• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Рак на бубрег (renall cell carcinoma, hypernephoma) Печати

Карциномот на бубрегот уште се вика и карцином на бубрежните клетки или аденокарцином (Renall cell carcinoma, hypernephoma).

Карциномот на бубрегот учествува со околу 2% од сите малигни тумори кај возрасните.

Се проценува дека ќе има 54 390 новодијагницирани случаи на карцином на бубрег и бубрежна карлица во САД, а 13 010 смртни случаи од овој карцином, во 2008 година во САД.

Обично карциномот се јавува во понапредната возраст, најчесто во шестата деценија од животот.

Карциномот се јавува два пати почесто кај мажите отколку кај жените. Точната причина не е позната, но се претпоставува дека може да биде тоа што мажите почесто се изложени на делувањето на некои хемиски супстанции за време на секојдневната работа, а и повеќе има пушачи меѓу мажите отколку жените.

Како и за сите други карциноми кои се јавуваат кај луѓето, така и за ракот на бубрегот причините за неговото јавување не се познати.

Сепак, некои лица имаат поголем ризик да заболат од оваа болест. Постојат одредени фактори на ризик кои ја зголемуваат можноста од појава на оваа болест кај некои луѓе. Некои фактори, како што се пушењето можат да се контролираат, но други фактори како што се возраста, генетската предиспозиција (присутна позитивна фамилијарна анамнеза) не може да се изменат и не може да се влијае на нив. Но, присуството на фактор на ризик, па дури и повеќе фактори, не значи и сигурно појавување на ова малигна болест. Многу лица, кои имаат некои од факторите на ризик, нема и да заболат од карцином на бубрегот. Од друга страна, пак, често заболуваат и лица кои немаат ниту еден од овие фактори на ризик.

Сеуште неможе да се објасни зошто некои луѓе заболуваат, а други не.

Како фактори на ризик за карциномот на бубрегот се наведуваат: пушењето, прекумерната телесна тежина, делувањето на канцерогените фактори од работната средина, позитивната фамилијарна историја на болеста (генетска предиспозиција), високиот крвен притисок, одредени наследни и други заболувања (воспаление на бубрег, присуство на каменчиња во бубрегот, трауми), бубрежна слабост поради напреднати бубрежни заболувања, примена на некои лекови.

Денес се смета дека карциномите на бубрегот се јавуваат во хередитарен и нехередитарен облик, а нивното појавување може да е резултат на генетски или соматски мутации.

Бидејки не е позната причината на болеста како и сите можни фактори на ризик, не е можно да се спроведе адекватно спречување на болеста. Сепак како превенција се наведуваат неколку фактори:

  • престанок на пушење
  • одржување на нормална телесна тежина
  • умерена и редовна физичка активност
  • регулирање на крвниот притисок
  • избегнување на изложеност на некои канцерогени фактори

Многу студии укажале дека престанокот на пушењето значително го намалува ризикот од појава на карцином на бубрегот.

Одржувањето на нормална телесна тежина со правилна исхрана и умерена физичка активност исто така го намалува ризикот од настанување на ова оболување. Правилната исхрана се состои од внесување на повеќе овошје и зеленчук, а помалку конзервирана храна.

Високиот крвен притисок е исто така докажан фактор на ризик за настанувањето на карциномот на бубрегот. Затоа регулирањето на крвниот притисок е и еден вид на превенција за карциномот на бубрегот и ги намалува шансите за настанување на ова заболување.

Како фактори на ризик за настанување на карциномот на бубрегот се наведуваат и многу хемиски канцерогени супстанции. Затоа избегнување на изложеност на некои канцерогени фактори ( пример одредени професии при кои лицата се изложени на хемиски канцерогени) го намалува и ризикот од карцином на бубрегот.

Овие горе наведени фактори на ризик може да се контролираат, но други фактори како што се возраста, генетската предиспозиција (присутна позитивна фамилијарна анамнеза) не може да се изменат и не може да се влијае на нив.

Најважно е рано откривање на карциномот на бубрегот.

Карциномот на бубрегот често може да биде асимптоматски т.е да не даде никакви симптоми во неговиот ран стадиум, сè додека не прогредира во понапреднат стадиум. Затоа, кај оние пациенти кои имаат еден или повеќе фактори на ризик се препорачува скрининг, со цел да се открие ракот во неговиот ран стадиум, кога и лекувањето е успешно.

Скрининг тестовите обично се изведуваат периодично, на пример еднаш годишно, или еднаш на секои 5 години.

Најчести скрининг тестови се:

  • анамнеза и физикален преглед од страна на уролог,
  • лабораториски преглед на мочта и крвта,
  • цитолошки преглед на мочта,
  • ехотомографски преглед на абдоменот.

Симптомите и знаците на болеста во некои случаи се слабо изразени и неспецифични, како што се: општа слабост, малаксалост, повремени безболни хематурии (крв во мочка) кои спонатно исчезнуваат.

Кај некои болни, заболувањето се манифестира со општа интоксикација.

