• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Дијагностички постапки кај карциноми на усната празнина Печати

Дијагнозата се поставува со внимателно земена анамнеза, физикален преглед по системи, лабораториски испитувања, рендгенграфски испитувања, цитолошки и хистолошки испитувања, и ехотомографски испитувања.

Првична дијагностична процедура кај карциномите на усната празнина се анамнезата и физикалниот преглед, после кои следат и други дополнителни дијагностички процедури.

Анамнеза и физикален преглед

При анамнезата, особено се обрнува внимание на присутните симптоми и знаци на болеста. Така, при земањето на анамеза, лекарот треба да обрне внимание на податокот за постоење на безболна раничка (улцерација) во усната празнина или орофаринксот, која не зараснува подолго време. Таа често може повремено да крвари. Доколку станува збор за карцином во понапреднат стадиум, може да бидат присутни и други симптоми, кои ќе го наведат лекарот да се посомнева на постоење на карцином во усната празнина. Тие симптоми се: иритација, болка, непријатен здив, оток на лимфните јазли на вратот, отежнато голтање, невозможна протрузија (исплазување на јазикот), отежнат говор и друго.

Често болеста може да започне со појава на безболна тврдина на вратот. Кај секој пациент кај кои постои безболен, тврд и фискиран јазол на вратот, треба да се направат дополнителни испитувања, со цел да се постави точна дијагноза на болеста. Дефинитивната дијагноза, при постоење на зголемен лимфен јазол на вратот, се поставува со микроскопски преглед на материјалот земен со аспирациона пункција или биопсија.

Исто така, при анамнезата се земаат податоци и за евентуално присутни фактори на ризик за настанување на карциномите на усната празнина, како што се: пушењето, екстензивното консумирање на алкохол, присуството на папиломи во усната празнина и гркланот, хроничната атрофија на усната слузница, намален имунитет и друго.

По детално земената анамеза, лекарот прави детален физикален преглед по системи.

Проценувањето на примарниот тумор се заснова врз инспекција и палпација, кога е тоа можно, и врз индиректен преглед со огледало и директна ендоскопија кога е потребно. Туморот мора да биде потврден хистолошки, од страна на специјалист- патолог. Тој врши микроскопски преглед на материјалот, добиен со аспирациона пункција или биопсија на примарниот тумор или на зголемените лифни јазли на вратот. При тоа, покрај поставувањето на хистопатолошка дијагноза на туморот, патологот го одредува и степенот на диференцираноста на туморот, односно градусот (G), кој е важен прогностички фактор и влијае во изборот на третманот, кај секој пациент одделно.

Соодветните подрачја на лимфните јазли на вратот, во кои се остварува лимфната дренажа се испитуваат со внимателна палпација. Лекарот внимателно го прегледува вратот како би се откриле присутните зголемени лимфни јазли и други промени.

Лабораториски испитувања

По анамнезата и физикалниот преглед следи и рутински испитувања на крвта.

Во рутински испитувања спаѓаат: крвна слика и седиментација. Покрај рутинските испитувања, потребно е да се испитаат и хепаталните ензими, алкалната и киселата фосфатаза, уреата, креатининот и електролитите.

Покрај тоа, лекарот користи и други дијагностички процедури за поставување на точна дијагноза. Тоа се:

Индиректен преглед со огледало

Тоа е дијагностичка метода при која лекарот со помош на мало огледало со долга дршка ја прегледува целата усна шразнина и грлото. При тоа тој може да види одредени промени на слузнивата на усната празнина и грлото. Овој преглед е безболен, но мора да се даде локален анестетик во грлото за да се спречи непријатното чувство кое е пропратено со кашлица. Овој преглед се изведува во амбуланта.

Директна ендоскопија (ларингоскопија и фарингоскопија)

За оваа дијагностичка процедура се користи ендоскоп (осветлена цевка), која се внесува во грлото на пациентот преку носот или устата. Како што цевката минува низ грлото, така лекарот ги гледа деловите на усната празнина, како и деловите на гркланот и голтникот, кои не можат да се видат со обично огледало. Локалната анестезија ја олеснува оваа метода и го намалува непријатното чувство на гушење. На пациентие може да им се даде и благ седатив за да се опуштат. Оваа дијагностичка процедура може да се изведува во амбуланта или во болница.

Биопсија

Ако лекарот при овој преглед открие некои сомнителни промени на слузницата на усната празнина, треба да се направи биосија, т.е. да се земе материјал од сомнителната промена. Биопсијата е единствен сигурен начин за откривање на карцином на усната празнина. Пред земањето на биоспија, пациентот прима општа анестезија, а лекарот зема делови од ткивото со помош на ендоскопот. По земањето на материјалот при биоспијата, тој се испраќа кај специјалист, патолог кој ја поставува дефинитивната дијагноза. Патологот микроскопски го прегледува материјалот и поставува хистопатолошка дијагноза т.е. го утврдува хистолошкиот тип на туморот како и неговиот степен на диференцираност т.е. градус.

Кога ќе се постави хистопатолошка дијагноза на карциномот на усната празнина, лекарот мора да го одреди и стадиумот на болеста. Стадиумот на болеста, како и степенот на диференцираноста на туморот се многу важни фактори, како за прогнозата на болеста, така и за правилно планирање на третманот, кај секој пациет одделно.

