• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Несакани ефекти од хируршкиот третман (радикална простатектомија) Печати

Главни несакани ефекти од радикалната простатектомија се:

  • инконтиненицијата (неволно и некотролирано мочање) и
  • импотенцијата (еректилна дисфункција),
  • сувата ејакулација,
  • неплодноста.

Инконтиненцијата (неволно и некотролирано мочање)

Инконтиненцијата е неспособост за контрола на мочањето. Тоа е неволно испуштање или водење на мочта.

Инконтиненцијата може да даде емоционални проблеми кај пациентите. Таа влијае врз карактерот на мажот, како и врз квалитетот на живот и социјалното битисување - изолирање, ограничени активности, намалена професионална продуктивност, недоразбирање со околината, депресија и потреба од зголемена лична хигиена.

Постојат 3 типа на инконтиненција:

  • стрес инконтиненција,
  • обилна (преплавена) инконтиненција,
  • ургентна инконтиненција.
Стрес инконтиненција

Стрес инконтиненцијата е појава на неволно и неконтролирано испуштање на мочта при зголемен интраабдоминален притисок, кој се јавува при кашлање, кивање, трчање, дигање на тешки предмети, брза промена на положбата на телото (на пример: при брзо станување) или при други физички активности.

Причина за настанувањето на овој проблем е некоординираната работа на мускулите на мочниот меур и мускулот стегач (сфинктер) на мочниот канал.

Во нормални ситуации, кога доаѓа до контракција на мускулите на мочниот меур, доаѓа до зголемен притисок во него и тој притисок ја истиснува мочта надвор.

За да може мочта да излезе надвор, потребно е да дојде до релаксација на мускулот стегач на надворешниот мочен канал (уретрата). Овој мускул на мочниот канал е под контрола на нашата волја и ние волно го стегаме и го опуштаме. На тој начин е можно да го контролираме почетокот на мочањето и да го одложиме доколку се наоѓаме во неадекватна ситуација.

Се смета дека стрес инконтиненцијата по радикалната простатектомија се јавува поради оштетување на мускулот стегач на надворешниот мочен канал како и на нервите кои ја овозможуваат неговата функција. Со тоа оштетување се нарушува и механизамот на нормалното мочање.

Стрес инконтиненцијата е најчест тип на инконтиненција по реализираната радикална простатектомија.

Нормалната функција на мочниот меур и контролата на мочањето обично се регулираат по неколку недели или месеци од радикалната простатектомија.

Стрес инконтиненција е нормална појава по радикалната простатектомија.

Обилна (преплавена) инконтиненција

Овој вид инконтиненција најчесто се јавува поради присуство на карцином на простатата или лузни и стеснувања кој го блокираат или стеснуваат излезот на мочниот меур. Тоа предизвикува тешкотии во празнењето на мочниот меур.

Стеснувањата и лузните може да се јават и како последица на радикалната простатектомија.

Мажите со овој вид на инконтиненција имаат проблеми со отпочнување на мочањето и тоа е со напор, со испрекинат и послаб млаз.

Ургентна инконтиненција

Мажите со овој вид инконтиненција имаат потреба од итно мочање.

Кај пациентите со ургентна инконтиненција, мочниот меур станува премногу чувствителен и на мало количество на насобрана мочка во него, која го растегнува. Последица на тоа е ургентна потреба од мочање.

Овој вид инконтиненција е најчест тип по зрачната терапија и може да се јави и при надворешното зрачење и при брахитерапијата.

Но, може поретко да се јави и како компликација од радикалната простатектомија.

Третман на инконтиненцијата

Третманот на инконтиненцијата зависи од типот, од причината која довела до инконтиненција, како и од нејзиниот интензитет.

Некои мажи се срамат и не сакаат да разговараат за овој проблем, но тој е доста чест. Многу е важно за овој проблем отворено да се разговара со лекарот што порано, бидејќи раното започнување на неговиот третман дава и многу подобри резултати.

Зависно од видот и интензитетот на инконтиненцијата постојат неколку начини за нејзино лекување:

  • примена на Кегеловите вежби за зајакнување на мускулите на малата карлица,
  • медикаментозно лекување,
  • хируршко лекување.

Кегелови вежби - вежби за јакнење на мускулатурата на карличниот под

Доктор Арнолд Кегел уште во 1948 година прв ја предложил примената на вежбите за зајакнување на мускулите на карличниот под, со цел да се подобри функцијата и тонусот. Тоа се вежби на волно стегање и олабавување на мускулот, кој има важна улога во одржувањето на уретралниот притисок (musculus levator ani). Мускулите на карличниот под во своето тело може да ги лоцирате при следното мочање на следниот начин: ќе се обидете прво да го задржите, а потоа да го пуштите млазот и тоа не стегајќи го стомакот, ниту бутините и задникот. Ако тоа ви успее, значи сте ги лоцирале мускулите за кои се говори.

