• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Превенција и скрининг Печати

Превенција за настанување на ларингеалниот карцином

Како превенција за настанувањето на ларингеалниот карцином се наведува избегнување на факторите на ризик за ова малигно заболување. Секако дека не можеме да влијаеме на сите познати фактори на ризик за ларингеалниот карцином. Така на пример, не можеме да влијаеме на возраста, полот, на генетската предизпозиција, но на некои фактори на ризик можеме да влијаеме и да ги избегнуваме.

Фактори на ризик на кои може да влијаеме и може да ги избегнеме

Пушење – ПРЕСТАНЕТЕ СО ПУШЕЊЕ

Во прв ред може да влијаеме на еден многу важен и главен фактор на ризик за настанување на ларингеалниот карцином, а тоа е пушењето.

Пушењето е главен фактор на ризик за настанување на ларингеалниот карцином. Околу 97 % од ларингеалните карциноми се оценети дека се предизвикани од тутуновиот дим, било да е тој внесен активно, преку пушење или пасивно, преку престојување во простории каде се пуши (пасивни пушачи).

Пушачите на цигари заболуваат 25 до 30 пати почесто во споредба со непушачите.

Ризикот за настанување на ларингеалниот карцином се зголемува со бројот на дневно испушените цигари (повеќе од 20 цигари дневно), времетраењето на пушењето, возраста кога започнало пушењето, од вдишувањето на тутуновиот дим, како и од количината на катранот и никотинот во цигарите (од видот на цигарите).

Според тоа, поголем ризик имаат лица кои рано почнале да пушат, кои пушат повеќе од 25 цигари дневно, кои длабоко го вдишуваат тутуновиот дим, кои ги пушат цигарите до крај (на крајот цигарите содржат најголема количина на катран, кој е канцероген) и кој пушат цигари со висок % на никотин и катран.

Со вдишувањето на димот од цигарите се внесуваат аеросоли во долните партии на белите дробови. Димот содржи голем број на канцерогени супстанции, а меѓу нив се: полицикличните јаглехидрати, нитроамидите и бензопиренот, кои се едни од најсилните канцерогени материи.

Лицата кои се откажале од пушење имаат помал ризик да заболат од ларингеален карцином отколку ако продолжеле да пушат, но нивниот ризик е сепак поголем од оној кај лицата кои никогаш не пушеле. Намалување на ризикот од појава на ларингеален карцином се јавува и кај долгогодишни пушачи кои престанале да пушат.

Најдобар начин да се избегне добивањето на рак на гркланот е да се престане со пушење. Некои долгогодишни пушачи сметаат дека престанувањето со пушење нема да има големо влијание на намалувањето на ризикот. Но, клиничките студии сепак покажале дека и долгогодишните пушачи, ако престанат да пушат имаат намален ризик да заболат од ларингеален и белодробен карцином, во споредба со оние кои продолжиле да пушат.

Пушачите кои престанале да пушат повеќе од 15 години, имаат 80 до 90% намален ризик за развој на белодробен и ларингеален карцином, споредено со лицата кои продолжиле со пушење.

Алкохол – Не претерувајте со алкохолот

Екстензивното консумирање на јак алкохол е фактор на ризик за настанување на ларингеалниот карцином. Посебно голем ризик да заболат од ова малигно заболување имаат лица кои и пушат и консумираат големи количини на алкохол. Алкохолот е дополнителен фактор кој го зголемува ризикот кај пушачите. Посебно алкохолот е ризик фактор во развивањето на карциномите во супраглотичната регија на гркланот.

Значи, како превенција за настанување на ларингеалниот карцином се препорачува умерено консумирање на алкохол.

Канцерогени од животната средина и професионални канцерогени супстанции

Утврдено е дека бројот на заболени од белодробен карцином е поголем во индустриски развиените земји и во големите градови, отколку во руралните средини. Причина за тоа е аерозагаденоста. Загадениот воздух содржи во себе многу канцерогени супстанции, кои со дишењето се внесуваат во белите дроови.

Исто така, опишани се и други фактори на ризик како што се: професионална изложеност на хемиски и индустриски супстанции (азбест, нафтени деривати, смола, органски растворувачи, индустриска прашина и друго), изложеност на рударите во рудниците со јагленова прашина, хром, ураниум, никел и друго.

Според тоа, како превенција на ракот на гркланот е избегнување на професии при кои може да постои изложеност на канцерогени супстанции.

