• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
БПХ и ракот на простатата Печати
Индекс на артикл
БПХ и ракот на простатата
Поставување на дијагноза на БПХ
Третман на БПХ
Сите страници

Ракот на простатата никогаш не е последица на малигната дегенерација на бенигната простатична хиперплазија. Но, можно е да овие две заболувања бидат истовремено присутни кај еден пациент. Тоа значи дека покрај старечка простата, кај пациентот постојат и фокуси на малигни клетки во жлездата т.е. рак на простата.

Што е старечка простата (бенигна хипертрофија на простатата – БПХ)?

Простатата е сложен орган чија оптимална функција е условена главно од хормонската рамнотежа и од меѓусебниот однос на машкиот хормон - тестостерон и другите хормони и супстанции. Присуството на тестостерон видно се намалува по 40-та година од животот. Како резултат на тие промени доаѓа појава на старечка простата. Старечката простата е всушност процес во кој простатичната жлезда се зголемувања.

Кај мажите постари од 50 години, бенигната простатична хиперплазија (БПХ) е најчесто заболување на простатата. Инциденцијата расте со возраста, почнувајќи со 8% во четвртата деценија од животот, за да достигне дури 90% во деветтата деценија.

БПХ е најчеста причина за нарушеното празнење на мочниот меур. Може да биде асимптоматска, а нејзините клинички симптоми се манифестираат кај 30% - 40% од мажите.

Клинички симптоми при БПХ

Како последица на пореметената хормонална рамнотежа доаѓа до растење на ново простатично ткиво кон простатичниот дел на мочниот канал, што доведува до деформирање и истегнување на мочниот канал, што е всушност и причина за појава на симптомите на БПХ. Ова ново ткиво кое расте е исто како и нормалното простатично ткиво, со таа разлика што кај новото ткиво доминира жлездената структура. Старечкото растење на простатичното ткиво само по себе нема штетно влијание врз организмот. Всушност, симптомите се јавуваат како последица на промените на мочниот канал предизвикани од зголеменото простатично ткиво. Мочниот канал се деформира, издолжува и усукува како врвца. Како резултат на ова стеснување, извиткување, делумно или комплетно затварање на мочниот канал, мочниот меур, односно неговиот мускул почнува да работи посилно за да го совлада отпорот и да може мочта нормално да се исфрли надвор. Така, мускулот стегач на мочниот меур постепено се зголемува и зајакнува. Колку што пречката во мочниот канал е поголема, толку е поголем и отпорот за проток на мочта, па силата на мускулот се повеќе се зголемува. Во почетната фаза на БПХ, мочниот меур успева целосно да ја исфрли мочта надвор. Ова е компензаторна фаза на болеста. Таа може да трае со години. По оваа фаза, следи декомпензаторната фаза на болеста, во која мочниот меур не може целосно да се испразни и во него останува дел од мочта (рест урина).

Секој маж со зголемена простата не секогаш има присутни симптоми на болеста. Многу пациенти до длабока старост немаат никакви симптоми. Од друга страна пак, кај некои мажи, кои немале никакви симптоми, може одеднаш да дојде до комплетно прекинување на мочањето и тоа да биде прв симптом и показател за присутната болест. Не секогаш, големината на простатата е пропорционална со јачината на симптомите, односно со тешкотиите при мочањето. Така, некогаш мала простата може да доведе до појава на многу силно изразени симптоми, а од друга страна изразито зголемена простата да не даде никакви симптоми и да таа состојба трае долго, со години. Тоа се должи на фактот, што и мало зголемување на простатата, ако тоа притиска на мочниот меур, односно на делот веднаш до излезот на мочниот канал, може да доведе до појава на симптоми. Мала количина на моч која се наоѓа во мочниот меур секогаш го покрива овој дел на мочниот меур т.н. тригонум, од каде се испраќаат импулси до мозокот за започнување на актот на мочање. Како што мускулатурата на тригонумот се зајакнува и зголемува, тој станува многу чувствителен. Оваа чувствителност се манифестира со честа потреба од мочање, осебно ноќе (ноктурија). Според тоа како прва индикација за постоење на БПХ е безболно зачестено мочање. Мочањето станува сè почесто и во текот на денот и во текот на ноќта. Често постои потреба од ургентно мочање. Појавата на овие симптоми кај БПХ е позната како стадиум на дразба. Овој стадиум може да помине и незабелезан од страна на пациентот, доколку не постои болно мочање. Пациентите се навикнуваат на честото мочање и го прифакаат како нормална појава со возраста.

Но, со тек на време се јавуваат и други симптоми, кои се директно последица на стеснувањето на протатичниот дел на мочниот канал т.н. опструктивни симптоми. Меѓу првите опструктивни симптоми е послабиот млаз при мочањето, подолго чекање да започне мочањето. Кога мочањето ќе започне, контролирањето на видно намалениот млаз на мочта станува потешко, може да постои испрекинато мочање (мочање со прекини). Во оваа фаза може да дојде и до неконтролирано капење на мочта по измочувањето. Во декомпензираната фаза на болеста, кога веќе мускулот на мочниот меур неможе да ја испразни целата мочка од него, останува еден дел на мочка во него. Оваа резидуална моч пациентот ја чувствува како недоизмочување или повторна потреба за мочање по кратко време од мочањето. Како што се развива болеста, така и количината на заостанатата моч е сè поголема, а тоа може да доведе до појава на инфекции, бидејќи вака заостанатата моч е идеална средина за развивање на бактериите. Исто така, таа е погодна средина и за создавање на камен во мочниот меур.

Овие придружени компликации на БПХ, уште повеќе ја влошуваат состојбата на пациентот. Тогаш често се јавуваат и сексуални проблеми, иако тие главно се поврзани со придруженото воспаление (простатит) или со други придружни компликации.

На крај може да дојде и до целосно прекинување на мочањето. Тоа е ургентна состојба, која мора итно да се реши, бидејќи доаѓа до насобирање на отровни материи во крвта (уреа, креатинин и друго), што доведува до состојба позната како уремија. При тоа може да дојде и до оштетување на бубрезите, срцето, нарушување на работата на системот за варење и во краен случај да доведе до труење на крвта, развој на коматозна состојба и смрт. Затоа, целосното прекинување на мочањето е ургентна состојба во медицината.

Симптоми на бенигната простатична хиперплазија

Симптоми поврзани со капацитетот на мочниот меур (storage) се:

  • многу често мочање
  • ноктурија (мочање ноќно време)
  • ургентно мочање (итна пореба за мочање)
  • инконтиненција

Симптоми поврзани со мочањето се:

  • тешко отпочнување на мочањето
  • слаб млаз на урина
  • потреба за напнување при мочање
  • испрекинато мочање
  • чувство на нецелосно празнење на мочниот меур
  • уринарна ретенција (неможност за мочање)