• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Тераписки опции Печати

За одредување на најадекватна тераписка опција за одреден пациент, се разгледуваат многу фактори, како на пример: стадиумот на болеста, градусот на туморот, возраста на пациентот, неговата општа состојба и други фактори. Секој пациент треба да се разгледува одделно и да се избере најдобрата тераписка опција за него.

Расположиви тераписки опции за карциномот на хранопроводникот се:

  • хируршки третман,
  • хормонска терапија со тироксин,
  • радиотерапија,
  • хемотерапија.

Кој од овие тераписки опции, или нивна коминација, ќе се примени, зависи од сите претходно наведени фактори.

Хируршки третман

Хирургијата е терапија на избор за сите примарни тумори. Хируршките опции вклучуваат тотална тироидектомија (целосно отстранување на штитната жлезда) или лобектомија (отстранување на еден лобус на штитната жлезда). Изборот на хируршкиот зафат зависи од возраста на пациентот, како и од големината на туморот. Севкупното преживување може да биде слично, а разликата помеѓу овие две хируршки техники е во стапката на хируршките компликации и во локалните рекуренци.

Како иницијална терапија за диференцираниот карцином на штитната жлезда се препорачуваат суптоталната или тоталната тиреоидектомија

При суптоталната туроидектомија се остава еден мал дел од жлездата, која ги содржи паратироидните жлезди. Со тоа се избегнува појавата на хипопаратироидизмот и оштетување на рекурентните нерви, што би довело до парализа на гласните жици. Останатото ткиво на жездата се уништува со давање на аблативна доза на радиоактивен јод (Ј131).

склучок е само одредена селектирана група на пациенти со добра прогноза, кај кои е доволна само широка ексцизија т.е. парцијална тироидектомија (лобектомија) со дополнителна хормонска терапија. Тоа се пациенти помлади од 35 години со мали добро диференцирани фоликуларни и папиларни карциноми, кои не ја пробиваат капсулата на жлездата и кај кои нема лимфни и далечни метастази.

Суптоталната и тоталната тироидектомија се пратени со дополнителен третман со радиоактивен јод (J131).

Превентивно отстранување на регионалните лимфни јазли (лимфна дисекција) веќе не се применува, како и радикална дисекција на вратот.

При постоење на клинички видливи метастази во лимфните јазли на вратот се прави модифицирана радикална дисекција. Тоа значи дека се изведуваат помалку опсежни дисекции т.е. ограничени дисекции на метастазите во регионалните лимфни јазли.

Пациентите со вратна метастатска болест имале ист процент на локален релапс, без оглед на опсегот на хируршкиот зафат.

Терапија со радиоактивен јод (Ј131)

Терапијата со радиојод е многу корисна метода на лекување кај високо диференцираните форми на папиларен, фоликуларен и мешан тип на карцином.

Индикациите за примена на радиоактивен јод се:

  • неоперабилен примарен тумор,
  • инвазија на тироидната капсула,
  • постоперативна резидуална болест на вратот,
  • рекурентна болест,
  • вратни и медијастинални лимфни метастази,
  • далечни метастази.

Кај оваа терапија се користи способноста на туморското ткиво (иако во значително помала мерка од нормалното тироидно ткиво) да го задржи радиојодот за продукција на хормони. На тој начин, депонираниот радиоактивен јод ја озрачува жлездата, односно туморот, без да ги оштети здравите ткива. Радиојодот се задржува и во метастатските лимфни јазли и ги озрачува. На овој начин се овозможува добра локална контрола на болеста и долготрајни ремисии. Радиоактивниот јод има период на полуживот од 8 дена и се излачува преку бубрезите.

Со третманот со радиоактивен јод е постигнато намалување на процентот на локални рекуренци, но не се продолжило севкупното преживување.

Прикажувањето на метастатската болест со радиоактивен јод е подобро после аблацијата на широидната жлезда. Кај субтоталната тироидектомија, а без аблација со радиоактивен јод, метастатската болест, со примена на радиоактивниот јод, се открива во многу мал процент од пациентие. Причина за тоа е што нормалната штитна жлезда ила многу поголем афинитет за врзување на јодот. Затоа прикажувањето на метастазите е подобро после аблацијата на штитната жлезда.

Радиоактивниот јод може да се користи за третман на рекурентен тироиден карцином, постоперативна резидулана болест на вратот (присутни метастази во вратните лимфни јазли), како и за далечни метастази како што се метастазите во црниот дроб, белите дробови, мозокот , коските и друго.

Радиоактивниот јод се користи и во третман на неоперабилните тумори на штитната жлезда.

