• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Причини и ризик фактори за настанување на остеосаркомот Печати

Причините за настанувањето на остеосаркомот сеуште не се сосема разјаснети. Неговото настанување не може да се спречи, бидејќи се поврзува со случајните генетски мутации или промените на клетките на коската (остеобласти и остеокласти), кои го градат коскеното ткиво.

Во етиологијата на остеосаркомот се опишува мутација на генот во хромозомот13q-14. Оваа мутација е забележена кај две третини од пациентите со остеосарком.

Како фактори на ризик за настанување на остеосаркомот се наведуваат некои наследни болести т.е. болести кои се пренесуваат на потомците. Тие болести, кои ја зголемуваат можноста за појава на остеосарком се:

  • retinoblastoma,
  • Li-Fraumen синдром,
  • Rothmund-Thomson синдром,
  • M. Paget,
  • Werner-ов синдром.

Како докажан надворешен фактор на ризик за настанување на остеосаркомот е јонизирачкото зрачење. Коскените саркоми беа едни од првите тумори кај кои се откри етиолошката поврзаност на нивното јавување со јонизирачкото зрачење. Доказ за тоа е следново. Остеосаркомите се појавија како резултат на големото производство на инструментални бројчаници и часовници во САД и Канада, веднаш по Првата Светска војна. Бројчаниците биле боени со луминисцентна боја, која содржела радиум и мезоториум, помешани со цинк сулфид. Младите работнички ги ставале четките во уста, внесувајќи го со тоа и радиумот, кој се депонирал околу непцата, предизвикувајќи радионекроза на вилицата, а исто така, и на долгите коски на рацете и нозете, како последица на апсорпцијата на радиумот преку системот за варење. Така, голем број од овие работнички, по подолг латентен период, развиле остеосарком.

Покасно е откриено дека и надворешната зрачна терапија предизвикува појава на коскен сарком. Било утврдено дека, кај деца кај кои била спроведена зрачна терапија во пределот на коската, по одреден латентен период, се развива секунарен, зрачно индуциран остеосарком. Латентниот период е обично околу 10 години, по реализираната радиотерапија.

Коскениот сарком е еден од најчестите секундарни тумори, кој се јавува како последица на применетата радиотерапијата во детската возраст. Тоа е и главна причина зошто радиотерапијата често се избегнува во третманот на детските малигноми.

Најчесто овие зрачно индуцирани коскени саркоми се: остеосаркоми, а поретко фибросаркоми и малигни фиброзни хистиоцитоми.

Другите можни фактори на ризик, како на пример траумата на коската и хроничните воспалителни процеси на коската, сеуште се во фаза на испитување.