• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
БПХ и ракот на простатата - Поставување на дијагноза на БПХ Печати
Индекс на артикл
БПХ и ракот на простатата
Поставување на дијагноза на БПХ
Третман на БПХ
Сите страници

Поставување на дијагноза на БПХ

За поставување на дијагнозата на БПХ се потребни првични и дополнителни испитувања.

Првични испитувања

Првичните испитувања опфаќаат:

  • Прашалници за симптомите
    Тие се корисни за одредување на тежината на симптомите, како и за одредување на видот на третманот (следење, медикаментозен третман или хируршка операција). Се поставуват прашања за симтомите и знаците, за нивниот почеток и интензитет. Се запишуваат детали во врска со мочањето кои ги дава пациентот.
  • Физикален преглед (анален преглед, дигитален ректален преглед)
    Физикалниот преглед се состои од детален преглед на пациентот, а посебно од голема важност е ректалниот преглед на зголемената простата.
    Бидејќи аналниот отвор е непосредно под простатата, лекарот може да ја напипа простатата влегувајќи со прст преку аналниот отвор. Ова испитување е непријатно, но безболно. Со овој преглед може да се одреди големината, формата, цврстината, подвижноста и чувствителноста на простатата и се добива брз и порецизен увид за простатата, посебно за ракот на простата. Доколку се напипаат поцврсти промени (чворчиња) во неа, без оглед на нивната големина, треба веднаш да се помисли на можен рак на простата и да се направат дополнителни испитувања за поставување на точна дијагноза.
  • Анализа на мочта
    Анализата на мочта дава прецизни податоци за состојбата на мочните канали и особена на бубрезите. Таа е неопходна и за да се утврди дали постои придружна бактериска инфекција. Пациентот дава мочка за микробактериолошка анализа. Доколку анализата покаже присуство на бактерија, се прави и антибиограм (се одредува кој антибиотик е најефикасен за лекување на бактеријата која е изолирана од мочта).
  • Лабораториски испитувања
    Во рутинските испитувања спаѓа преглед на комплетната крвна слика, на седиментацијата и вршење на други биохемиски испитувања за утврдување на функцијата на бубрезите (како нивото на серумскиот креатинин, уреа алкална и кисела фосфатаза и серумскиот ПСА). Анализата на крвта кај пациентоте со БПХ најчесто служи за откривање на последиците од отежнатото мочања врз функцијата на бубрезите. Доколку функцијата на бубрезите е оштетена, вредностите на уреата и креатининот ќе бидат повисоки од нормалните граници. Доколку постои соменвање за рак на простата се испитуваат: ПСА, алкална и кисела фосфатаза.
  • Трансректален ултразвучен преглед
    Трансректален ултразвучен преглед се изведува со внесување на специјална сонда преку чмарот на пациентот.
    Ехотомографскиот преглед (ултразвук) користи звуци со висока фрекфенција, кои преку сонда се насочуваат кон простатата. Одбиените зрачни бранови се регистрираат преку истата сонда и врз основа на разликата од влезниот сноп на ултразвучните зраци и одбиените зраци се добива слика за внатрешните органи и структури на телото. Таа слика се гледа на монитор.
    Со ехотомографскиот преглед може точно да се одредат големината, обликот и тежината на простатата, како и да се видат одредени абнормалности во нејзината конзистенција.
    Ултрасонографискиот преглед овозможува да се одреди и волуменот на заостанатата (резидуална) мочка во мочниот меур. Ако не постои можност за ултрасонографски преглед, тогаш се одредува со ставање на катетер во мочниот меур, кој целосно се испразнува. Потоа се мери количината на резидуалната мочка.
  • Катетеризација на мочниот меур
    Катетеризацијата на мочниот меур се применува со цел да се измери количината на заостанатата мочка во мочниот меур. Нормално, по мочањето, не би требало да има моч во мочниот меур. Но,кај пациенти со зголемена простата има помало или поголемо количество на резидуална мочка. Дијагностичата катетеризација служи за определување на количеството на резидуалната мочка, додека пак терапевтската катетеризација се применува кога има поголема количина на резидуална моч во мочниот меур (повеќе од 200 до 300 мл), или при комплетен прекин на мочањето. Тогаш се испразнува мочта од мочниот меур, а катетерот се остава да стои подолго време.

Дополнителни испитувања во случај на соменевање за присутен рак на простата

Доколку со првичните испитувања постои сомнеж за рак на простатата, тогаш се прават други дополнителни, со цел да се постави сигурна дијагноза.

Биопсија на простата

Биопсија на простатата се препорачува кога при дигиталниот ректален преглед ќе се напипа безболна фиксирана твдина во простатата, или доколку ехотомографскиот преглед покаже зони на тумор во простатичната злезда, или ако постои високо ниво на ПСА (над 10 ngr/ml).

Урологот може за време на ултразвучниот преглед со помош на специјална игла да земе парчиња од ткивото на простатата. Обично се земаат 8 до 12 примероци од ткивото на простатата од неколку различни места на жлездата. Биопсијата се изведува со анестезија, меѓутоа сепак може да биде непријатна. Постои мал ризик од инфекција. За превенција од инфекција се даваат антибиотици. По биопсијата, можно е да се забележи крв од аналниот отвор или, пак, во мочта. По биопсијата може да дојде и до ејакулација. Ова се краткотрајни промени, кои брзо исчезнуваат откако ќе се смири местото од кое се земени примероците.

По земањето на примероците од ткивото на простатата, тие се праќаат на микроскопско испитување кај специјалист-патолог.

Од биопсијата на простатата ќе зависи дефинитивната дијагноза и ќе се разграничи дали се работи само за БПХ или и за можен присутен рак на простатата.