• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
Како се пренесува ХПВ инфекцијата? Печати

ХПВ се пренесува со директен контакт од кожа на кожа со инфицирано лице. Преносот обично се врши при вагинален, орален или анален секс. Пренесување на инфекцијата може да се случи дури и кога инфицираното лице нема брадавици или било какви други симптоми.

Мора да се истакне дека употребата на презервативите не значи и сигурна заштита од ХПВ инфекцијата. Можно е таа да се пренесе и од присутниот вирус на кожата околу гениталните органи. Вирусот може да го има на кожата на скротумот и кожата на бедрата кај инфицираното лице.

Спермицидните пени, кремови, желеа кои имаат дејство против сперматозоидите и со тоа спречуваат несакана бременост, не се ефикасни во спречување на ХПВ инфекција. Напротив тие можат да предизвикаат ситни микроскопски ранички на слузницата на гениталиите, со што се олеснува контактот со ХПВ вирусот.

Се уште не е сосема потврдено дали инфекцијата може да се пренесе преку предмети како крпи, долна облека или друг личен прибор.

Фактори на ризик за развој на ХПВ инфекција се:

  • Повеќе сексуални партнери. Утврдено е да лицата кои почесто ги менуваат своите сексуални партнери имаат значително поголем ризик да бидат заразени со ХПВ. Лица кои имаат еден сексуален партнер имаат многу помал ризик од инфекција со ХПВ вирус.
  • Сексуални односи со високо ризичени партнери. Оние лица кои имаат сексуални односи со лица кои често ги менуваат своите сексуални партнери или кои се заразени со ХПВ вирусот, имаат поголем ризик да се заразат со ХПВ вирусот. Во тие случаи обавезно се препорачува користење на презервативи при сексуалниот однос, иако и тие не даваат целосна заштита од инфекцијата.
  • Пушење. Утврдено е дека пушачите имаат поголем ризик да се заразат од ХПВ вирусот. Исто така, пушењето е важен фактор на ризик за развој на преканцерозните лезии на грлото на матката, како и за развој на карциномот на грлото на матката. Инциденцата на цервикалниот карцином е повисока кај жените кои пушат. Тие имаат релативен ризик за заболување од 3.0.
  • Намален имунитет. Лицата со намален имунитет, како оние со СИДА или некои други нарушувања, имаат зголемен ризик да се инфицираат со ХПВ. Исто така кај нив инфекцијата е побурна и може да даде поизразени симптоми и знаци.