• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
Како се лекува ХПВ инфекцијата? Печати

Не постои лек за инфекција со хуман папиломавирус (ХПВ). Најголем број од лицата заразени со ХПВ немаат потреба од посебно лекување, бидејќи самиот организам кај нив се ослободува од вирусот.

Се смета дека важен фактор во борбата против инфекцијата е зајакнувањето на имунитетот. Затоa се препорачува јакнење на имунитетот со здрава храна т.е. консумирање на големи количини овошје и зеленчук, внесување на антиоскиданси (бета каротин, витамин Е и Ц), и високи дози на фолна киселина (Фолацин 5мгр. таблети), престанок на пушењето, намалување на стресот, и доволно одмор, сон и шетање.

Секако, се препорачува користење на презерватив за време на сексуалните односи, сè додека ПАПА тестот не биде повторно во ред. Потребна е редовна лична хигиена.

Помалку од 1% од лицата инфицирани со ХПВ ќе развијат одредени проблеми, во вид на генитални брадавици.

Постојат неколку начини за третирање на гениталните брадавици предизвикани со ХПВ инфекција. За тоа кој начин или лек ќе се примени одлучува лекарот. Тој може да препорача употреба на одредени масти или креми, кои пациентката сама може да ги применува според препораките на својот гинеколог.

Во некои случаи може да биде потребно лекување од страна на стручно лице-лекар во амбулантски услови.

Постојат неколку креми и гелови кои се достапни на рецепт препишан од гинеколог. Тие се нанесуваат од страна на пациентот и се лесни и безбедни за употреба.

Се делат на две групи лекови:


Лекови кои го кочат клеточниот раст со прекинување на клеточната делба. Тоа се т.н. антимитотски лекови. Обично се во форма на гел или раствор кој се нанесува на самата брадавица. Тие делуваат на тој начин што ја уништуваат слузницата на местото на брадавицата.


Лекови - модификатори на биолошкиот одговор. Овие креми се користат за лекување на надворешни генитални брадавици брадавици во или околу анусот. Овие лекови делуваат на тој начин што го стимулираат имунолошкиот систем на пациентот да се бори против ХПВ вирусот.

Во некои случаи потребни се и некои интервенции кои се изведуваат од страна на гинеколог во гинеколошка амбуланта.

Така во третманот на генитални брадавици се применуваат следниве тераписки интервенции:

  • Криотерапија. Криотерапијата е всушност терапија со многу ниска температура, која се изведува со течен азот на температура од минус 198 степени. Криотерапијата овозможува отстранување на гениталните брадавици. За време на оваа интервенција, брадавицата се замрзнува со течниот азот. Замрзнувањето предизвикува формирање на мал плик околу брадавицата. Потоа, мртвото ткиво отпаѓа за околу една недела. Оваа интервенција создава мала болка во пределот на лезијата и ја изведува исклучиво лекар. Криотерапија изведена на грлото на матката предизвикува појава на обилен течен исцедок кој трае околу еден месец по интерванцијата.
  • Локална примена на одредени хемикалии и киселини. Постојат неколку хемикалии и киселини кои доколку се аплицираат на површината на брадавицата создаваат мал плик кој ја подига истата, така да лекарот потоа лесно може да ја отстрани. Хемикалијата или киселината предизвикува појава на плик на местото на брадавката, кој може да предиџвика лесна болка.
  • Електрокаутеризација (горење на брадавицата со употреба на електрична струја). Електрокаутерот овозможува електро и термо каутеризација. Со овој апарат се отстрануваат гениталните брадавици, но и други тумурозни промени што не можат да се отстранат со криотерапијата.
    Гениталните брадавици се отстранат со нивно горење, користејќи ниско волтажна струја. Оваа се изведува во гинеколошка амбуланта под локална анестезија.
  • Хируршко отстранување на гениталните брадавици. Ова е мал хируршки зафат кој се состои од отсекување на брадавицата. Тој се изведува од страна на лекар, во локална анестезија и во амбулантски услови. Интервенцијата може да е пропратена со локална болка, која по извесно време поминува.
  • Ласерска хирургија (користење на силна светлина со која се уништуваат брадавиците). Оваа метода се користи обично кај поголеми брадавици, кои неможат да се отстранат со криотерапијата, или кога се присутни повеќе на број брадавици. Оваа метода се користи во оние случаи кога брадавиците не можеле да се отстранат на друг начин. Интервенцијата се изведува во амбулантски услови, во локална анестезија и ја изведува лекар.
  • Интерферон. Интерфероните се протеини кои се ослободуваат од клетката заразена со вирус и им наложуваат на околните клетки да произведуваат ензими кои ќе ја спречат вирусната репликација. Интерфероните го стимулираат природниот имунолошки систем на организмот кој се бори против вирусот.
    Интерферонот се вбризгува со игла директно во брадавицата. Овој третман е ефикасен како и останатите третмани, но сепак поретко се користи поради непријатниот начин на нанесување на лекот, потребата од често повторување на интервенцијата и поради несаканите ефекти. Се користи во оние случаи кога другите тераписки опции не дале добри резултати.
    Иако во повеќето случаи имуниот систем го ослободува телото од ХПВ, вирусот понекогаш може да продре подлабоко во ткивото каде останува скриен од дејството на лековите. Ова е причина за повторното јавување на гениталните брадавици по нивното првично излекување. Затоа им се препорачува на пациентите да внимаваат и да при првото повторно јавување на брадавките се јават на лекар Ова посебно се случува во првите три месеци по третманот.