• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Невробластома - Лист 3 Печати
Индекс на артикл
Невробластома
Поставување на дијагноза
Стадиуми на болеста и лекување
Сите страници

Стадиуми на болеста

Интернационален неуробластома стејџинг систем

Стадиум I

Туморот е ограничен на структурата од која потекнува.

Стадиум II

Туморот се шири вон органот или структурата од која потекнува, но не ја поминува средишната линија на телото. Може да бидат зафатени регионалните лимфни јазли од истата страна.

Стадиум III

Туморот се шири вон средишната линија на телото и може да бидат зафатени лимфните јазли од двете страни на телото (на пример од двете страни на вратот).

Стадиум IV

Метастатска болест, со присуство на метастази во коските, внатрешните органи, мекото ткиво и оддалечените лимфни јазли.

Стадиум IVS

Пациенти кои би биле во прв или втор стадиум, но имаат далечни метастази во црниот дроб или коскената срцевина, без радиолошки доказ за коскени метастази.

Лекување на неуробластомот

За одредување на најадекватна тераписка опција за одреден пациент, се разгледуваат многу фактори, како на пример: стадиумот на болеста, градусот на туморот, возраста на пациентот, неговата општа состојба и други фактори. Секој пациент треба да се разгледува одделно и да се избере најдобрата тераписка опција за него.

Расположиви тераписки опции за неуробластомот се:

  • хируршки третман,
  • радиотерапија,
  • хемотерапија.

Кој од овие тераписки опции, или нивна коминација, ќе се примени, зависи од сите претходно наведени фактори.

Хируршки третман

Хируршкиот третман игра важна улога во третманското водење на пациентите со ран стадиум на неуробластом. Доколку туморот е операбилен, хируршкиот третман е терапија на избот. При тоа, по оперативниот третман, можно е да нее потребна дополнителна терапија.

При присутни метастази во далечните органи и ткива, првичната улога на хирургијата е да обезбеди материјал за микроскопска хистопатолошка анализа. Во полсениве години, материјал за хистопатолошка анализа се зема и со перкутана биоспија водена под екран (со помош на ехотомографија или компјутеризирана томографија).

Радиотерапија

Радиотерапијата е втора тераписка опција во третманот на неуробластомот. Таа има за цел постигнување на локална контрола на болеста, односно намалување на појавата на локални рецидиви.

Радиотерапијата се спроведува кај пациенти кај кои не е извршена радикална операција, односно кај кои не е изваден туморот во целост и постои заостанат тумор. Исто така се применува и при постоење на метастази во лимфните јазли. Примената на постоперативната терапија ја подобрува локалната контрола на болеста и прогнозата.

Постоперативната радиотерапија се спроведува со помош на линеарен акцелератор, со користење на високоенергетски фотони (X-зраци).

Во текот на изминатите неколку декади, со воведувањето на сè пософистицирани и попрецизни техники на зрачење, постигнат е огромен напредок во радиотерапијата. Со овие модерни техники на зрачење се постигнува прецизно доставување на повисока доза во пределот на туморот, а минимално озрачување на околните ткива. Исто така, се постигнува и подобра локална контрола, како и помалку акутни и доцни несакани ефекти.

3Д КРТ користи компјутерски софтвер за интегрирање на КТ снимките од внатрешните ткива и органи на пациентот. Тоа овозможува попрецизно формирање на високата волуменска радијациона доза соодветно на обликот на туморот. 3Д КРТ на тој начин ги намалила како акутните, така и доцните несакани токсични ефекти врз нормалните ткива и околни органи кај пациентите со неуробластом, а од друга страна се постигнала повисока кумулативна доза во самиот тумор.

Радиотерапијата е тераписка опција и за пациенти со неоперабилен тумор.

Хемотерапија

Доколку туморот дал метастази во далечните органи и твива за време на првичната дијагноза, или е туморот проценет како високо ризичен за метастазирање (врз основа на направените биолошки тестови), се применува интензивна хемотерапија.

Хемотерапијата е тераписка опција кај метастатскиот неуробластом, како и кај големи неоперабилни неуробластоми.

Таа може да се примени како предоперативна (неоадјувантна) кај пациенти со големи, првично неоперабилни тумори. Целта на оваа неоадјувантна терапија е да го намали туморот и да го од неоперабилен претвори во операбилен.