Сепак за ракот на бубрегот карактеристичен тријас на симптоми е:

  • хематурија
  • палпабилен тумор
  • болка

Најчест симптом при карциномот на бубегот е хематуријата која се јавува кај повеќе од 50% од болните. Таа, обично се јавува спонтано и при полно здравје и по некое време спонатно исчезнува, без лекување. Во почетокот е ретка, но со напредувањето на болеста, се јавува почесто. Кога хематуријата е обилна, може да дојде до згрутчување (коагулација) на крвта во бубрежните чашки и уретерот (горниот мочен канал) и да дојде до запушување кое се манифестира со болки, тешко мочање, па дури и со појава на анурија (потполна неможност за мочање).

Втор симптом по честота и важност е присуство на туморот кој може да се напипа при бимануелна палпација.

Трет значаен симптом е болката, која зависи од степенот на развојот на болеста. Може да биде како колика (јаки напади на болка), па кога ќе сопре крварењето, да престане и болката. Но кога туморот ќе се прошири надвор од капсулата, болката може да биде постојана и тапа и се јавува кај 40% од случаите.

За успешно лекување на карциномот на бубегот важна е раната дијагноза. Кога ќе се јават одредени симптоми и знаци кои поставуваат сомнеж за постоење на карцином на бубрегот потребно е да се направат одредени дијагностички испитувања. Секоја појава на безболна хематурија бара детално испитување. Затоа при секое појавување на крв во мочката неопходно е веднаш да се отиде на лекар.

За поставување на рана дијагноза при тумор на бубрегот важен е редоследот на испитувањата. Потребно е да се направат повеќе испитувања.

Во дијагностички процедури за карциномот на бубрегот спаѓаат:

  • анамнеза и физикален преглед од страна на уролог,
  • лабораториски преглед на мочта и крвта,
  • цитолошки преглед на мочта,
  • ултразвучен (ехотомографски) преглед,
  • пиелографија,
  • компјутерска томoграфија (КТ) на абдоменот и градниот кош,
  • магнетна резонанца (МРИ),
  • биопсија од туморската промена во бубрегот,
  • биопсија на лимфните јазли,
  • сцинтиграфски преглед (скен) на скелетот.

По поставувањето на дијагнозата и стадиумот на болеста следи терапијата.

За да се спроведе адекватен третман на карциномот на бубрегот потребно е да се одреди стадиумот на болеста, но се земаат во предвид и други фактори.

Според тоа, терапијата индивидуално се планира за секој пациент одделно.

Стадиумот означува дали се работи за локализирана болест (ограничена само на бубрегот) или за проширена болест. Стадиумот се одредува врз основа на дијагностичките испитувања како што се: биопсијата и резултатите од биопсијата на лезијата, биопсијата на зголемените лимфни јазли, ултразвучниот (ехотомографски) преглед, компјутеризираната томографија, магнетната резонанца, и сцинтиграфскиот преглед (скен) на скелетот.

Одредувањето на стадиумот на болеста е од големо значење, бидејќи од него зависи и изборот на адекватната терапија. Секој стадиум има свој посебен тераписки пристап, како и шанси за излекување. Стадиумот се определува според ТНМ класификациониот систем. Но, покрај стадиумот на болеста, од големо значење за изборот на терапијата е и градусот на туморот, кој го одредува патологот врз основа на микроскопскиот преглед на материјалот земен од биопсијата. Вискоградусните тумори се многу поагресивни и имаат полоша прогноза и бараат и поагресивна терапија.

Според тоа за одредување на најадекватна тераписката опција за одреден пациент, се разгледуваат многу фактори, како на пример: стадиумот на болеста, градусот на туморот, возраста на пациентот, неговата општа состојба и други фактори.

Третманските опции за туморите на бубрегот ги вклучуваат:

  • хируршкиот третман,
  • радиотерапијата,
  • таргет (целна) терапијата,
  • имунотерапијата,
  • хемотерапијата

Најчесто е потребен мултидисциплинарен тераписки пристап, односно комбинација од два или повеќе од спомнатите тераписки модалитети.

Завршувањето со терапијата не значи и прекинување на грижата кон болниот. Карциномот на бубрегот бара доживотно следење (follow-up). За жал тој може да се јави и многу години по неговото успешно излекување. Регистрирани се случаи на повторување на болеста (рекуренца) и по 10 до 15 години. Затоа, пациентите кои биле успешно излекувани од карциномот на бубрегот, мора да прават редовни контроли во текот на целиот свој живот. Успешното следење на болните се остварува само со соработка од страна на пациентот. За таа цел, тој треба да биде доволно здравствено едуциран и запознаен со неговата болест, со нејзиниот тек и со можноста за повторување на болеста и по нејзиното комплетно излекување. Рецидивите може успешно да се лекуваат доколку се откријат на време.

Постојат две различни локализации на рекуренцата:

  • локална рекуренца, во пределот на местото на извадениот бубрег (бубрежна ложа),
  • метастазична рекуренца, кога туморот се проширил во други оддалечени органи и ткива во телото.

Затоа, за рано откривање на рекуренцата потребно е редовно следење на пациентите на секои три месеци во првата година, со правење на сите потребни дијагностички процедури, кои би покажале дали постои присуство на локален рецидив или појава на метастатска болест.