• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Леукемија - Симптоми и знаци Печати
Индекс на артикл
Леукемија
Типови на леукемија
Симптоми и знаци
Третман на леукемија
Сите страници

Симптоми и знаци

Поради оштетената функција на крвните клетки, пациентите со склони кој инфекции, трески и високи телесни температури.

Кај пациентите е намален бројот на здрави бели крвни зрнца, поради што е зголемен ризикот од инфекции.

Исто така, кај пациентите е намален и бројот на црвени крвни зрнца, кои го пренесуваат кислородот во сите ткива и органи во телото. Пациетите се бледи, слабокрвни и чувствуваат замор и слабост.

Кога е намален бројот на крвните плочки во крвта, пациентите се склони кон крварење по кожата и во внатрешните органи.

Кај акутната леукемија, симптомите се јавуваат и влошуваат нагло, додека пак кај хроничната леукемија, тие се развиваат постепено. Можно е пациентите со хронична леукемија долго време да немаат никакви симптоми, а кога тие ќе се јават, воглавно тие се слаби во почетокот, и постепено се интензивираат.

Ова се некои од вообичаените, најчести симптоми и знаци:

  • анемија (заради неможност нормално да се создаваат клетки од црвената лоза во коскената срцевина),
  • треска, чувство на студ и други симптоми слични на грипот,
  • инфекција или „настинка“ која трае долго и не поминува,
  • чести инфекции, губиток на апетит и телесна тежина,
  • покачена телесна температура,
  • главоболка,
  • ноќно потење,
  • болки во коските и зглобовите,
  • бледило,
  • тешкотии во дишењето,
  • надуеност на стомакот, кое е предизвикано од зголемувањето на црниот дроб и слезенката.
  • отечени или болно осетливи лимфни јазли (особено на вратот, пазувите и препоните).
  • слабост и замор,
  • склоност кон крварење (крварење од носот, крварење од непцата, крварења по кожата).
  • отечени непца и десни, кои често крварат.

Кај акутната леукемија, абнормалните клетки можат да се натрупаат во мозокот и во `рбетниот мозок. Како последица од тоа се јавуваат: главоболка, повраќање, збунетост, конфузност, губиток на мускулната координација и епилептични напади.

Овие абнормални крвни клетки може да се насобираат и во тестисите и да предизвикаат болен оток на тестисите.

Кај некои пациенти се јавуваат инфекции на очите и кожата.

Леукемијата може да го зафати и дигестивниот систем, бубрезите, белите дробови или другите делови на телото.

Кај хроничната леукемија, абнормалните крвни клетки можат постепено да се акумираат во различни делови на телото. Може да бидат зафатени: мозокот, бубрезите, тестисите, кожата и дигестивниот систем.

Леукемијата не е заразно заболување. Таа не може ниту да се добие, ниту да се пренесе на друг. Идто така, леукемијата не се јавува фамилијарно.

Поставување на дијагноза

Дијагнозата се поставува со внимателно земена анамнеза, физикален преглед по системи, лабораториски испитувања, рендгенографски испитувања, инвазивни дијагностички процедури (за цитолошка и хистолошка дијагноза), радиоизотопски и ехотомографски испитувања.

Анамнеза и физикален преглед

Општиот лекарски преглед е првиот и најважен чекор во поставувањето на правилна дијагноза, а со тоа и терапија. Иако, лекарскиот преглед се изведува по строго утврден редослед, сепак интерпретацијата на наодите зависи од умешноста и знаењето на самиот лекар.

Прегледот започнува со земање на анамнеза, т.е лекарот го испрашува пациентот за историјата и развојот на болеста. Овој дел од прегледот речиси целосно зависи од способноста на лекарот за воспоставување на контакт и здобивање на довербата на пациентот.

При земањето на анамнеза, лекарот посебно обрнува внимание на карактеристичните симптоми и знаци на леукемијата (треска, чувство на студ, инфекција или „настинка“ која трае долго и не поминува, чести, повторувани инфекции, губиток на апетит и телесна тежина, покачена телесна температура, главоболка, ноќно потење, болки во коските и зглобовите, бледило, тешкотии во дишењето, надуеност на стомакот, предизвикано од зголемувањето на црниот дроб и слезенката, отечени или болно осетливи лимфни јазли (особено на вратот, пазувите и препоните), слабост и замор.

Исто така, при земањето на анамнезата, лекарот се информира за минатите заболувања на пациентот, како и за евентуално постоечки фактори на ризик за настанување на леукемија.

Вториот дел е физикалниот преглед, односно преглед по органски системи. Секако дека при физикалниот преглед најголемо внимание се обрнува на оние органи и делови од телото за кои пациентот се жали, но при секој преглед рутински се изведуват аускултација со стетоскоп ( „слушање“) на градниот кош и мерење на крвниот притисок (кај млади лица и возрасни).

