• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Терапија на Хочкин лимфоми (ХЛ) Печати

Најголем напредок во онкологијата, во последниве неколку декади, е постигнато токму кај Хочкин лимфомот. Благодарение на осетливоста на туморот, со радиотерапија и хемотерапија, кај најголем дел од пациентите се постигнува трајно излекување.

Радиотерапија

Кај раните стадиуми на болеста (IA, IB и IIA), радикалната радиотерапија е метода на избор.

Радиотерапијата се спроведува со специјални машини (линеарни акцелератори), кои произведуваат рендгенски зраци со висока енергија. Зраците минуваат низ телото на пациентот од надвор и затоа се нарекува надворешна радиотерапија.

Во текот на изминатите неколку декади, со воведувањето на сè пософистицирани и попрецизни техники на зрачење, постигнат е огромен напредок во радиотерапијата. Со овие модерни техники на зрачење се постигнува прецизно доставување на повисока доза во пределот на туморот, а минимално озрачување на околните ткива. Исто така, се постигнува и подобра локална контрола, како и помалку акутни и доцни несакани ефекти.

Тродимензионалната конформална радиотерапија (3Д КРТ) користи компјутерски софтвер за интегрирање на КТ снимките од внатрешните ткива и органи на пациентот. Тоа овозможува попрецизно формирање на високата волуменска радијациона доза соодветно на обликот на туморот. 3Д КРТ на тој начин ги намалила како акутните, така и доцните несакани токсични ефекти врз нормалните ткива и околни органи кај пациентите, а од друга страна се постигнала повисока кумулативна доза во самиот тумор.

Ако туморот се наоѓа над дијафрагмата, се користат широки зрачни полиња во вид на мантил, со кои се опфаќаат вратните, супра и инфраклавикуларните лимфни јазли, пазувните, медијастиналните и хиларните лимфни јазли.

Доколку болеста е лоцирана по дијафрагмата (значително поретко), се користи големо зрачно поле во форна на обратно „Y“, со кое се опфаќаат сите лимфни јазли под дијафрагмата (парааорталните, параспленичните лимфни јазли со слезенката, илијакалните, феморалните и препонските лимфни јазли).

Вкупната зрачна доза е 40 Gy, која се остварува во тек на 4-5 недели.

Планирање на 3Д конформалната радиотерапија

Планирањето на 3Д конформалната радиотерапија се изведува во неколку последователни чекори.

Позиционирање на пациентот и имобилизација на КТ симулаторот

Позиционирањето и имобилизацијата на пациентот се многу важни за да може точно да се репродуцира истата положба за време на секоја зрачна сеанса, во текот на целиот радиотераписки третман. Се користат различни имобилизациски помагала. На тој начин се обезбедува секогаш идентична положба на пациентот, како при симулацијата така и при секојдневниот третман на линеарниот акцелератор. Оваа положба овозможува да се спроведе терапија со повеќе зрачни полиња, кои се поставени под различни агли.

Изработка на КТ скен со помош на КТ симулатор (КТ симулација)

Иако КТ симулаторот е апаратура слична на дијагностичкиот КТ скен, неговата намена е за прецизно планирање на радиотерапијата, а не за дијагностика. Пациентот се внесува низ апертурата на КТ симулаторот, па доколку има поместување, повторно се адаптира положбата на неговото тело. За позиционирањето на пациентот се користат ласери. КТ симулаторот прави трансверзални и лонгитудинални пресеци на телото на пациентот, во регијата која треба да се озрачи. Пресеците се прават на растојание од 3 до 5 мм.

Обележување на таргет волуменот на кожата

Радиотерапевтот го дефинира клиничкиот целен (таргет) волумен и истиот се обележува со точкести оловни маркери на површината на кожата.

Скенирање со КТ симулатор

Скенирањето се започнува со правење на предно-заден топограм со кој се одредува регијата која ќе се скенира. Пресеците се прават на 3 или 5 mm и се испраќаат во системот за планирање.

Одредување на целниот волумен и дефинирање на нормалните ткива и органи

Ова е клучна и многу одговорна задача за радиотерапевтот, која бара голема стручност и време. Радиотерапевтот ги контурира нормалните околни ткива и видливиот тумор.

