Што е остеосарком? |
![]() |
Остеосаркомот е најчест тип на коскен тумор и учествува со околу 35% од сите примарни малигни тумори на коските. Остеосаркомот израснува од коската т.е. настанува како последица на малигна трансформација на вретенестите клетки (остеобласти и остеокласти), кои ја градат стромата на коската. Негова основна карактеристика е стварање на туморски остеоид т.е. незрела коска.
Најчест е остеосаркомот на фемурот (60%), тибијата (30%) и хумерусот- долгата коска на надлактицата (10%). Но, остеосаркомот може да ги зафати и коските на карлицата и `рбетот. Се разликуваат примарни и секундарни остеосаркоми. Примарните остеосаркоми се развиваат на претходно здрава коска и почесто се јавуваат во детската и адолесцентната возраст, со пик на инциденцата од 10 до 19 годишна возраст. Пикот на инциденцата за примарниот остеосарком е поврзан со периодот на забрзаниот раст на коските, кој е присутен кај младите за време на пубертетот. Секундарните остеосаркоми се јавуваат на претходно постоечка болест на коската (на пример Paget-ова болест) или на претходно озрачена коска. Секундарните остеосаркоми се јавуваат во постара возраст, после 40-тата година од животот. Светската Здравствена Организација (СЗО) хистолошки ги класифицирала остеосаркомите во: центални (медуларни) остеосаркоми и површински (периферни) остеосаркоми, а секоја од овие групи има свои подгрупи (субтипови). Најчест хистопатолошки субтип е високоградусниот централен остеосарком. Тој учествува со 80-90% од сите остеосаркоми и се карактеризира со зони на некроза, атипични митози и малигна р`скавица. Чести субтипови се и: остеобластичниот, хондробластичниот и фибробластичниот остеосарком. Остеосаркомот има двоен пик на инциденца. Првиот пик е во раната адолесценција (10-19 години), а вториот пик е во средната и понапреднатата возраст, и се должи на претходно спроведена зрачна терапија на коските, како и на претходно постоечка болест на коската (M. Paget). Остеосаркомот почесто се јавува кај машкиот отколку кај женскиот пол и тој однос изнесува 1.4:1. |