Посебно се обрнува внимание на палпацијата на црниот дроб, слезенката, лимфните јазли во достапните регии на палпација (врат, пазуви и препони).

Лабораториско и микроскопско испитување на крвта

По анамнезата и физикалниот преглед следува испитувањето на крвта.

Прегледот на крвта помага при дијагнозата. Иако, прегледот на крвта може да ја открие леукемијата, таа не мора да покаже и за кој тип на леукемија се работи.

Биопсија на коскена срцевина

Со цел да се постави точна дијагноза на типот на леукемијата, потребно е да се направи и микроскопски преглед на материјалот земен при биопсија на коскената срцевина. Исто така, се испитува и цереброспиналниот ликвор.

Преглед на коскена срцевина

Прегледот на коскената срцевина е лесно изводливо и евтино иследување кое може да се изведува амбулантски. Анализата е неопходна за потврда или за исклучување на хематолошко малигно заболување Се препорачува едновремено да се направи и преглед на периферна размаска.

Биопсија на коскена срцевина е неопходна во ситуација кога не се добива материјал со аспирација, а е од помош при неколку други состојби.

Аспиратот од коскена срцевина има централна улога во иследувањето на хематолошките болести. Тоа може да биде единствен начин на кој се поставува точната дијагноза. Покрај тоа, нормалниот наод во коскената срцевина исклучува повеќе хематолошки заболувања. Понекогаш има прогностичко значење. Може да се користи за следење одговор на лекувањето, на пример по хемотерапија кај леукемијата.

Дијагнозата на неколку хематолошки заболувања се поставува единствено или главно врз основа на преглед на коскената срцевина. Во оваа група спаѓаат мегалобластни анемии, леукемии, миелодиспластични синдроми, мултипен миелом, макроглобулинемија Waldenström, метастази во коскената срцевина и некои тезауризмози.

Прегледот на аспират од коскена срцевина ја дополнува сликата кај неколку други болести, како што се апластична анемија, агранулоцитоза, идиопатска тромбоцитопенична пурпура и хиперспленизам.

Пунктирање

Кај возрасни вообичаени места за пункција се градната коска (стернум) и илијачната коска на карлицата.

Биопсија обично се прави на задната криста на илијачната коска.

Кај мали деца, од раѓање до возраст од 1-2 години, добро место за пунктирање е внатрешната страна на границата помеѓу средната и горната третина на подебелата коска на потколеницата (тибија).

Кај постари деца место на избор е задната криста на илијачната коска. Оваа локација може да се користи и кај деца помали од 2 години.

Интерпретација на резултатите од пункцијата

За успешен преглед на коскената срцевина е неопходна добра соработка помеѓу клиничкиот доктор и специјалистот што врши преглед на материјал (прегледот на коскената срцевина и интерпретацијата на резултатите ги прави исклучиво специјалист-хематолог).

На специјалистот што врши интерпретација на резултатите од пункцијата треба да му се достават информации за:

  • клиничката состојба на пациентот (и за дадените лекови),
  • големината на слезинката, на црниот дроб, постоењето на жолтица,
  • состојбата на лимфните јазли,
  • тековните параметри на крвната слика: хемоглобин, хематокрит, MCV, средна концентрација на хемоглбинот (MCH), број на леукоцити и диференцијална крвна слика, број на тромбоцити. Доколку станува збор за анемија, корисна е информацијата за бројот на ретикулоцитите.

За успешна соработка е потребно специјалистот што врши интерпретација да дејствува активно и да биде јасен при соопштувањето на наодите и заклучоците од анализата. Доколку наодите бараат ургентна акција, понекогаш е потребен директен контакт. Затоа на специјалистот што врши интерпретација треба да му бидат достапни името и контакт-деталите на лекарот одговорен за пациентот.

По поставувањето на дефинитивна дијагноза на леукемија, се прават и дополнителни иследувања со цел да се утврди стадиумот на болеста.

Стадиумот на болеста има прогностичко значење и е важен фактор во одредување на адекватна терапија, кај секој пациент одделно.

За одредување на стадиумот на болеста, лекарот може да ги препорача следниве дијагностички процедури: рендгенграфија на граден кош, ехотомографски преглед на абдомен, компјутеризирана томографија на граден кош и абдомен, сцинтиграфски преглед на скелет. Доколку постои сомневање дека постојат малигни акумулации во мозокот, се прави и компјутеризирана томографија на мозокот.

Кој дополнителни испитувања ќе се направат, зависи од симптомите и знаците на болеста, како и од самиот лекар, кој го води пациентот.