• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Симптоми и знаци кај мекоткивните саркоми Печати

Мекоткивните саркоми најчесто се бавнорастечки туморски творби на екстремитетите или на друг дел од телото. Оваа туморска творба може да биде безболна, освен ако не врши притисок на нервите или блиските крвни садови.

Многу симптоми зависат од локализацијата на примарниот сарком.

Ретроперитонеалните саркоми (саркоми во стомачна шуплина) обично се манифестираат со болка во грбот, со опструктивна уропатија (компресија на мочните патишта), оток на долните екстремитети. Ретроперитонеалните саркоми може да доведат и до појава на хипогликемија (намалено ниво на гликоза во крвта), која е составен дел на паранеопласичниот синдром при кој постои продукција на фактор сличен на инсулинот (insulin-like factor).

Саркомите на главата и вратот даваат различни испади на кранијалните (мозочните) нерви, главоболка и друго.

Саркомите локализирани во системот за варење може да дадат крварење од цревата, како и други симптоми поврзани со овој систем. Долготрајното крварење може да предизвика слабокрвност и општа слабост и малаксалост.

Саркомите локализирани во уринарниот систем може исто така да дадат пореметување во мочањето, и тоа: отежнато мочање, печење и болка при мочање, хематурија (крв во мочката) и во најтешки случаи и комплетна уринарна ретенција (неможност за мочање).

Саркомите се карактеризираат со локална масивност. Тие најчесто метастазираат по крвен пат. При тоа, малигните клетки преку крвта може да се расеат во било кој орган или ткиво во телото. Сепак, најчести места на метастази се белите дробови (80%), потоа црниот дроб (9%), а останатиот 1% од метастазите се во коскената срцевина и мозокот.

Инциденцата на метастазирање по лимфен пат се движи од 5-39% и таа зависи од хистолошкиот тип на туморот. По лимфен пат најчесто метастазираат: ангиосаркомот, рабдомиосаркомот, синовиосаркомот и малигниот фиброхистиоцитом.