Јадете здрава храна

Лошата исхрана е многу честа кај лицата кои екстензивно консумираат алкохол. Тоа може да биде причина и зошто алкохолот го зголемува ризикот за појава на ларингеален карцином. Причината може да биде недоволното внесување на витамини и минерали со исхраната. Исхрана богата со свежо овошје и зеленчук може да го намали ризикот за појава на ларингеален карцином. Ова се должи на фактот што во свежото овошје и зеленчук има многу витамини и минерали т.е. антиоксиданси како витамин А, Ц и Е, кои го зајакнуваат одбрамбениот механизам т.е. природниот имунитет кај човекот. Витамините и другите супстанции во свежото овошје и зеленчук можат да го спречат оштетувањето на слузницата, кое покасно може да доведе до развој на карцином.

Една истражувачка студија открила дека западниот начин на исхрана, т.е. внесување на големи количини на месо и месни производи, пржено и печено црвено месо, го зголемува ризикот за настанување на ларингеалниот карцином.

Друга студија покажала дека е зголемен ризикот за појава на ларингеален карцином кај лица кои консумираат преработено месо и месни производи три пати неделно или повеќе, но сепак, потребни се повеќе студии кои би го потврдиле тоа.

Што е здрава исхрана?

Здрава исхрана подразбира внесување на балансирано количество на протеини, јаглени хидрати, масти, витамини и минерали. Здравата исхрана се базира на внесување на поголеми количини на протеини и јагленохидрати, а помалку масти. Во исхраната посебно е важен внесот на витамини и минерали, кои ги има најмногу во свежото овошје и зеленчук.

Со здрава исхрана, како и со редовна физичка активност, ќе се намали постепено и вишокот на телесна тежина, која е исто фактор на ризик за повеќе малигни заболувања.

Која храна може да го намали ризикот за појава на карцином на гркланот ?

Овошје и зеленчук

Овошјето и зеленчукот се богати со витамини и минерали кои се природни одбрамбени состојки против многу болести. Се препорачува да се јадат 5 порции од овошје и зеленчук дневно. Една оптимална порција тежи околу 80 грама.

Со тоа се смета дека се намалува и ризикот од срцеви заболувања, шеќерна болест, повеќе видови на карциноми и други заболувања. Научниците, сеуште не ги идентификувале сите хранливи состојки, кои делуваат на заштитата на организмот против болестите. Затоа се препорачува да потребните витамини и минерали се внесуваат со свежото овошје и зеленчук, а не преку синтетски препарати, разни додатоци или екстракти од храна, кои може да се купат во аптеките. Овие синтетски произведени извори на витамини и минерали не се така ефикасни, бидејќи не ги содржат сите корисни хранливи материи.

Главниот предмет на истражување на dr.Heber e третирањето на гојазноста и исхраната во превенцијата и третманот на карциномот. Тој е директор на Центарот за човекова исхрана (Center for Human Nutrition) на UCLA (Клифорниски Универзитет во Лос Ангелес). На UCLA го води Одделот за клинички испитувања, кој е финансиран од Националниот Институт за Карцином , како и од субвенциите за исхрана и гојазност на Националниот Здравствен Институт. Напишал повеќе од 70 научни трудови, 2 професионални трудови, како и 4 книги.

Една од неговите книги е и книгата „Која е боја вашата исхрана?“. Тој во својата книга ги поделил овошјето и зеленчукот во седум категории врз основа на бојата. Dr.David Heber препорачува примена на принципот „седум бои на здравјето“ и тоа така што во дневната исхрана ќе се внесе храна со различни бои, вклучувајќи ги следниве групи:

„Виножито од бои“

Црвена: патлиџан и производи од патлиџан (сок, супи, сосови и кечап). Оваа храна содржи супстанции за кои е докажано дека го намалуваат ризикот од појава на неколку видови на карциноми, вклучувајќи го и карциномот на простатата.

Црвена и розева: грозје, сок од грозје, црвено вино, сушени сливи, јагоди и капинки. Оваа храна содржи силни антиоксиданси кои имаат делотворен ефект на здравјето на срцето, бидејќи го спречуваат настанувањето на згрутчувања во крвните садови. Исто така, како јаки антиоксиданси го штитат организмот од некои канцерогени материи.

Портокалова: морков и кајсија. Тие содржат бета-каротин кој ја подобрува комуникацијата помеѓу клетките со што помага да тие подобро се борат против ширењето на ракот.

Порокалово-жолта: портокал, сок од портокал, мандарина, грејпфрут, лимон, папаја, ананас и праска. Ова овошје е богато со витамин Ц, силен антиоксиданс кој ги штити клетките.

