• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
Бемка Печати
Пофални зборови за Вашиот сајт. Имам прашање за Вас. На градата имам нешто слично на бемка и има две бои (посветла и потемно кафеава боја). Не ме боли но понекогаш крвари што не ми е случај и со другите бенки.
Однапред благодарам.
Поздрав

Ви благодарам и за вашите пофални зборови .

Што се однесува до вашето прашање, морам да ви напоменам дека секоја промена на некоја, веќе постоечка, бемка може да биде сериозна работа. Знаете како, ние онколозите секогаш помислуваме на најлошото, па дај боже, да не испадне така. Но, така е и подобро. Многу лекари ги занемаруваат некои промени и се случува да се постави дијагноза на некое заболување касно, после неколку месеци од постоење на некои симптоми и знаци. Тогаш и терапијата е далеку помалку успешна.

Сепак, со оглед на тоа што велите дека бемката има две бои и дека повремено крвари, сметам дека би било најдобро веднаш да се обратие кај својот матичен лекар, кој ќе ви даде упат до Пластична Хирургија или до Кожна Клиника во Скопје, каде ќе може да ја види промената лекар-специјалист, кој по прегледот, ќе може да каже нешто поконкретно за тоа дали е промената сомнителна за малиген меланом. Може да ви пепорачаат и промената да се хируршки отстрани, со цел да се постави дијагноза или да се превенира развој на меланом подоцна.

Не би сакала да ве исплашам, но сепак, морам да напоменат дека секое рано дијагностицирање на некоја болест, во многу случаи значи и нејзино комплетно излекување, влучувајќи ги тука и малигните заболувања. Можеби не е ништо, се надевам дека и прегледот ќе го покаже тоа. Но, сепак, не би требало да ги занемарувате овие промени и треба да се јавите на лекар.

Малигниот меланом е кожен карцином. Се јавува на веќе постоечка бемка на кожата. Обично се препорачува еднаш месечно детално да си ја самопрегледаме кожата и постоечките бемки и да видиме дали има некои промени на нив. За жал, ретко кој од нас, тоа и го прави.

Малигниот меланом е видлив тумор и поради тоа е можна рана дијагноза. Промената е лесно видлива и пациенетот може сам да ја примети. Сепак, популацијата, како и лекарите, треба да бидат едуцирани во препознавање на знаците при појава на меланомот.

Со цел да ви помогнам, ќе ги наведам симптомите и знаците на малигниот меланом на кожата. Секако, не со цел да ве исплашам, туку да добиете што повеќе информации.

Сепак, јас размислувам и одговарам само врз основа на она што вие ми го пишувате во вашето писмо, а не врз основа на ваш детален преглед. Затоа се оградувам од секакво поставување на дијагноза, со оглед на тоа што таа и не е можно да се постави на овој начин.

Сепак само ви давам совет што треба да се направи, со цел да не се превиди некое посериозно заболување.

Еве ги карактеристичните промени кои може да се јават кај малигниот меланом. Тоа се промени кои се јавуваат на веќе постоечка бемка. Доколку сте приметиле дека бемката што сте ја имале не е иста како порано и има некој од овие карактеристики, би ве замолила веднаш да се јавите на лекар.

Во поставување на дијагнозата на малигниот меланом, голема улога игра ABCD - правилото според англо-саксонската литература. Тоа е:

  • асиметрија (Аssumetry),
  • ирегуларност на рабовите (Border irregularity),
  • промена на бојата или темно црна боја (Color variation or dark black colour),
  • дијаметар поголем од 6 мм (Diameter greater than 6 mm).

Шкотската асоцијација за меланом има развиено дијагностички критериуми кои се состојтат од 3 важни и 4 помалку важни критериуми во клиничката дијагноза. Пациент кој исполнува кој било од важните критериуми, би требало да се упати во специјалистички центар за биопсија, а присуство на помалку важни критериуми треба да го предупреди лекарот да превземе понатамошни иследувања.

Важни (Major) критериуми:

  1. Промена на големината на претходната лезија и очигледен раст на нова лезија.
  2. Ирегуларен облик-асиметрија и ирегуларен надворешен раб на новоразвиената пигментна лезија или појава на оваа карактеристика кај стара лезија.
  3. Ирегуларна боја-разнообразност на сенки на кафено или црно, во нова или стара лезија.

Помалку важни (Minor) критериуми:

  1. Најголем дијаметар еднаков или поголем од 7 mm. Повеќето од бенигните бемки имаат најголем дијаметар помал од 7 mm.
  2. Инфламација-ретка во бенигните лезии, освен ако не се редовно изложени на траума.
  3. Секреција, инкрустација или крварење (не е карактеристична за бемките).
  4. Промени во сензација-обично се опишуваат како лесен јадеж.

Повеќе од 90% од меланомите може да бидат препознаени клинички, доколку се видени од искусни лекари, но процентот опаѓа до 50% кога истите се видени од неискусни лекари.

Немојте да се плашите да отидете на лекар. Најверојатно не е ништо сериозно, но лекарскиот преглед ќе ве смири и ќе може да го тргнете од глава овој проблем, посебно доколку ве постојано измачува.

Се надевам дека ви одговорив на вашето прашање.

Поздрав.

Д-р Л. Ацева