• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Несакани ефекти од хемотерапијата Печати

Бидејќи лековите кои се даваат при хемотерапијата (цитостатици) не делуваат селективно само на карциномските клетки, туку и на клетките на нормалните ткива и органи, тие може да дадат повеќе несакани ефекти.

Несаканите ефекти од хемотерапијата зависат од типот на лекот, дадената доза, како и од времетраењето на третманот.

Привремени несакани ефекти се:

  • мачнина и гадење (наузеа), повраќање (вомитус),
  • пролив (дијареа),
  • губиток на апетит,
  • општа слабост и малаксаност, замор,
  • супресија на коскената срцевина и пад на крвните клетки,
  • промени во усната слузница,
  • оштетувања на периферните нерви,
  • опаѓање на косата (алопеција).

Повеќето од овие несакани симптоми исчезнуваат по прекинувањето на хемотерапиското лекување. Овие краткотрајни несакани ефекти може да се намалат или спречат со давање на соодветни лекови.

Мачнина, гадење и повраќање

Цитостатиците ја надразнуваат слузницата која од внатре го обложува системот за варење (желудникот и цревата), заради што може да се јави мачнина и гадење, а многу поретко и повраќање.

Треба да се напомне дека не сите цитостатици можат да дадат мачнина и гадење. Денес постојат специјални лекови т.н. антиеметици кои се многу ефикасни и значително ја намалуваат мачнината. Обично тие се даваат уште во тек на цитостатската апликација, во самата инфузија која се дава како премедикација, а потоа се продожува со таблетки во тек на наредните неколку дена.

Не е можно да се предвиди кој од пациентите ќе го има овој несакан ефект и со каков интензитет.

Тој зависи пред сè од:

  • видот на цитостатикот или комбинацијата на цитостатиците кои се даваат,
  • дозата,
  • индивидуалната реакција на секој пациент посебно,
  • возраста и општата состојба на пациентот.

Доколку се јави мачнината како несакан ефект, таа обично започува по неколку часа од терапијата и може да трае и наредниот ден, но обично изчезнува по неколку дена.

Правилната исхрана за време на цитостатската терапија е многу важна. Треба да се избегнува масна, зачинета, тешко сварлива храна. Се препорачува варено месо и зеленчук, пиење на доволна количина на течности и земање на помали оброци почесто на ден (5-6 оброци). Алкохолот и кафето ја надразнуваат слузницата на желудникот и треба да се избегнуваат за време на третманот.

Губиток на апетит

За време на хемотерапијата и кратко време по нејзиното аплицирање, посебно ако постои и чувство на мачнина и гадење, може да се јави намален апетит. Може да се јават и промени во вкусот на храната ( да има метален вкус, или премногу солен или горчлив). Но, нормалниот вкус на храната повторно се враќа по некое време по престанокот на хемотерапијата.

Отежнатото земање на храна може да биде и поради присутни мали ранички во усната слузница. Раничките се болни, а при земањето на храна болката се интензивира.

Лицата кои се на хемотерапија треба да јадат храна која ја сакаат. Не треба да се тераат да јадат големи и обилни оброци. Треба да се внесува високо калорична храна во помали дневни порции, а почесто во текот на денот. Помага и пиењето на сокови и други витамински препарати.

Пролив (дијареа)

Дијареата е појава на зачестени, течни столици.

Цитостатиците ја надразнуваат слузницата која од внатре го обложува системот за варење (желудникот и цревата), поради што често се јавува пролив (дијареа) како несакан ефект од хемотерапијата.

Обично се јавува во првите неколку дена од секој третман. Некои цитостатици можат да дадат и поинтензивни проливи, кои може да доведат до губење на голема количина на течности од организмот, односно да доведат до дехидрирање на организмот. Во тие случаи треба да се пие поголема количина на течности, а во случаите кога тоа не е можно, поради присутно повраќање, треба да се дадат лекови за смирување на проливот , како и хидрирање на пациентот преку давање на инфузии во вена.

Комбинираната терапија со повеќе третмански модалитети може да даде поинтензивна дијареа.

Сепак и овој несакан ефект варира од пациент до пациент. Кај некои пациенти може воопшто да не се јави или пак да биде изразен во блага форма.

