• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Превенција и скрининг Печати

Превенција на малигните тумори на усната празнина и орофаринксот

Како превенција за настанувањето на малигните тумори на усната празнина и орофаринксот се наведува избегнување на факторите на ризик за овие малигни заболувања. Секако дека не можеме да влијаеме на сите познати фактори на ризик, како на пример на полот, на возраста, но на некои од нив можеме да влијаеме и да ги избегнуваме. Тоа значи дека може да ги измениме животните навики, како што се пушењето и косумирањето на поголеми количини на алкохол, да внесуваме повеќе овошје и зеленчук со исхраната, да практикуваме редовна умерена физичка активност.

Фактори на ризик на кои може да влијаеме и може да ги избегнеме

Пушење – ПРЕСТАНЕТЕ СО ПУШЕЊЕ

Во прв ред може да влијаеме на еден многу важен и главен фактор на ризик за настанување на малигните тумори на усната празнина и орофаринксот, а тоа е пушењето.

Пушењето е главен фактор на ризик за настанување на малигните тумори на усната празнина и орофаринксот

Ризикот за настанување на малигните тумори на усната празнина и орофаринксот се зголемува со бројот на дневно испушените цигари (повеќе од 20 цигари дневно), времетраењето на пушењето, возраста кога започнало пушењето, од вдишувањето на тутуновиот дим, како и од количината на катранот и никотинот во цигарите (од видот на цигарите).

Според тоа, поголем ризик имаат лица кои рано почнале да пушат, кои пушат повеќе од 25 цигари дневно, кои длабоко го вдишуваат тутуновиот дим, кои ги пушат цигарите до крај (на крајот цигарите содржат најголема количина на катран, кој е канцероген) и кој пушат цигари со висок % на никотин и катран.

Лицата кои се откажале од пушење имаат помал ризик да заболат од малигните тумори на усната празнина и орофаринксот, отколку ако продолжеле да пушат, но нивниот ризик е сепак поголем од оној кај лицата кои никогаш не пушеле. Намалување на ризикот од појава на малигните тумори на усната празнина и орофаринксот се јавува и кај долгогодишни пушачи кои престанале да пушат.

Најдобар начин да се избегне добивањето на малигни тумори на усната празнина и орофаринксот е да се престане со пушење. Некои долгогодишни пушачи сметаат дека престанувањето со пушење нема да има големо влијание на намалувањето на ризикот. Но, клиничките студии сепак покажале дека и долгогодишните пушачи, ако престанат да пушат имаат намален ризик да заболат од малигни тумори на усната празнина, на орофаринксот, на гркланот и на белите дробови, во споредба со оние кои продолжиле да пушат.

Пушачите кои престанале да пушат повеќе од 15 години, имаат помал ризик за развој на малигни тумори на усната празнина и орофаринксот, на гркланот и на белите дробови, споредено со лицата кои продолжиле со пушење.

Алкохол – Не претерувајте со алкохолот

Екстензивното консумирање на јак алкохол е фактор на ризик за настанување на малигни тумори на усната празнина и орофаринксот. Посебно голем ризик да заболат од ова малигно заболување имаат лица кои и пушат и консумираат големи количини на алкохол. Алкохолот е дополнителен фактор кој го зголемува ризикот кај пушачите.

Значи, како превенција за настанување на малигните тумори на усната празнина и орофаринксот се препорачува умерено консумирање на алкохол.

Јадете здрава храна

Лошата исхрана е многу честа кај лицата кои екстензивно консумираат алкохол и кои пушат.

Тоа може да биде причина и зошто алкохолот го зголемува ризикот за појава на малигни заболувања на усната празнина и орофаринксот. Причината може да биде недоволното внесување на витамини и минерали со исхраната.

Исхрана богата со свежо овошје и зеленчук може да го намали ризикот за појава на малигни заболувања на усната празнина и орофаринксот. Ова се должи на фактот што во свежото овошје и зеленчук има многу витамини и минерали т.е. антиоксиданси како витамин А, Ц и Е, кои го зајакнуваат одбрамбениот механизам т.е. природниот имунитет кај човекот. Витамините и другите супстанции во свежото овошје и зеленчук можат да го спречат оштетувањето на слузницата, кое покасно може да доведе до развој на карцином.

Редовна хигиена на усната празнина и забите

Здравата усна празнина содржи милиони различни видови на микроорганизми, кои се во симбиоза и кои се нужно потребни за здравјето на човекот. Во поголем број случаи тоа се микроорганизми кое се безопасни. Но сепак, нашата исхрана и животните навики предизвикуваат неравнотежа на бактериската флора во усната празнина и се развива мек, леплив биофилм т.е. забна наслага (забен плак).

Бактериите во забните наслаги се насобираат во лепливи групи и се таложат на меките и тврдите делови на усната празнина. Ако забната наслага не се отстрани, се натрупуваат нови наслаги, а бактериите се размножуваат и ствараат отрови. Овие забни наслаги се непосреден виновник за развој на кариес, воспаление на десните, за развој на пародонтоза, но и за ошетеувања на слузницата на усната прзнина и орофаринксот, кои покасно можат да доведат до развој на карцином.

Отстранувањето на овие забни наслаги се изведува само механички. Редовното четкање на забите и испирање на устата со течости, не е доволно да го отстрани забниот камен, посебно во најкритичните делови меѓу забите (интердермален простор). Некои раствори за испирање на устата може да го намалат размножувањето на бактериите, често привремено ги спречуваат воспаленијата, но сепак, сè додека не се отстранат забните наслаги т.н. биофилм, останува можноста за развој на воспаление и оштетувања на усната слузница, како и развој на кариес на забите.

При воодичаеното миење и четкање на забите се отстранува само 3 до 5 површини налепени на забот. Ако сакаме да имаме здрава усна празнина, мора да го отстраниме и плакот од преостанатите две површини на забот. Тоа е можно со примена на интердермални четкички кои оптимално ги исполнуваат интердермалните простори и механички го отстрануваат забниот плак од површините, кои другите четкички за заби не можат да ги достигнат.

Болните заби и десни можат да го намалат имунолошкиот систем и да го зголемат ризикот за развој на многу заболувања.

Затоа, правилната и редовна хигиена на усната празнина и забите е многу важна за спречување на болестите на устата, но и за некои други заболувања како на пример: срцев и мозочен удар, шеќерна болест и други.

Скрининг за малигни тумори на усна празнина и орофаринкс

Скрининг подразбира тестирање на луѓето за рани стадиуми на карцином, пред да се присутни било какви симптоми. Но, за да се направи добар скрининг за одреден тип на карцином, лекарите треба да имаат на располагање прецизни скриниг тестови. Тестовите треба да бидат сигурни во откривањето на карциномот и да не даваат лажна дијагноза за карцином кај луѓе кои немаат карцином т.е. да не даваат т.н. лажно позитивни резултати.

Како скрининг се препорачува контролен преглед кај оториноларинголог. Прегледот на усната празнина и орофаринксот може да открие некои оштетувања на слузницата или почетен рак.

Од друга страна пак, инвазивни методи, како ендоскопија, не се препорачуваат како скрининг процедури.