• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Хидроцела Печати

Хидроцела е колекција на течност во обвивката околу тестисот (tunica vaginalis) или долж семеноводот. Името хидроцела на грчки јазик значи водена вреќа.

Хидроцелата може да биде вродена или стекната (хронична, секундарна).

Хидроцелата сама по себе не предизвикува поголеми проблеми и потешкотии. Сепак потребни се дополнителни, подетални испитувања со цел да исклучи можноста од постоење на некои сериозни болести, кои може да бидат причина за постоечката хидроцела.

Вродената хидроцла обично се манифестира о тек на 1-2 година од животот, додека пак хроничната, секундарна хидроцела се јавува кај мажи над 40 годишна возраст.

Причини за настанување на хидроцелата

Постојат многу причини за настанување на хидроцелата.

Кај децата хидроцелата, во повеќето случаи, се комуницирачки тип на хидроцела. Овој тип на хидроцела се јавува како последица на постоење на комуникација помеѓу скротумот и стомачната шуплина.

Во феталниот развој, тестисите се наоѓаат во стомачната шуплина и во текот на 7 до 9 фетален месец на живот се спуштаат преку препонскиот канал во скроталната кеса. Пред да почне тестисот да се спушта, се формира, во третиот месец на бременоста, вреќичка (processus vaginalis peritonei) која исто така минува низ препонскиот канал и веќе пред самото раѓање се затвара на својот гоен крај. Доколку ова вреќичка остане проодна,скротумот се полни со течност од стомачната шуплина, посебно при напнување и настанува хидроцела.

Кај некомуницирачкиот тип на хидроцела, поради низа познати и непознати причини, доаѓа до неравнотежа помеѓу стварањето и ресорпцијата на течноста, па на тој начин се насобира течноста, односно настанува хидроцела.

Можни причини за некомуницирачката хидроцела се:

  • Воспаление на тестисот или надсеменикот (orchitis, epididimitis).
  • Увртување (торзија) на тестисот, може да предизвика реактивна хидроцела во 20% од случаите.
  • Тумор на тетсисот.
  • Траума (повреда), посебно ако е пратена со крварење.
  • По трансплантација на бубрег, во 70% од случаите се јавува хидроцела.
  • При отстранување на лимфните јазли во абдоменот или препоните.
  • При некои заболувања како: конгенителни аномалии на мочниот меур ( на пример екстрофија на мочниот меур), Ehlers-Danlos синдром и други.

Поделба на хидроцелата

Хидроцелите покрај на комуникациски и некомуникациски, можат да се поделат и на примарни и секундарни.

Примарната или идиопатска хидроцела не настанува како последица на некои заболувања на тестисот и причината за нејзиното настанување не е позната. Таа може да биде:

  • Хидроцела на вагиналната обвивка на тестисот.Овој тип на хидроцела се наоѓа околу тестисот, па тој на допи тешко може да се напипа.
  • Вродена (комуницирачка) хидроцела. Настанува како последица на незатварањето на processus vaginalis peritonei и има отвор према стомачната шуплина со која комуницира.
  • Детски тип на хидроцела. Се наоѓа околу тестисот и продолжува према внатрешниот препонски прстен, но не комуницира со стомачната шуплина.
  • Хидроцела на семеноводот.

Секундарната хидроцела се јавува како пропратна појава на некоја болест, најчесто тоа се тумори или воспаление на тестисите и/или ндсеменикот. Другите можни причини веќе се набројани.

Симптоми на хидроцелата

Повеќето хидроцели се асимптоматски, односно не даваат никакви симптоми. Обично се јавуваат како безболно зголемување на скротумот. Пациентите некогаш се жалат на чувство на тежина во скротумот и препоната. Хидроцелата обично е безболна, па доколку постои болка, тогаш, најверојатно пости воспаление на надсеменикот (epididimitis). Хидроцелата може да се намалува при лежење, а се зголемува при стоење. Таа е сместена над и напред од тестисот. Во 7-10% од случаите, хидроцелата е обострана, т.е. се наоѓа во двата скротума.

Дијагноза на хидроцелата

Со самиот физикален преглед од страна на урологот, се поставува сомневање за постоење на хидроцела. Лесно се диференцира од солиден тумор на тестисот со транслуминација (просветлување) на скротумот (дијафоноскопија) во темна соба. Светлото лесно минува низ хидроцелата, но не и низ тестикуларниот тумор. Дијагнозата може да се верифицира и со ултасонографија. Дополнителни испитувања се сцинтиграфија на тестисот и радиолошки испитувања. Со лабораториските анализи на крвта и мочката може да се докаже евентуално присуство на воспаление. Со аспирација на хидроцелата ( земање на примерок на течноста со игла и шприц) покажува бистра течност. Аспрација на течноста со игла не е корисна, заради повторно собирање на течност, како и поради опасност од внесување на инфекција при аспирацијата.

Најважно е при дијагностициањето да се исклучи постоење на увртување (торзија) на тестисот.

Лекување на хидроцелата

Во детската возраст, хидроцелата често спонтано се повлекува, а ако не се повлече, тогаш потребно е со хируршки зафат да се затвори вагиналниот продолжеток (processus vaginalis peritonei) и да се отстрани хидроцелата.

Лекувањето на секундарната хидроцела ќе зависи од причината која предизвикала нејзино настанување. Во овие случаи треба да се открие основната болест и таа да се лекува.

Голема хидроцела, која ја пореметува циркулацијата во скротумот треба да се третира со операција или склерозантна терапија.

Компликации од хидроцелата

Можни компликции од присутна голема хидроцела се: пореметена циркулација во скротумот, поради притисокот од големата количина на течност во хидроцелата. Тоа може со тек на време да доведе и до атрофија на тестисот и до неплодност.

КОмпликациите од хируршкото лекување на хидроцелата се ретки, а можно е да се јави: крварење, пропратна инфекција, повреда на крвните садови или на семеноводот.

Прогноза

Вродените хидроцели имаат одлична прогноза и поголемиот број од нив спонтано исчезнува во тек на првата година од животот. Вродените хидроели, кои спонтано не се повлекле, успешно се излекуваат со хируршкиот зафат.

Прогнозата на секундарните хидроцели зависи од основната болест која ги предизвикала.