Виртуелна симулација (планирање на третман) и дефинирање на изоцентарот

Планирањето на терапијата е следната етапа во која, врз база на податоците за големината и формата на туморот, локализацијата на околните здрави ткива и контурите на телото добиени со претходната процедура, радијациониот физичар конструира неколку компјутерски симулации за зрачната терапија. Виртуелната симулација е процес во кој радијациониот физичар користи дигитални КТ податоци за да ги одреди (дефинира) контурите на туморскиот волумен и нормалните ткива и да ги реконструира во три димензии прикажани на монитор. Во овој чекор: се прави комбинација на влезните зрачни полиња, се одредува аголот на влезното поле во однос на површината на телото, се врши избор на енергијата и видот на зраците што ќе се применат и се одредува дали се потребни клинести филтри, ткивни компензатори или некои други модификатори на зрачниот сноп. Физичарот ги анализира сите можни комбинации и ја избира онаа со која се постигнува најдобра дистрибуција на дозата во туморот, со максимална заштита на околните осетливи здрави ткива и органи. При планирањето дозата се оптимизира на 100% на туморот, и во однос на оваа стопостотна доза пресметана на туморот се одредува дозата на останатите делови од зрачниот волумен. Дефинитивниот тераписки изоцентар се одредува по скенирањето и автоматското контурирање на туморот и околните здрави органи. По конечното дефинирање на терапискиот изоцентар, кој се одредува при виртуелната симулација од страна на радијациониот физичар, истиот се наоѓа со помош на подвижните ласери на пациентот и во однос на КТ изоцентарот, се обележува со тетоважа и лепенка.

Евалуација на планот

Се спроведува квалитативна евалуација на дозата на туморот на нормалните ткива на секој пресек од планот. Ова е можно со помош на дозните волуменски хистограми, кои се изработуваат со помош на на софтверски програм. Тие точно ни покажуваат колку доза прима туморот, а колку околните органи. Ако овој хистограм покаже дека туморот не прима доволна доза или околните ткива ја минуваат дозволената доза, тогаш планот не се одобрува и се прави нов.

Верификација на планот за терапија

По избирањето на најдобрата компјутерска опција за радиотерапијата, се минува на оваа етапа. Современите компјутерски мрежно поврзани радиотераписки системи овозможуваат верификација и визуализација на зрачните полиња во реално време на компјутерските монитори. Друга особина на софтверот, која е корисна за 3Д КРТ, е дигитално реконструктивниот радиограф (ДРР). Оваа ДРР алатка изработува „виртуелен радиограф“ од планираните КТ податоци. ДРР изгледа исто како обична рендгенска снимка, но има предност поради можноста за прикажување на целните волумени и нормалните ткива контурирани од КТ скенираните податоци. Ова е од голема важност за верификацијата на планот за терапија. ДРР се користи за утврдување дали третманот е спроведен според планираното. Верификацијата на третманот е можна и со поставување на радијациски дозиметри на пациентот во текот на третманот со кои може да се измери точно колкава ќе биде дозата на туморот и на околните здрави ткива.

Хемотерапија кај Хочкин лимфом

Хемотерапијата има важна улога во третманското водење на понапреднатите стадиуми на Хочкин лимфомот. Се користат повеќе хемотераписки протоколи. Вообичаени хемотераписки протоколи се:

  • COPP - (cyclophosphamid, oncovin, procarbasin и prednizon),
  • ChIVPP - (chlorambucil, vinblastin, prokarbasin и prednizon),
  • ABVD - (adriamycin, bleomycin, vinblastin и dacarbasin).

Хемотерапијата кај напреднатите стадиуми на Хочкин лимфомот се применува како првична терапија. Обично се спороведуваат 6 циклуси на хемотерапија, после кои следи евалуација на болеста. Доколку постои заостанат тумор, следи радиотерапија. Радиотерапијата се спроведува само на заостанатиот тумор, по претходно реализираната хемотерапија.

При повторување (релапс) на болеста, повторната радиотерапија и хемотерапија имаат добар успех и може да доведат до долгогодижни повлекувања на болеста.

Резултати од лекувањето

Околу 90% од болните со стадиум I на болеста, успеваат да се излечат само со радиотерапија.

Кај понапреднатите стадиуми се постигнуваат следниве резултати: за стадиум IIA, трајно излекување се постигнува кај 80% од лекуваните пациенти, за стадиум IIIA, излекувањето е 70%, за IIIB е 60% и за стадиум IV околу 50%.