Запек (констипација)

Многу поретко, некои цитостатици можат да предизвикаат запек. Тој може да биде последица од приврмено оштетување на нервите кои ја регулираат функцијата на цревата. Но, овој несакан ефект може да се регулира со правилна исхрана , како и земање на таблетки (лаксативи). Обично, по неколку дена од примањето на хемотерапијата се регулира и работата на цревата и нивното нормално празнење.

Замор

Како чест несакан ефект од хемотерапијата е чувство на замор (губиток на снага, малаксаност). Ова може да биде многу фрустрирачко за пациентот. Заморот може да постои и после одмор и спиење. Може да трае со недели или месеци по завршувањето на хемотерапијата, па затоа често се нарекува „хроничен замор”. Повеќето пациенти ја воспоставуваат својата вообичаена активност и енергија по 6 до 12 месеци од завршувањето на третманот. Но тоа може да трае и подолго, посебно доколку била спроведена долготрајна и интензивна цитостатската терапија, т.н. „спасувачка” терапија со примена на многу високи дози на цитостатиците. Заморот може да делува и на психата на пациентот, предизвикувајќи нерасположение или депресија. Заморот е најчест несакан ефект од третманот на карциномот и се јавува кај 70 до 90% од пациентите кои се на хемотерапија. Повеќето од пациентите велат дека заморот е најразорен од сите несакани ефекти.

Заморот може да биде последица на постоечка слабокрвност (намален број на црвени крвни зрнаца) заради цитостатската терапија. Најниско ниво на црвените крвни зрнаца се забележува од 7 до 14 ден по хемотерапискиот третман. Бидејќи црвените крвни зрнца го пренесуваат кислородот преку крвта до сите клетки во телото, нивниот намален број може да доведе до замор, вртоглавица, недостаток на енергија, чувство на недостаток на воздух, брзо заморување и при најмала физичка активност. Како што се зголемува бројот на еритроцитите, по период од 14 дена од третманот, така овие симптоми се ублажуваат и постепено се враќа енергијата. Но, потоа доаѓа време за нов циклус на хемотерапија и така пак доаѓа до циклично повторување на истите симптоми. Сознанието дека повторно ќе се јават овие несакани ефекти со следниот курс на цитостатска терапија, го прави пациентот вознемирен и фрустриран. Заморот е со поголем интензитет при примена на комбинирана терапија (хемотерапија со истовремена зрачна или хормонска терапија), потоа кај пациенти со локално напреднат или метастатски карцином на простатата, како и кај пациенти во понапедната возраст, кои имаат и некои други придружни интернистички заболувања.

Симптоми на замор

Основни симптоми на заморот се: недостаток на енергија, проблеми со спиењето, чувство на вознемиреност, надразливост или депресија, болки во мускулите, тешкотии при качување по скали или при кратки прошетки, брзо заморување и недостаток на воздух по мали физички активности (туширање или местење на креветот), тешкотии во концентрацијата, намалена способност за донесување на одлуки, губиток на интерес за активностите кои претходно претставувале задоволство, губиток на интерес за сексуални односи, негативни чувства за себе и за другите.

Како да се намали заморот?

Со корегирање на анемијата, со медикаменти или со давање на трансфузија на крв, се подобрува и општата состојба на пациентот и се намалува заморот. За намалување на заморот помага и повеќе одмор и спиење, правилна исхрана, како и практикување на лесни физички вежби.

Промени во усната слузница

Цитостатиците може да предизвикаат и промени во устата: појава на болно, надразнето грло и појава на ранички во усната слузница.

Овие несакани ефекти се означуваат како мукозитис. Тој може да се јави по 5 до 10 дена од примањето на хемотерапијата и исчезнува во тек на 3 до 4 седмици.

Овие ранички можат да бидат многу болни, па затоа често се даваат и аналгетски и антибиотски раствори за испирање на устата, за намалување на болката и спречување на можна инфекција.

Потребна е правилна хигиена на устата и редовно миење на забите со мека четкичка по секој оброк. Помага и испирање на устата со солена вода или со благ раствор на сода бикарбона, како и внесување на големи количини на течности. Пиење на алкохол и кафе не се препорачува, бидејќи тие ја надразнуваат усната слузница и ја влошуваат состојбата.

Оштетување на периферните нерви

Некои цитостатици (на пр. таксотер), може да доведат до оштетување на периферните нерви, најчесто на дланките и на стопалата. Тоа обично се манифестира со чувство на трнење на прстите на дланките и стопалата, послаба контрола при работење на прецизни работи, чувство како да се гази по дебел ќилим. Оваа појава е позната под името периферна неуропатија.

