• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Дијагностички постапки кај Јуинговиот сарком Печати

Дијагнозата се поставува со внимателно земена анамнеза, физикален преглед по системи, лабораториски испитувања, рендгенографски испитувања, инвазивни дијагностички процедури (за цитолошка и хистолошка дијагноза), радиоизотопски и ехотомографски испитувања.

Анамнеза и физикален преглед

При анамнезата, особено се обрнува внимание на присутните симптоми и знаци на болеста. Симптомите зависат од локализацијата на примарниот сарком.

По земањето на детална анамнеза, искусниот лекар, ако се посомнева за постоење на карцином, ќе назначи и други дополнителни испитувања со цел да се постави точна и рана дијагноза.

По анамнезата следи внимателен физикален преглед по системи.

Доколу Јуинговиот сарком е локализиран на екстремитетот, ќе биде присутна голема туморска творба, која може да се напипа. Обично тоа е болен оток на допир. Може да се јави и црвенило на кожата на зафатената регија.

За поставување на дијагнозата на Јуинговиот сарком се користат повеќе дијагностички постапки како: нативна рендгенграфија, компјутеризирана томографија, магнетна резонанца, сцинтиграфија на скелетот, како и други дополнителни дијагностички постапки.

Сепак, дефинитивната хистопатолошка дијагноза се поставува со микроскопски преглед на материјалот земен со биопсија на туморот.

Рендгенграфија на зафатената регија

Рендгенска снимка на зафатената регија е првичната дијагностичка постапка, која може да покаже присуство на тумор.

Кај Јуинговиот сарком, за разлика од остеосаркомот, нема создавање на ново коскено ткиво, туку постои периостална реакција. Класичен рендгенграфски наод е наод на туморски маси кои се ламеларно распоредени како „лушпи од кромид“, како и присуство на мекоткивна туморска маса. Туморот е продирачки и ги зафаќа медулата и крвните садови на кортексот на коската. Тоа предизвикува некроза (изумирање) на коската, а и самиот тумор може да биде некротичен. Често постои задебелување и склероза на кортексот на коската, иако Јуинговите саркоми се често деструктивни и доведуваат до опсежни остеолизи т.е. разјадување на коската.

Пациентите со радиолошки наод, кој укажува на коскен сарком, треба да бидат испратени на лекување во специјализирани медицински центри.

Често Јуинговиот сарком е асоциран со масивно зафаќање на меките ткива.

Комјутеризирана томографија на зафатената коска

По нативната рендгенграфија следи компјутеризираната томографија на зафатената коска. Со оваа дијагностичка метода се утврдува точната локализација на туморот и неговата големина, како и можните метастази (повеќе од еден тумор на иста коска).

КТ е најпрецизна дијагностичка метода.

КТ дава морфолошки изглед на туморот, овозможува да се измери неговата големина, да се утврди прецизната локализација на туморот како и неговата проширеност во околните ткива и структури.

КТ се користи и за планирање и соодветно спроведување на радиотерапијата со помош на КТ симулатор.

КТ се користи за прецизно водење на биопсијата и на другите минимално инвазивни процедури, како и за утврдување на операбилноста на туморот и за планирање на хируршкиот третман.

Оваа дијагностичка процедура е безболна и не дава несакани ефекти.

Магнетна резонанца (МРИ)

При прегледот со магнетна резонанца се користат силни магнетни полиња, со кои се добиваат неверојатно јасни и детални слики од внатрешните органи и ткива.

При МРИ не се изложува пациентот на дополнително озрачување, бидејќи се користат електромагнетни бранови.

Магнетната резонанца денес се користи а да се одреди проширеноста на туморот во околните структури т.е. степенот на неговата инвазија во меките ткива.

Тоа е безболна процедура без несакани ефекти.

Со КТ и МРИ на афектираната регија прецизно се проценува туморската инвазија. МРИ се користи почесто за проценка на туморите на екстремитетите и 'рбетниот столб, додека КТ се користи за абдоминалната и градна болест.

Артериографија и лимфангиографија

Ова се дијагностички процедури, при кои се вбризгува контраст во крвните или лимфните садови, после што се прават рендгенски снимки и се гледа како контрастот минува низ артериите или лимфните садови. Оваа метода е основна за утврдување на васкуларната и лимфната инвазија на туморот, особено пред донесување на одлука за „спасување на екстремитетот“ или т.н. „limb salvage“ хирургија.

