• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
Симптоми и дијагноза на ХПВ инфекцијата Печати

Симптоми и знаци кај ХПВ инфекцијата

Инфекцијата сп ХПВ вирусот може да биде асимптоматска, односно да лицата инфицирани со хуман папиломавирус (ХПВ) немаат никакви симптоми и знаци на инфекцијата и да не се свесни дека се заразени, бидејќи вирусот самиот од себе може да не предизвикува никакви тегоби.

Сепак, кај одреден број лица заразени со одредени типови на ХПВ се јавуваат генитални брадавици (единечни или повеќе на број, кои растат во предел на гениталиите). Брадавиците главно се појавуваат на влажниот дел на гениталиите или околу анусот. Овие брадавици, обично се меки, влажни, со розевкаста боја или со боја на месо. Тие може да бидат испакнати или во иста рамнина со останатиот дел на слузницата. Овие брадавици не мора да се појават веднаш по инфицирањето со ХПВ вирусот. Можат да се појават неколку недели па и месеци по сексуалниот контакт со инфицираното лице.

Гениталните брадавици можат да растат од внатрешната или надворешната површина на вагината, на вагиналните усни, вулвата, грлото на матката и во или околу анусот.

И мажите можат да бидат инфицирани со ХПВ вирусот. Обично кај нив инфекцијата предизвикува појава на брадавици во пределот на пенисот, скротумот, на кожата на бедрата и во или околу анусот.

Поретко гениталните брадавици можат да се појават и во устата и грлото, особено кај лица кои практикуваат орален секс со друго ХПВ инфицирано лице.

Гениталните брадавици обично не предизвикуваат симптоми, а ако истите се јават најчесто се манифестираат во вид на чешање и печење. Брадавицате се нежни и може и при помала механички дразба да се разрани и да крвари. Може да дојде и до дополнителна бактериска инфекција, која ја влошува состојбата, па да се јави болен оток, црвенило, печење, изразит јадеж во пределот на промените.

Дијагноза на ХПВ инфекцијата

Бидејќи ХПВ често не дава никакви симптоми, најчесто се открива случајно за време на рутинскиот гинеколошки преглед. При прегледот лекарот забележува постоење на генитални брадавици во или околу вагината, на вагиналните усни, грлото на матката или околу анусот. Тоа е доволна причина да се испрати пациентот на дополнителни иследувања, со цел да се открие причинителот на овие генителни брадавки. Најчесто е тоа ХПВ вирусот.

Во сите случаи кога при гинеколошкиот преглед ќе се откријат промени на гениталните органи, посебно доколку се откријат генитални брадавици, потребно е да се направи ПАПА тест.

ПАП тест се употребува како редовен тест за рано откривање на рак на грлото на матката. ПАПА тестот во такви случаи обично покажува промени на грлото на матката предизвикани со ХПВ инфекцијата.

ПАП тестот е и најчесто употребуваниот тест со кој се открива ХПВ инфекција.

Сепак, можно е резултатите од ПАП тестот да бидат нормални и покрај тоа што жената е инфицирана со ХПВ. Но и обратното, ненормален ПАП тест не мора да значи дека постои инфекција со ХПВ.

Ако брадавиците се мали и не можат да се видат при обичен преглед, лекарот може да ја испрати пациентката на колпоскопија.

Колпоскопијата е дијагностичка метода со која се гледа грлото на матката со зголемување од 6 до 40 пати. Колпоскопијата е раширена метода на преглед на грлото на матката, со која се бараат евентуално присутни лезии.

Колпоскопија е дијагностичка постапка која му овозможува на лекарот директена визуализација на слузницата на вагината и на грлото на матката со помош на колпоскоп, кој е еден вид на микроскоп со светло Лекарот прво го премачкува цервиксот со раствор на оцетна киселина, а потоа користи инструмент сличен на микроскоп т.н. колпоскоп со кој темелно го прегледува цервиксот. Лекарот може потоа да го премачка цервиксот со раствор на јод (постапката се нарекува Schiller тест). Здравите клетки изгледаат кафени, додека абнормалните се жолто пребоени. Оваа постапка може да се изведе во амбулански услови.. На тој начин се гледаат и промени кои не може да се забележат со „голо око“, т.е. без зголемување. Прегледот со колпоскоп може да биде непријатен, но не е болен и трае 5-10 минути.

Доколку при колпоскопијата се забележи сомнителна лезија на грлото на матката, треба да се земе материјал од таа промена (биопсија) со цел да се постави дефинитивна патохистолошка дијагноза.

Кај еден вид на биопсија, лекарот користи инструмент за откинување на мали парченца на цервикално ткиво.

Друга метода која се користи за биопсија е т.н. електрохируршка ексизиона постапка (LEEP). При оваа постапка лекарот користи електична жица за да земе тенок кружен дел од ткивото.

И двата вида на биопсија можат да се изведат во амбулантски услови, со користење на локална анестезија т.е. при самата биопсија, лекарот локално го анестезира грлото на матката. По постапката можно е слабо крварење.

Кај жени над 30 години возраст или оние кај кои постојат сомнителни резултати на ПАПА тестот лекарот може да побара да се изведе ХПВ тест.