Периферната неуропатија е најчесто привремена и исчезнува по неколку месеци по престанок на хемотерапијата. Многу ретко може да дојде до трајна неуропатија.

Нема ефикасна терапија за периферната неуропатија. Се препорачува витаминска терапија. (витамини од групата Б).

Привремена супресија на коскената срцевина

Цитостостатиците делуваат на супресија на коскената срцевина. Во неа се наоѓаат млади крвни клетки кои потоа созреваат во три вида на крвни клетки:

  • црвени крвни зрнца (еритроцити)
  • бели крвни зрнца (леукоцити)
  • крвни плочки (тромбоцити)

Хемотерапијата ја успорува продукцијата на крвните клетки уништувајќи ги како што тие растат и созреваат во коскената срцевина..

Бројот на белите крвни зрнца најбрзо опаѓа, бидејќи овие клетки имаат најкраток живот во крвта. Така ако коскениот мозок не ги создава, нивниот број во крвта брзо паѓа (неутропенија). Потоа доаѓа до пад на крвните плочки (тромбоцитопенија), а најмалку осетливи се црвените крвни зрнца чиј пад доведува до слабокрвност.

Неутропенија (пад на нивото на белите крвни зрнца)

Леукоцитите се дел од имунолошкиот систем, па затоа при нивно намалување постои поголем ризик од инфекција. Доколку дојде до инфекција се применува антибиотска терапија.

По секој циклус на хемотерапија, доаѓа до намалување на бројот на леукоцитите. Најголемиот пад на леукоцитите се јавува од 10 до 14 ден по примената терапија. Потоа, нивниот број во крвта почнува постепено да се зголемува обично достигнува нормални вредности до следниот циклус на хемотерапијата. Но, со наредниот циклус, повторно доаѓа до пад на леукоцитите.

Доколку дојде до многу изразена неутропенија, се применуваат лекови т.н. хематопоетски фактори на раст (grow factors G-CSF). Тоа се цитокини кои ја регулираат пролиферацијата, диференцијацијата и виталноста на прогенитрните и матичните клетки во коскената срцевина. Тука спаѓаат стимулирачките фактори на гранулоцитите и макрофагите..Со употтребата на овие лекови се корегира неутропенијата предизвикана од цитостатската терапија. Со овие лекови се обезбедува и побезбедно давање на високи дози на цитостатици, побрзо закрепнување и подобри резултати во лекувањето. Лековите се даваат во вид на поткожни инекции и всушност ја стимулираат продукцијата на леукоцитите во коскената срцевина. Најчесто применувани хематопоетски фактори на раст се: Filgrastim (Neupogen -Hoffmann-La Roche Inc.), Lenograstim (Granocyt). Како несакани фекти од примената на овие лекови може да се јави болка во коските, мускулна слабост, но тие се краткотрајни и не се јако изразени. Обично не предизвикуваат несакани ефекти и добро се поднесуваат.

Пад на крвните плочки (тромбоцитопенија)

Тромбоцитите помагаат во згрутчувањето на крвта и на тој начин спречуваат да дојде до крварење. Доколку дојде до изразен пад на тромбоцитите, може да се јават: модрици по кожата на телото, крварење од носот, поинтензивно крварење и при мала посекотина. Доколку дојде до изразит пад на тромбоцитите, се дава трансфузија на тромбоцитна маса.

Пад на црвените крвни зрнца (анемија)

Еритроцитите носат кислородот до сите ткива и органи во телото, па нивниот пад може да доведе до замор, вртоглавица, како и чувство на немање доволно воздух и при мал физички напор. Рекомбинантниот еритропоетин ја спречува и ублажува анемијата предизвикана од цитостатската терапија.

За спречување и лекување на недостаток од железо се употребуваат и препарати како што се таблети за џвакање или сируп (како на пример Ferrum Lek, Heferol и други). Со еднократна дневна доза организмот добива 100 мг железо.

Доколку дојде до изразен пад на еритроцитите се препорачува трансфузија на крв, со која успешно се корегира анемијата.

Опаѓање на косата (алопеција)

Паѓање на косата е најдобро познат несакан ефект од хемотерапијата.

Цитостатиците го оштетуваат фоликулот на влакната и косата паѓа. Опаѓањето на косата обично се јавува по 2 до 3 седмици од започнувањето на хемотерапијата. По завршувањето на хемотерапијата, косата почнува нормално да расте.