Рендгенграфијата на белите дробови, ехотомографски преглед на абдоменот и сцинтиграфски преглед на скелетот се дополнителни дијагностички процедури кои се потребни за дефинитивна проценка на стадиумот на болеста.

Рендгенграфија на бели дробови

Рендгенграфијата на белите дробови е потребна за откривање на евентуално присутните белодробни метастази. Доколку е потребно, покрај рендгенграфија на градниот кош, се прави и компјутеризирана томографија и магнетна резонанца на градниот кош.

Ехотомографски преглед на абдомен

Ехотомографскиот преглед (ултразвук) користи звуци со висока фрекфенција, кои преку сонда се насочуваат кон телото на пациентот. Преку истата сонда се регистрираат одбиените зрачни бранови и врз основа на разликата од влезниот сноп на ултразвучните зраци и одбиените зраци се добива слика за внатрешните органи и структури на телото. Таа слика се гледа на монитор.

Ехотомографскиот преглед на абдоменот ни дава преглед на сите органи и структури во абдоменот, а посебно е корисна дијагностичка метода за откривање на метастази во црниот дроб.

Оваа метода се користи кај Јуинговиот сарком за откривање на евентуално присутни метастази во абдоменот, со што помага во одредувањето на стадиумот на болеста.

Компјутеризирана томографија и магнетна резонанца на граден кош и абдомен

Компјутеризираната томографија и магнетната резонанца, покрај што се користи за поставување на дијагнозата на примарниот Јуинговиот сарком, тие се корисни и за одредување на далечните метастази (белодробните и абдоминалните), а со тоа се одредува и стадиумот на болеста, кој е многу важен за планирањето на третманот.

Сцинтиграфски преглед (скен) на скелет

Сцинтиграфијата на скелетот со радиоактивен технициум е дијагностичка метода која помага во откривањето на примарниот тумор, но и во откривање на коскените метастази, доколку се тие присутни.

Лабораториски испитувања

Покрај овие бројни радиолошки испитувања, кои се многу важни и незаменливи во одредувањето на стадиумот на болеста, како и во планирањето на третманот, потребно е да се направат и рутински лабораториски испитувања. Во рутински лабораториски испитувања спаѓаат: крвна слика и седиментација, хепатални ензими, алкална и кисела фосфатаза, уреа, креатин и електролити.

Често кај пациентите се забележува забрзана седиментација, зголемени вредности алфа 2-глобулини и зголемени вредности на лактат хидрогеназата во крвта.

Биопсија на коскениот тумор

Јуинговиот сарком е тешко да се издвои од другите примарни коскени тумори. Затоа, за поставување на дефинитивна хистопатолошка дијагноза потребно е да се направи биопсија од сомнителната промена. Материјалот од биопсијата се испраќа кај патолог, кој ја поставува хистолошката дијагноза на Јуинговиот сарком и го одредува степенот на диференцираноста на туморот (G).

Хистолошката дијагноза се прави со иглена биопсија или со отворена хируршка биопсија.

Обично се прави тенкоиглена биопсија или „tru cut“ или „core“ биопсија, со која се обезбедува доволно ткиво за хистопатолошка дијагноза и одредување на градусот на саркомот.

Аспирациона пукција и биопсија на коскениот мозок.

Аспирациона тенкоиглена биопсија (пункција) или „tru cut“ или „core“ биопсија на коскениот мозок е процедура во која се зема мала количина од коскено-мозочната течност (аспирација) или поголем дел од ткивото на коскениот мозок („core“ биопсија), најчесто од бедрената коска. Земениот материјал се испраќа на патохистолошка анализа и се испитува бројот, големината и зрелоста на крвните клетки како и евентуалното присуство на абнормални клетки.

Имунихистохемиски иследувања

ES можат да се разликуваат имунохистохемиски од останатите педијатриски (сини) тумори преку експресијата на MIC2 генот. Детекцијата на одредени транслокации со цитогенетика или PCR, го вклучуваат EWS генот и најчесто се t (11; 22 ), (q24; q12), но исто така и t (21;22 ), (q22 ;q12) и други. ОВие трансокации се присутни во повеќе од 90% од случаите.