината,
  • чувство на притисок во стомакот.

По неколку дена од почетните симптоми, се јавуваат ранички на местото каде што влегол вирусот во телото, како на пример на усните, во усната шуплина, на пенисот, на вулвата и на аналниот отвор. Исто така, ранички може да се јават и на слузницата на вагината, како и на грлото на матката или на слузницата на мочниот канал кај двата пола.

Прво се јавуваат мали црвени чворчиња, кои преминуваат во меурчиња, кои потоа пукаат и на нивно место се јавуваат болни отворени ранички. Раничките по неколку дена зараснуваат и на нивно место се ствараат красти, кои постепено отпаѓаат, без да остават лузна. Раните обично комплетно заздравуваат по 10-20 дена.

Други симптоми кои можат да се јават во текот на првата епизода на симптоми можат да бидат: зголемена телесна температура, грозница, главоболка, болки во мускулите, болно и отежнато мочање, вагинален исцедок и отечени и болни лимфни јазли во препоните.

Дали се повторуваат симптомите подоцна?

Лицето заразено со ХСВ типот 1/или тип 2 вирусот ќе има повторни епизоди на инфекцијата од време на време. Оваа инфекција велиме дека често рецидивира, односно се повторува. Откако вирусот ќе престане да биде активен, тој патува во нервите до `рбетниот столб и тука се задржува. И по заздравувањето на кожните ранички, вируот е сеуште присутен во нервните клетки. Тој е скриен, односно неактивен.

Кај повеќето пациенти вируот може да стане повторно активен неколку пати во годината. Сеуште не се знае зошто тоа се случува. Кога вируот повторно ќе се активира, патува долж нервите до кожата каде создава уште повеќе вируси во близина на местото на првата инфекција. На тоа место, обично се јавуваат нови кожни промени.

Понекогаш вирусот се активира, а не предизвикува кожни промени, ниту било какви други симптоми. Во тие случаи, мали количини на вируси можат да се излачуваат на местото или во близина на првата инфекција, да се излачуваат во плунката, во секретот на пенисот, секретот на вагината или пак да се наоѓа во едвај забележителните рани.

Доколку овие промени не предизвикуваат болка или непријатно чувство, исцедокот воглавно не се приметува или не се обрнува внимание на него. Иако лицето нема симптоми, сепак тоа може да го зарази својот партнер.

По првато избивање на кожните промени, следните избивања се обично поблаги и траат околу една недела. Заразеното лице често може да ги предвиди овие епизоди на кожни промени, бидејќи чувствува пецкање или јадеж во гениталната регија, и/или болка во задникот и/или нозете. Понекогаш се јавува само чувство на пецкање и јадеж,без да се јават видливи кожни промени. Во други случаи пак, може да се јават меурчиња, кои може да бидат мали и едвај забележителни, или пак, може да бидат големи и да се претворат во отворени рани, кои зараснуваат со красти и набрзо по нивното отпаѓање исчезнуваат.

Честотата и тежината на симптомите се разликуваат од пациент до пациент. Така, некои пациенти имаат само една или две епизоди на кожни промени во текот на целиот свој живот, додека пат други пациенти може да имаат повторувани кожни избивања неколку пати во годината. Бројот и начинот на избивање, со тек на време се менува и кај еден ист пациент.

Научниците не знаат зошто вирусот повторно станува активен. Иако некои лица со херпес забележуваат појава на херпесни кожни промени во тек на некои други заболувања, при стрес, при менструација или физички напор, сепак, епизодите на кожните промени не можат да се предвидат. Кај некои пациенети, гениталниот херпер може да се активира по изложување на сонце.