Исто така таа се применува и кај големи тумори кои не се целосно хируршки отстранети и кај кои постои висок ризик од локален рецидив на болеста и ризк од метастазирање.

Испитувани се бројни цитостатици во третманот на неуробластомот. Како најефикасни се покажале: етопозид, цисплатил, доксорубицин, винкристин и циклофосфамид.

Хемотерапија со високи дози и трансплантација на матични клетки

За одредени пациентиможе да се применат високи дози на хемотерапија, после што следи пресадување (трансплантација) на матични клетки. Терминот „пресадување на коскена срцевина“ се користи за опишување на процесот на земање на клетки од коскената срцевина и нивно повторно враќање (реинфузија) во пациентот. Ова повторно враќање на земените матични клетки се прави по примена на многу високи дози на хемотерапија и/или радиотерапија. Овој процес се нарекува пресадување на матични клетки (stem cell transplantation).

Матичните клетки кои се развиваат и делат во коскената срцевина се одговорни за стварањето на сите три вида на крвни клетки: еритроцити, леукоцити и тромбоцити. Матичните клетки, исто така, во мал број циркулираат и во крвотокот. За да се излекуваат пациентите, се даваат високи дози на хемотерапија. Но, проблемот со овие високи дози на цитостатици е тој што тие ги уништуваат и нормалните матични клетки, заедно со малигните клетки. За жал, цитостатиците не може да делуваат селективно само на малигните клетки. За да се совлада овој проблем, матичните клетки се собират пред почетокот на лекувањето, а потоа со инфузија се внесуваат повторно кај пациентот, по примањето на високите дози на цитостатици. Тие матични клетки растат во шуплините на коските и произведуваат нови црвени крвни зрца, бели крвни зрнца и крвни плочки. Матичните клетки се важни каде и да се собираат, било во крвта со која патуваат, било во коскената срцевина каде се одмараат и делат. Матичните клетки можат да се земат на разни начини од различни дарители.

Извори на матични клетки:

  • Коскена срцевина: матичните клетки може да се земат од коскената срцевина на дарителот. Тоа се изведува во општа анестезија, за да може матичните клетки да се земат со помош на бројни убоди со игла. Се замат од карличната коскена срцевина.
  • Периферна крв: Во многу мал број, матичните клетки се наоѓаат и во нормалната крв. По хемотерапијата или лекувањето со стимурирачки фактори на коскената срцевина, кои често се нарекуваат фактори на раст (G-CSF), матичните клетки во се поголем број ја напуштаат коскената срцевина и влегуваат во периферната крв. Тогаш матичните клетки може да се земат со помош на специјална техника за собирање и со примена на машина за издвојување на клетките.
  • Крв од папочната врвца: крвта од папочната врвца обично се фрла, по раѓањето на детето. Таа е богат извор на матични клетки. Тие може да се земат од исфрлената врвца по раѓањето и да се постојано потхрануваат и чуваат во посебна банка за матични клетки. Овој процес не претставува никаков ризик ниту за мајката, ниту за детето.

Дарители (донори) на матични клетки:

  • Автологни (autologous): матични клетки се земаат од самиот пациент. Тие се земаат кога пациентот е во ремисија.
  • Брат или сестра: матичните клетки се земаат од компатибилен брат или сестра, или поретко од некој друг члел од семејството.
  • Друг дарител, кој не е во крвно сродство со пациентот: матичните клетки се земаат од доброволци, кои се регистрирани во еден од многуте регистри за давање на косена срцевина или крв од папочната врвца, кои ги има низ цел свет. Компатибилните дарители можат да се пронајдат со помош на компјутерски методи.

За жал, овие процедури не се за секој пациент адекватни, ниту расположиви. За лекарите, како и за семејството на пациенетот, ова претставува голем потфат, а за пациентот голем ризик. Но, кога е тоа можно, пресадувањето дава најдобра можност за оздравување од многу болести.

Трансплантацијата на коскената срцевина, по хемотерапијата со високи дози, е единствен избор за случаите со рецидив на болеста или за пациентите кои не дале одговор на претходно применетите тераписки опции.