• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Терапија по стадиуми Печати

Лекувањето на мекоткивните саркоми изискува мултидисциплинарен пристап од искусен тим.

Хируршки третман

Хируршкиот третман е главен за локализирана болест. Туморот треба да биде отстранет со широка ексцизија или компартман ресекција, вклучувајќи го кожниот цикатрикс или трактусот од претходната биопсија. Широчината на ресекцијата може да биде ограничена во случај на одредени анатомски структури како: мускулни фасции, перинеуриум, периостиум, ако не се инфилтрирани.

По широка ексцизија на саркоми со висок степен на малигнитет (G3) се препорачува адјувантна радиотерапија.

Во случај на радикална хирургија со компартман ресекција или ампутација на големо растојание од примарната болест, адјувантна радиотерапија не е потребна.

Реоперација се препорачува при претходна гранична или интралезиска ресекција (некомплетно отсранување на туморот).

Во случај на постоење на солитарна белодробна метастаза се препорачува хируршко отстранување на метастазата, односно метастазекотомија.

Радиотерапија

Постоперативната радиотерапија се спроведува по оперативниот третман.

Кај туморите локализирани на екстремитетите, зрачниот волумен ја вклучува туморската ложа со постоперативните лузни и дренажа, со широки рабови (најмалку 5-7 cm во здраво). Вкупната туморска доза е 50Gy, која се остварува во тек на 5 недели, со дневна фракција од 2 Gy (вкупно 25 дневни фракции). По остварувањето на доза од 50 Gy, зрачното поле се намалува и го опфаќа само туморското лежиште и лузната. Преку вака намалено зрачно поле се додава дополнителна доза од 10 Gy (вкупна туморска доза остварена со широкото и намалено зрачно поле е 60 Gy), за тумори со низок градус (добро диференцирани, G1) и дополнителна доза од 15-10 Gy (вкупна туморска доза од 65-70 Gy) за туморите со висок градус (лошо диференцирани, G3).

Предоперативната радиотерапија се спроведува кај селектирани пациенти.

Предоперативната радиотерапија се применува кај пациенти со гранично операбилен или неоперабилен тумор. Примарната цел на предоперативната радиотерапија е да го претвори првично неоперабилниот тумор во оперативен, на тој начин што го намалува туморот. Предоперативната радиотерапија во голем број на слиучаи овозможува радикален хируршки третман.

Исто така, предоперативната радиотерапија ги инактивира туморските клетки, со што го намалува ризикот од туморска имплантација и метастатско ширење во крвните садови за време на хируршкиот третман. На тој начин се намалува и ризикот од локален рецидив, како и ризикот од далечни метастази.

Радиотерапијата се спроведува како надворешна и тоа линеарен акцелератор кој користи високоенергетски фотони. Надворешната предоперативна радиотерапија се спроведува 2-3 недели пред оперативниот третман. Вкупната туморска зрачна доза изнесува од 45-55 Gy, со последователен интраоперативен „boost“ или со постоперативна радиотерапија.

Неповолен момент е продолженото оперативно лекување и зголемен ризик од компликации во заздравувањето на раната.

Предоперативната радиотерапија дава добри резултати и одлична локална контрола, со појава на локални рецидиви од само 7 до 11%.

Хемотерапија

Локализирана болест

Предоперативна хемотерапија не е стандарден пристап за операбилните тумори.

Предоперативната хемотерапија може да се комбинира со радиотерапија кај пациенти со гранично ресектaбилни тумори. Предоперативната радиотерапија се применува со цел да се намали примарниот тумор на меките ткива и на тој начин да од првично неоперабилен премине во операбилен тумор. Со примената на предоперативната радиотерапија се овозможува помалку радикален (помалку опсежен, осакатувачки) хируршки зафат. Така, по спроведената предоперативна хемотерапија можно е да, кај голем број на неоперабилни тумори, потоа се направи „limb salvage“ хирургија, односно да се спаси зафатениот екстремитет и да се зачува неговата функција.

Адјувантна хемотерапија не е стандардна практика, иако може да ја подобри локалната и оддалечена контрола. За нејзиното влијание на преживување сè уште се дискутира. Би можело да се примени кај помлади пациенти со големи тумори, со висок степен на малигнитет.

Кај неоперабилни тумори на екстремитетот, хемотерапијата со или без радиотерапија или изолираната хипертермична перфузија на екстремитетот со хемотерапија и/или цитокини е алтернатива за да се избегне ампутација.

Метастатска болест

Хемотерапија е стандарден пристап за метастатска болест, doxorubicin со или без ifosfamide. Doxorubicin-от е еквивалентен на неговите комбинации со други цитотоксични лекови, што се однесува до преживувањето, иако повисок процент на одговор се постигнува со комбинирани протоколи.

Imatinib (тирозин киназа рецептор-инхибитор) е третман на избор за мекоткивните саркоми локализирани на системот на варење.

Проценка на одговорот се прави по 2-3 циклуса, со радиолошки испитувања.

Ако по 3 циклуса на хемотерапија, туморот не даде одговор и прогредира, се прекинува со хемотерапијата, бидејќи се смета дека туморот е хеморезистентен. Доколку пак со полихемотерапијата се постигне стагнација или регресија на болеста, се продолжува со хемотерапијата и се остваруваат вкупно 4 до 6 циклуси, после кои следи внимателно пратење на болните.