• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Патологија и развој на туморот Печати

Патологија

Во зависност од тоа дали произлегуваат од бубрежниот епител или од епителот на бубрежната карлица и уретерот, туморите на бубрегот се делат на:

  • карциноми на бубрежните клетки – renal cell carcinoma, кои се јавуваат како последица на малигна трансформација на бубрежните клетки,
  • карциноми на бубрежната карлица и уретерот – transitional cell carcinoma, кои се јавуваат како последица на малигна трансформација на преодните клетки.

Карциномот на бубрежните клетки (renal cell carcinoma) е најчест малиген тумор на бубрегот кој се јавува во 80-85% од сите бубрежни карциноми.

Постојат неколку подтипови на карциномот на бубрежните клетки: карцином на светли клетки (80%), хромафини или папиларни карциноми (15%) и хромофобни карциноми (5%). Варијантата која се нарекува саркоматоиден бубрежен карцином може да се јави во сите подтипови и таа е најагресивна форма на карцином.

Карциномот на преодните клетки настанува во делот на бубрегот кој се нарекува бубрежна карлица (pelvis renis). Тоа е дел од бубрегот, каде мочката се собира пред да се слие, преку уретерот (мочниот канал), во мочниот меур. Овој тип на карцином е посличен со карциномот на мочниот меур, отколку со карциномот на бубрегот, па нивното лекување е слично како кај карциномот на мочниот меур.

Раст и ширење на бубрежниот карцином

Локален раст и ширење на карциномот на бубрегот

Карциномот на бурежниот паренхим е во форма на јазел, кој може да биде со различна големина. Тој со тек на време расте и може да достигне големина од 10 cm во својот најголем дијаметар, па и повеќе.

Овој тумор долго време може да биде ограничен и инкапсулиран, односно да не ја пробие капсулата на бубегот.

Со тек на време, како што болеста прогредира, туморот може да расте кон медуларниот дел и бубрежната карлица (легенче), како и кон бубрежната капсула. Туморот може да ја навлезе и бубрежната вена и да со својот директен раст продре во периреналното (околу бубегот) масно ткиво и во надбубрежната жлезда, која се наоѓа на горниот пол на бубрегот.

За потребите на клиничката практика, малигните тумори на бубрегот се делат на три степени.

Во првиот степен се вклучуваат диференцираните карциноми кои имаат светла протоплазма во малигните клетки, поради натрупување на гликогени липиди, и се нарекуваат clear cell carcinoma или hipernephroma.

Во вториот степен спаѓаат недиференцираните карциноми кои се каратеризираат со грануларен карактер на клетката и се изразено атипични-недиференцирани.

Во третиот степен на малигнитет не само што е изразена атипијата, односно недиференцираноста на малигните клетки, туку се губи и нивната жлездеста градба, па туморот добива саркоматозен изглед.

Од саркомите на бубрегот, најчести се фибросаркомот и леомиосаркомот.

Лимфогено ширење на карциномот на бубрегот

Бубрежниот карцином не само што расте локално, при што со својот раст директно ги зафаќа околните структури и ткива, туку тој се одликува и со висок потенцијал за лимфогено (преку лимфата) и хематогено (преку крвта) метастазирање.

По лимфен пат, карциномот на бубрегот најчесто ги зафаќа лимфните јазли во малата карлица и оние околу големите крвни садови (аортата и вена кава).

Така многу често, дури и при првичното дијагностицирање на туморот, може да бидат присутни зголемени, метастатски изменети лимфни јазли во абдоменот.

Хематогено ширење на карциномот на бубрегот

Метастазирањето на карциномот на бубрегот по крвен пат е доста често и, речиси, исто како и при меланомот и при туморите на белите дробови, не се раководи од никакви закономерности и не може да се прогнозира каде ќе се прошири и кои органи или ткива ќе бидат зафатени со метастази.

Инфилтрирањето на бубрежната вена овозможува метастазирање во црниот дроб, белите дробови, коските и мозокот. Тие се најчести локализации на метастазите на карциномот на бубегот. Но, понекогаш се забележуваат и најнеобични метастазирања како во: усната шуплина, гркланот, срцето и другите органи.

Според тоа, со метастази може да биде зафатен било кој орган или ткиво во телото.

Раст и ширење на карциномот на бубрежната карлица и уретерот (карцином на преодниот епител – transitional cell carcinoma)

Овој тип на карцином почесто метастазира по лимфен пат. Најпрво се зафатени околните лимфни јазли, како и лимфните јазли во малата карлица и во абдоменот (околу големите крвни садови – аортата и вена кава).

Карциномот на преодните клетки поретко метастазира по крвен пат. Но, можно е да се јават метастази во било кој орган или ткиво во телото.

Во 20-30% од пациентите, прво се јавува далечно метастазирање, а потоа се открива примарниот тумор.