Жолто-зелена: жолта пченка, грашок и авокадо. Оваа храна содржу лутеин кој е силен антиоксиданс, кој ја штити мрежницата на окото од зрачење и го намалува ризикот од пореметувања на видот. Сé поголем број на испитувања покажуваат дека лутеинот, благодарение на своите антиоксидациски својства, е од големо значење за очувување на здравјето на очите, на кожата, срцето, грлото на матката, како и во јакнењето на имунолошкиот систем. Варениот зеленчук е најдобар извор на лутеин. Во свежиот зеленчук, лутеинот е заробен во клеточните структури, додека со варењето се овозможува негова апсорпија и се зголемува биорасположивоста.

Зелена: зелка, келј и карфиол. Овој зеленчук содржи супстанции кои го намалуваат стварањето на штетни излачевини во црниот дроб.

Бело-зелено: лук и кромид. Овој зеленчук ја штити ДНК.

Другото бело-зелено овошје и зеленчук, вклучувајќи ги: артичок, крушка, шпаргла, целер и печурки, богато е со флавоноиди, антиоксиданси кои ги штитат клеточните мембрани.

Препораки за здрава исхрана:

  • јадете компири, ориз и тестенини,
  • јадете најмалку 5 порции со овошје и зеленчук дневно,
  • внесувајте белковини со консумирање на риба и пилешко месо,
  • избегнувајте масно црвено месо, свинско и телешко,
  • помалку внесувајте шеќер во исхраната,

Здравата исхрана го ограничува внесот на шеќери до 70 грама или 17 мали кафени лажички, но тука се вбројува и внесот на „скриениот“ шеќер кој го внесуваме со соковите и зготвената храна.

  • помалку внесувајте сол во исхраната, до 1 кафена лажичка. Секако треба да се обрне внимание и на „скриената“ сол која ја внесуваме со зготвената храна,
  • пијте 6-8 чаши вода дневно,
  • не консумирајте засладени и газирани сокови.

Скрининг за ларингеалниот карцином

Скрининг подразбира тестирање на луѓето за рани стадиуми на карцином, пред да се присутни било какви симптоми. Но, за да се направи добар скрининг за одреден тип на карцином, лекарите треба да имаат на располагање прецизни скриниг тестови. Тестовите треба да бидат сигурни во откривањето на карциномот и да не даваат лажна дијагноза за карцином кај луѓе кои немаат карцином т.е. да не даваат т.н. лажно позитивни резултати.

Во моментов не постојат скрининг тестови за ларингеалниот карцином кои се доволно сигурни во откривањето на раниот ларингеален карцином. Од друга страна пак, ларингеалниот карцином е релативно редок малигном, па скринингот на секое лице би чинело многу пари, со оглед на тоа што само мал број на луѓе ќе заболат. Секој скрининг тест мора да биде едноставен и евтин за изведување.

Можни тестови

Единствен начин за сктининг кај ларингеалниот карцином е тестот наречен флексибилна назоендоскопија, при кој постои и можност да се земе биопсија од сомнителната промена на слузницата на гркланот. Оваа процедура се изведува со помош на назоендоскоп, кој претставува светлечка туба со камера. Назоендоскопот се венсува преку носот во грлото. Лекарот може директо да ја гледа слузницата на носот, задниот дел на устата и грлото.

Сеуште не се знае колку е сигурна незоедноскопијата како скрининг метода кај лицата кои немаат симптоми. Од друга страна тоа е процедура која е поврзана и со некои компликации, иако се тие ретки.

На пример, насоендоскопот може да ги оштети гркланот и гласните жици кај некои лица. Инвазивен тест како што е овој е заплашувачки и не ретко се одлучуваат лужето да го направат, доколку немаат симптоми.

Бидејќи не се знае колку е сигурен овој скрининг тест, тој и не е погоден да се применува рутински.

Останува да, при појава на било кој симптом кој е поврзан со ларингеалниот карцином, веднаш се побара лекарки совет.

Потребен итен лекарски преглед при:

  • Засипнатост која трае повеќе од 15 дена,
  • Чувство на страно тело во грлото,
  • Надразнувачка сува кажлица,
  • Крвен исплувок,
  • Појава на зголемен лимфен јазол на вратот.

Треба без страв да се јавите кај својот лекар. Само така ќе може да се открие карциномот на време, а со тоа и лекувањето ќе биде поуспешно.