Дозата на радиоактивниот јод треба да е 150-200 mCi, во зависнот од клиничката состојба на пациентот. Дози помали од 150 mCi се сметаат за неадекватни. Препорачана максимална доза за аблација и терапија е 1000 mCi на радиоактивен јод.

Терапијата со радиоактивен јод може да се комбинира со надворешна и интерстициелна зрачна терапија.

Кај неоперабилни тумори, терапијата со радиактивен јод се смета дека не влијае значително на стапката на туморската регресија или на преживувањето. Но, комбинираниот третман со радиактивен јод и надворешна зрачна терапија дава добри резултати.

После деструкцијата на заостанатото ткиво на штитната жлезда се одредува супституциона хормонска терапија (тироидни хормони) која трае до крајот на животот. Тироидните хормони ја одржуваат еутироидната состојба на пациентот и служат како превенција за повторен раст на функционирачки карцином со супресија на тиреостимулирачкиот хормон (TSH).

Надворешна радиотерапија

Надворешната радиотерапија има ограничена улога кај папиларниот и фоликуларниот карцином. Но, доколку постои заостанат (резидуален) тумор, кај што терапијата со радиактивен јод е неефикаса, или доколку постои рецидив, се одредува надворешна радиотерапија.

Исто така, после операцијата на поголем тумор и при постоење на регионални лимфни метастази, најчесто после оперативна дисекција, надворешната радиотерапија може да има значајна профилактична улога во настанувањето на рецидиви.

Надворешната радиотерапија се спроведува со линеарен акцелератор со користење на електрони со висока енергија (9-15 MeV). Може да се спроведе со техника на едно предно поле, или преку две спротивни паралелни зрачни полиња. Зрачните полиња ги опфаќаат: штитната жлезда или нејзиното лежиште, лимфните јазли на вратот и горниот медијастинум. Дозата која се остварува со надворешната радиотерапија изнесува 50-55 Gy во 20-22 фракции.

Надворешната радиотерапија често се користи и како палијативна, кај метастатската болест, каде дава добар палијативен одговор и го подобрува квалитетот на животот на пациентот. Посебно се користи за намалување на коскената болка при постоење на коскени метастази.

Кај медуларниот карцином, терапијата со радиојод е неефикасна. Ефикасноста на надворешната радиотерапија, кај овој тип на карцином, сé уште е контроверзна. Сепак, поновите податоци индицираат дека може да се користи како куративен третман кај болни со микроскопски резидуална болест, палпабилни лимфни јазли, доколку се неоперабилни, како и кај локални рецидиви, или при постоење на голем тумор. Зрачната доза, за оперираните пациенти со резидуален тумор, е 60 Gy, додека пак, кај неоперабилните тумори дозата изнесува 65-70 Gy. Зрачното поле ги опфаќа туморското лежиште и регионалните лимфни јазли (вратот и горниот медијастинум). После полна доза на зрачење, туморот регредира бавно, но по 6 месеци до една година и повеќе, настанува видна редукција.

Кај радикално оперираните пациенти се спроведува постоперативна надворешна радиотерапија.

Интерстициелна зрачна терапија (брахиерапија)

Овој вид на зрачна терапија се користи во третман на тироиден карцином и метастатски карцином на штитната жлезда од друг примарен тумор. Се спроведува со имплантирање на радиоактивни иридиумски жици или стални радиактивни јодни имплантати. Компликациите од овој вид на радиотерапија се минимални, а резултатите се охрабрувачки.

Анапластичниот карцином се оперира. Најчесто е можно да се направи само редукција на туморот, бидејќи овој тип на тумор има брз локален раст и обично има големи димензии за време на дијагностицирањето. Со цел да се подобри локалната контрола на болеста, по оперативниот третман се спроведува постоперативна надворешна радиотерапија. Дозата која се остварува во пределот на туморот и регионалните лимфни јазли е 60 Gy, остварена во 30 дневни фракции. Резултатите се само привремени, поради брзото развивање на далечни метастази.

Хемотерапија

Хемотерапијата има извесен палијативен ефект при метастатската болест кај анапластичниот и медуларниот карцином. Може да се користи монотерапија со doxorubicin или комбинација на doxorubicin и cisplatin.

Најдобар одговор на применетата хемотерапија даваат белодробните метастази, потоа коскените метастази и метастазите во лимфните јазли на вратот. Хемотерапијата е ефикасна кај диференцираниот медуларен карцином, но има ограничен ефект кај анапластичниот карцином.

http://www.rak.mk/index.php?option=com_content&view=article&id=2391:pazopanib-vetuvacki-lek-za-tretman-na-agresiven-rak-na-stitna-zlezda&catid=395:preporaki-tretmani&Itemid=590