• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Симптоми и знаци кај ларингелниот карцином Печати

Ларингеалниот карцином долго време може да биде асимптоматски, односно да не даде никакви симптоми. Како почетен и најчест симптом на ларингеалниот карцином е засипнатоста на гласот, која трае долго време и се продлабочува. Поголемиот број на карциноми се локализирани на гласните жици. Овие тумори ретко се болни. Туморите локализирани во пределот над гласните жици може да бидат причина за појава на тврдина на вратот, болки во пределот на увото,болки во грлото, непријатност и чувство на гребење при актот на голтање.

Туморите сместени во пределот под гласните жици можат да го отежнат дишењето, а дишењето да биде гласно.

Сувата надразнувачка кашлица како и чувството на присутно туѓо тело во грлото моќжат да бидат знаци на ларингеалниот карцином.

Како што туморот расте, може да се јават и други симптоми како што се: болки во грлото и вратот, губиток на тежина, непријатен здив од устата, често гушење при голтање на храната. Во некои случаи туморот може значително да го отежни и голтањето.

Сите овие симптоми можат да бидат предизвикани од ларингеалниот карцином, но и од други, помалку сериозни заболувања. Сепак, присуство на еден или повеќе од набројаните симптоми бара итен лекарски преглед.

Пациентите со долготрајна засипнатост, која не исчезнува по примање на антибиотска терапија и која со тек на време се продлабочува треба итно да се јават на лекар т.е. специјалист за уво, нос и грло (оториноларинголог).

Симптоми и знаци кои бараат итен лекарски преглед се:

  • Засипнатост која трае повеќе од 15 дена,
  • Чувство на страно тело во грлото,
  • Надразнувачка сува кажлица,
  • Крвен исплувок,
  • Појава на зголемен лимфен јазол на вратот.

Треба без страв да се јавите кај својот лекар. Само така ќе може да се открие карциномот на време, а со тоа и лекувањето ќе биде поуспечно.

Дали сите овие наведени симптоми значат и сигурно присуство на рак на гркланот?

Одговорот е НЕ. Засипнатост и сува надразнувачка кашлица може да се јават и при бенигни израстоци на гркланот како што се полипите на гласните жици и папиломите на грлото.