Основната Кегелова вежба е многу едноставна. Стегнете ги карличните мускули, држете го стегањето десетина секунди, а потоа опуштете ги. Се препорачува вежбата да се повтори десет пати, три пати дневно (вкупно вежбање - 5 минути дневно). Тоа се едноставни вежби, не бараат многу слободно време, се изведуваат без дополнително потребна опрема. Ефектите од овие вежби се забележуваат веќе по еден месец од редовното вежбање и кај повеќето мажи може значително да ја подобрат инконтиненцијата.

Кај поедини пациенти со поизразени симптоми, покрај вежбите може да се примени и електростимулација, како и терапија со лекови.

Во поизразените симптоми, кои се последица на стеснувања на мочните патишта, инкотиненцијата се лекува со отстранување на стеснувањата по хируршки пат.

Еректилна дисфункција (импотенција)

Импотенција (еректилна дисфункција) е состојба на неможна ерекција или неможност таа да се задржи. При тоа не доаѓа до соодветно здрвување на пенисот при сексуална стимулација, а како последица на тоа и пенетрација при сексуалниот однос. Во текот на првите 3 до 18 месеци по радикалната простатектомија, повеќето мажи имаат еректилна дисфункција која бара медикаментозен или друг третман.

Во случаите кога се применува простатектомија со зачувување (поштеда) на еректилните нерви, еректилната дисфункција е поретка и трае кратко време по оперативниот зафат, а подоцна се нормализира. Сепак, скоро сите мажи кои се се лекувани со радикална простатектомија имаат намалена способност за ерекција, но кај помладите пациенти може да се очекува таа повторно нормално да се воспостави.

Доколку се изведе радикална простатектмија со поштеда на еректилните нерви, процентот на импотенцијата кај мажите до 60-годшна возраст е 25-30%. Но, за мажите над 70-годишна возраст, тој процент е многу повисок и изнесува дури 70 до 80% и покрај поштетата на нервите при оперативниот зафат.

За еректилната дисфункција постојат неколку можни опции на лекување.

Денес на пазарот се достапни лекови од групата на т.н. инхибитори на 5–фосфодиестераза (Виагра, Левитра и Циалис).

Ефектот на овие лекови се должи на тоа, што тие привремено го неутрализираат ензимот 5-фосфодиестераза. На тој начин, крвните садови подолго време остануваат отворени за навлегување на крв во нив. Овие лекови не можат да ги земаат пациенти кои користат нитроглицерин или нитро-препарати, бидејќи нитратите драстично го намалуваат крвниот притисок, како и спомнатите лекови, така што може да дојде до немерливо низок крвен притисок, па дури и до смрт.

Разликата помеѓу вијаграта, левитрата и циалис е во следново:

  • вијаграта мора да се земе на празен желудник за да биде ефектот оптимален и е ефикасен околу 4 часа,
  • левитрата може да се зема и на пол желудник и е ефикасна 5 часа по нејзиното земање,
  • циалис е ефикасен цели 36 часа по неговото земање, па затоа овој лек се вика и викенд таблета.

Освен таблети, постојат и лекови кои во вид на инекција се убризгуваат во телото на пенисот. Ефектот настанува по 10-15 минути и трае до еден час. За тоа се користат простагландинот, или пак комбинација од 3 лекови – простагландин, папаверин и фентоламин. Овие лекови се доста сигурни и единствен спореден несакан ефект при нивна невнимателна примена може да биде продолжена ерекција.

Во лекувањето се користи и вакуум пумпа, со која крвта се доведува во телото на пенисот со вакуумски ефект и се „заробува“ со еден специјален прстен, кој се става на коренот на пенисот. Тој прстен ги притиска вените на пенисот и го оневозможува враќањето на крвта.

Доколку со ниедна од овие методи не се постигне подобрување, се препорачува вградување на специјални протези во телото на пенисот.

Сува ејакулација

Кога простатата е целосно отстранета, мажот може да има ерекција и ејакулација, но изостанува течноста од простатата која се излива во мочниот канал за време на минувањето на спермата при ејакулацијата. Затоа говориме за сува ејакулација.

Ако по радикалната радиотерапија не се јави импотенција, тогаш мажот може да има полов однос и да доживее оргазам, но станува неплоден, бидејќи не може да ја исфрли семената течност (која се создава во простатата), а која е неоходна за одржување на сперматозоидите во живот.

Неплодност

При отстранувањето на простатата, иако пациентот може да има очувана сексуална функција, сепак недостасува течноста од простатата, која се излива во спермата за време на ејакулацијата. Таа е неопходна за одржувањето на виталноста на сперматозоидите и при нејзин недостаток исфрлените сперматозоиди брзо угинуваат. Затоа , мажите по радикалната простатектомија стануваат неплодни. Доколку пациентот сака да има деца, лекарот треба да му советува да остави примерок на сперма пред операцијата, во т.н. банки на сперма