• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Несакани последици од третманот Печати

Радиотерапијата влијае како на канцерските клетки така и на нормалните здрави клетки, со таа разлика што здравите клетки се побрзо се обновуваат. Вкупната доза на зрачење се распределува во неколку неделни третмани (5 дена во неделата) со паузи за викендот кога пациентот не се зрачи туку одмара. Како и да е, телото мора напорно да „работи“ во текот на радиотерапијата за да може да го обнови ткивото оштетено со зрачењето. Пациентот може да се чувствува необично уморен, и во тој период треба да се одмара што е можно повеќе.

Радиотерапијата не влијае на сексуалниот живот на пациентот. Но, радиотерапијата може да влијае на продукцијата на сперма. Вообичаено, влијанието е времено и повеќето пациенти повторно ја постигнуваат плодноста во рок од неколку месеци.

Други несакани ефекти од радиотерапијата се: пролив, гадење и повраќање.

Овие проблеми најчесто може да се контролираат со помош на лекови.

Исто така, може да се појави и кожна реакција во пределот на зрачното поле, при што треба да се води грижа за неа. Лосиони и креми не смеат да се користат во овие предели без да се консултира доктор.

Хемотерапијата ги уништувака како канцерските клетки, така и нормалните здрави клетки во организмот, поради што се јавуваат некои несакани ефекти за време на третманот. Hесаканите ефекти зависат како од самиот лек, така и од индивидуалниот одговор на пациентот. Овие лекови обично ги уништуваат крвните елементи, посебно белите крвни зрнца (леукоцити) и крвните плочки (тромбоцити), клетките кои го обложуваат системот за варење како и клетките на косата.

Затоа, како најчести несакани последици за време на хемотерапијата се јавуваат: општа слабост, малаксалост, губиток на апетит, мачнина, гадење и евентуално повраќање.

Уништувањето на белите крвни зрнца може да доведе до намалена отпорност на организмот, а падот на крвните плочки може да доведе до поголем ризик од крварења.

Опагањето на косата (алопеција) е исто така чест несакан ефект.

Сите овие акутни несакани ефекти, кои се јавуваат во текот на хемотерапијата можат значително да се ублажат или отстранат примена на соодвети лекови.

Губитокот на апетитот може да биде сериозен проблем за пациентите кои се на радиотерапија или хемотерапија.

Истражувачите имаат дојдено до сознание дека пациентите кои јадат добро, подобро ги совладуваат несаканите ефекти од нивната терапија. Затоа, добрата и здрава исхрана е многу важен елемент за пациентот.

Да се јаде добро, значи да се внесуваат доволно калории кои што ќе спречат губење на килограмите и ќе овозможат организмот да содржи доволна количина на протеини кои пак ќе овозможат обновување на кожата, косата, мускулите и другите органи. Голем број од пациентите откриле дека е подобро кога во текот на денот имаат повеќе оброци и ужина, отколку да имаат само три големи оброци.

Несаканите ефекти од третманот се разликуваат од пациент до пациент и може да бидат различни дури и од еден третман до друг. Пациентите може да откријат дека се помалку заинтересирани за сексуална активност ако се уморни или се чувствуваат лошо. Докторите се обидуваат да ја испланираат терапијата на начин кој ќе овозможи минимум проблеми, а за среќа најголемиот број на несакани последици се со привремен ефект. Докторот може да ги објасни несаканите ефекти кои може да се појават поради терапијата и при тоа да предложи како пациентот да се справи нив.

Влијание на терапијата врз сексуалнaта активност и плодноста - можни несакани последици

Повеќето пациенти се прашуваат како третманот ќе влијае на нивната сексуална активност и плодност. Работи кои би требало да ги имаме во предвид се:

  1. Хируршкото отстранување на едниот тестис (радикална орхиектомија) автоматски не значи и губење на плодност или губење на сексуалниот нагон кај мажот. Преостанатиот, здрав тестис овозможува нормална сексуална и хормонска функција. Како и да е, маж кој што имал карцином на тестис има намалена плодност во споредба со онаа кај здравите мажи.
    Вештачки тестис (протеза) може да се вгради во скроталната кеса и да има изглед на присуство на нормален тестис.
  2. Хируршкото отстранување на лимфните јазли во абдоменот (ретроперитонеална лимфаденектомија) претставува сложен хируршки зафат и бара голема стручност и искуство од страна на хирургот. Оваа процедура подразбира отстранување на лимфните јазли во абдоменот кои се зафатени со карциномот. Таа не влијае на сексуалната активност (потенција, ерекцијата и оргазмот). Како и да е, како несакана последица, може да се јави стерилитет поради пореметување во ејакулацијата т.е. исфлањето на семената течност при сексуалниот однос. Најчеста компликација која доведува до стерилитет е ретроградната ејакулација, што подразбира изливање на семената течност во мочниот меур наместо преку уретрата за време на ејакулацијата. Ова се случува поради оштетување на нервите кои ја регулираат ејакулацијата. Ризикот од појавата на постоперациските ејакулациски проблеми се намалува со користење на посебни хируршки техники кои овозможуваат поштеда на нервите. Кај некои од пациентите може да се обнови способноста за нормална ејакулација без третман или со примена на одредени лекови. Но кај некои може да остане трајна причина за стерилитет.
  3. Радиотерапијата не влијае на сексуалниот живот на пациентот. Но, може да влијае на продукцијата на сперма. Вообичаено, влијанието е времено и повеќето пациенти повторно ја постигнуваат плодноста во рок од неколку месеци.
  4. Хемотерапијата исто така не влијае на сексуалниот живот на пациентот и тие може да имаат нормален сексуален нагон и сексуална активност. Можно е општата слабост и уморот, предизвикани од хемотерапијата да го намалат интересот за сексуална активност за време на терапијата.

Некои цитостатици исто така влијаат на намалувањето на продукцијата на сперма. Вообичаено, влијанието е времено и кај повеќето од нив се обновува продукцијата. Додека кај повеќето пациенти ова е времено, кај некои може да биде трајна последица. Доколку сe воспостави нормална продукција и излив на сперма можно е потомство.

За време на хемотерапијата и до една година по престанок на истата, се препорачува да не се планира потомство, заради можното штетно дејство на цитостатиците и ризикот од абнормалности на плодот.

Ова време е потребно за да од телото се излачат сите остатоци од цитостатиците и да се постигне психички баланс и воспоставување на нормален ритам на живот.

Бидејки хемотерапијата и радиотерапијата може да доведе до трајно намалување на продукцијата на сперма или до потполно губење на истата (азоспермија) кај одреден број на пациенти, лекарот е должен да му препорача на пациентот пред да почне со третманот да донира сперма во специјализирани институции - банки на сперма.

Најчеста касна последица од терапијата е оштетување на периферните нерви на рацете и нозете (периферна неуропатија) која често дава симптоми на трнење на прстите на шаките и стопалата, намалена концентрација и телесна кондиција. Други касни последици се многу поретки. Пповеќето рани, како и касни несакани последици може да се намалат со правилна исхрана и со тек на време.