• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Што е гастроскопија - кога и како се изведува? PDF Печати

[Ендоскопски дијагностички методи]

Гастроскопијата е често изведувана процедура со која се овозможува директна визуелизација на внатрешноста на гастро-интестиналниот тракт (хранопроводник, желудник и дванаесетпалачно црево). Гастроскопијата се изведува со помош на гастроскоп, кој е флексибилен, совитилив инструмент.

Денешните гастроскопи ги пренесуваат сликите електронски, додека постарите типови на гастроскопи ги пренесуваат сликите со помош на фибер-оптички систем.

Гастроскопија е иницијална процедура за потврдување на рефлуксен езофагит (рефлуксна болест), потврда на чир на желудникот и дуоденумот, но и за откривање на карцином на желудникот и хранопроводот.

Прегледот се изведува со ендоскоп, во случајов наречен гастроскоп.

Гастроскопот е во форма на цевка, со должина од околу 100 cm, а со дијаметар од 9 mm. Во внатрешноста на гастроскопот се наоѓа оптичкиот системи и рaботниот канал, преку кој по потреба се зема биопсија или се сопира крварење во хранопроводот или желудникот. На врвот се наоѓа камера и светло со што се овозможува директна виуелизација на слузницата на хранопроводникот, желудникот и дванаестопалачното црево.

Примена на гастроскопија

Гастроскопијата се применува при многу состојби. Покрај тоа што со гастроскопија се врши детален преглед на слузокожата на хранопроводот, желудникот и дуоденумот и можат да се откријат воспаление, чир, стеноза (стеснување) на хранопроводот, исто така, доколку има потреба може за време на гастроскопијата да се отстранат полипи (бенигни тумори), да се сопре крварење, на пример при „прскање“ на чир на желудник и да се земе примерок од сомнителната промена на слузницата (биопсија), за понатамошно испитување.

Припрема на пациентот

Пред прегледот пациентот не смее ништо да јаде и пие. Со тоа ќе се овозможи задоволителна визуелизација, но ќе се избегне и повраќање во текот на процедурата.

Изведба на гастроскопија

Гастроскопот е мека, совитлива цевка, која се спроведува до желудникот преку уста. Ова обично трае 5 минути и обично се изведува со истовремена интравенска (преку вена) седација. Алергиските реакции кон овие седативи се ретки. По изведбата на процедурата, пациентот доколку примил седатив (средство за смирување), не треба да управува со моторни возила се до наредниот ден.

Гастроскопијата се изведува во болница, како амбулантска процедура, односно пациентот не се хоспитализира за изведба на гастроскопија. Обично, доколку пациентот примил средство за смирување треба да остане уште 3 часа по процедурата во болница.

Компликации

Гастроскопијата и покрај тоа што е непријатна за пациентите, сепак е многу безбедна; комликации најчесто се јавуваат при интервентни процедури како дилатација (проширување) на стриктури (стеснувања) на хранопроводот, отстранување на полипи и сл.

Компликации кои најчесто се јавуваат:

  • перфорација (пробивање, пробушување) на ѕидот на хранопроводот, желудникот или доденумот.
  • инфекција на вратот, градите или стомачната празнина по перфорација (пробивање) на некој од органите за варење.
  • крварење - доколку се оштетат крвните садови, но најчесто по отстранување на полипи.
  • белодробни инфекции како резултат на повраќање или аспирација (вдишување) за време на процедурата.

Се преземаат сите мерки за да се минимизира ризикот од комликации. Постојат начини за рано откривање и следење на појавата на овие компликации. Многу ретко може да се јави потреба од хоспитализација, хируршка операција, хранење преку инфузија или трансфузија на крв. Иако може да дојде и до смртен исход од компликации при дилатација на езофагус (проширување на хранопровод), сепак тоа е екстремно ретко.

Посебни мерки на претпазливост се преземаат доколку пациентот:

  • има тешка срцева, белодробна или бубрежна болест,
  • има дијабетес,
  • има намален имунитет,
  • има лимфом, или прима хемотерапија,
  • има заболување на срцевите залистоци, пејсмејкер,
  • многу лесно крвари или зема лекови против згрутчување на крвта како аспирин.

Биопсија при гастроскопија

Доколку при гастроскопијата се види сомнителна промена на слузницата на желудникот, може да се земе парче од таа промена (биопсија) и да се испрати на патохистолошки преглед. Патологот, испитувајќи го под микроскоп земениот материјал при биопсијата, ќе ја постави дефинитивната хистолошка дијагноза за карцином на желудникот. Истовремено, патологот го одредува и степенот на диференцираноста (градус)на туморот.

Според тоа, дијагнозата треба да се постави со гастроскопска или хируршка биопсија и хистологијата треба да биде во согласност со критериумите дадени од Светската Здравствена Организација (СЗО).