За таа цел, потребни се и некои дополнителни испитувања.

Рендгенграфија на вратот

Нативната рендгенграфија на вратот е прва дијагностичка процедура кај карциномите на усната празнина. Рендгенската снимка може да ни покаже присуство на тумор во поедините делови на усната празнина, како и присуство на зголемени лимфни јазли во пределот на вратот.

Сепак, оваа дијагностичка процедура не е доволна за одредување на стадиумот на болеста. Затоа, за проценка на локалната проширеност на туморот се користат: компјутерска томографија и магнетна резонанца на вратот.

Компјутерска томографија на вратот

Компјутерската томографија (КТ) користи посебна опрема со рендген зраци за добивање на слики од телото од различни агли. Податоците се анализираат и се обработуваат со помош на компјутер. Така се добиваат дигитални слики кои прикажуваат пресеци на телото низ органите и ткивата. На тој начин се овозможува тродимензионален детален приказ на надолжни и на напречни пресеци на вратот. КТ е најпрецизна дијагностичка метода.

КТ дава морфолошки изглед на туморот, овозможува да се измери неговата големина, да се утврди прецизната локализација на туморот како и неговата проширеност во околните ткива и структури.

КТ се користи за планирање и за соодветно администрирање на радиотерапијата со помош на КТ симулатор.

КТ се користи за прецизно водење на биопсијата и на другите минимално инвазивни процедури, како и за планирање на хируршкиот третман и за утврдување на операбилноста на туморот.

Оваа дијагностичка процедура е безболна и не дава несакани ефекти.

Магнетна резонанца (МРИ) на вратот

При прегледот со магнетна резонанца се користат силни магнетни полиња, со кои се добиваат неверојатно јасни и детални слики од внатрешните органи и ткива.

При МРИ не се изложува пациентот на дополнително озрачување, бидејќи се користат електромагнетни бранови. Тоа е безболна процедура без несакани ефекти.

Магнетната резонанца има предност во однос на компјутеризирана томографија во откривањето и локализацијата на туморите на главата и на вратот и во разграничувањето меѓу лимфните јазли и крвните садови.

Со КТ и МРИ на зафатената регија, прецизно се проценува туморската инвазија.

За одредување на стадиумот на болеста се користат и други дијагностички процедури со кои се утврдува постоењето на далечни метастази. Тие дијагностички процедури се:

Рендгенграфија на граден кош и на белите дробови

При ова испитување може да се откријат промени во белите дробови, да се открие проширување на медијастинумот (поради метастатски зголемени лимфни јазли). Можат да се забележат и метастази во коските на градниот кош.

Ехотомографскиот преглед на абдомен

Ехотомографскиот преглед (ултразвук) користи звуци со висока фрекфенција, кои преку сонда се насочуваат кон телото на пациентот. Преку истата сонда се регистрираат одбиените зрачни бранови и врз основа на разликата од влезниот сноп на ултразвучните зраци и одбиените зраци се добива слика за внатрешните органи и структури на телото. Таа слика се гледа на монитор.

Ехотомографскиот преглед на абдоменот ни дава преглед на сите органи и структури во абдоменот, а посебно е корисна дијагностичка метода за откривање на метастази во црниот дроб и лимфните јазли.

Оваа метода се користи кај карциномите на усната празнина, со цел да се откријат присутни метастази во абдоменот, со што помага во одредувањето на стадиумот на болеста.

Компјутеризирана томографија на граден кош или абдомен

Доколку со ехотомографскиот преглед се откријат некои суспектни метастази во лимфните јазли, во црниот дроб, или во некои други органи во абдоменот, се прави и компјутеризирана томографија на абдоменот. Таа е посупериорна метода во споредба со ехотомографскиот преглед на абдоменот.

Исто така, доколку се видат на рендгенска снимка метастази во белите дробови, може да се направи и компјутерска томографија на градниот кош.

Сцинтиграфски преглед (скен) на скелетот

Со својот локален раст, туморите на усната празнина може да ги зафатат и околните коски. Така може да биде зафатена коската на долната вилица (мандибула), како и другите коски на главата и вратот.

Карциномите на усната празнина може да дадат и коскени метастази, кои настануваат со расејување на карциномските клетки по крвен пат. Може да биде зафатена која било коска од телото, но најчесто промените се во ‘рбетот и на карлицата.

Со сцинтиграфскиот преглед на скелетот се откриваат овие промени во целиот скелет.

Методата е безболна и не дава никакви несакани ефекти.

Многу е прецизна и со неа може да се откријат и најмали промени во коските, кои не се гледаат на обична рендгенска снимка.

Првичните и дополнителните дијагностички процедури овозможуваат да се одреди прецизно клиничкиот стадиум на болеста, да се утврди дали станува збор за операбилен или неоперабилен тумор, и да се одреди адекватен третман, според стадиумот, кај секој пациент одделно.

Ако се јави релапс на болеста, се пристапува кон повторно утврдување на стадиумот со цел да се утврди соодветна дополнителна терапија.

Стадиумот се определува според TNM класификацијата дизајнирана од American Joint Comittee on Cancer (AJCC). Овие стадиуми детално се опишани во делот за градус и стадиуми кај тумрите на усната празнина.