• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Карцином на црниот дроб Печати

Хепатоцелуларниот карцином е најчест тип на карцином, кој примарно настанува во црниот дроб, а се јавува како последица на малигната трансформација на хепатоцитите (клетки на црниот дроб).

Посебна карактеристика на хепатоцелуларниот карцином е значителната разлика на неговата инциденца во различни делови на светот. Околу 85% од сите регистрирани случаи се забележени во регионите на Источна и Југоисточна Азија и во некои делови на Африка, а тоа се подрачја каде инфекцијата со вирусот на хепатитот Б е ендемична.

Основната причина за појавата на хепатоцелуларниот карцином не е позната. Заболувањето е резултат на делувањето на бројни физички, хемиски и биолошки предизвикувачи, кај пациенети со предиспозиција за ова оболување.

Постојат одредени фактори на ризик, кои ја зголемуваат можноста за појава на хепатоцелуларниот карцином кај некои луѓе. Но, проблемот е комплексен и до денес не се познати сите фактори на ризик.

Значајните географски разлики во однос на зачестеноста на хепатоцелуларниот карцином укажуваат на важноста на факторите на средината во настанувањето на ова малигно заболување.

На прво место меѓу нив е инфекцијата со хепатитис Б вирусот (HBV) и внесувањето на микотоксичниот токсин - афлатоксин.

Корелацијата помеѓу инфекцијата со HBV и појавата на хепатоцелуларниот карцином е демонстрирана кај експерименталните животни, а многу епидемиолошки студии го потврдуваат овој факт.

Ризикот за појава на хепатоцелуларен карцином е 100 пати поголем кај носителите на вирусот на хепатитот Б и туморот се јавува, воглавно паралелно со преваленцата на вируот на хепатитот Б.

Црниот дроб е орган кој има голема функционална резерва, заради што симптомите и знаците на малигното заболување се притаени и подмолни. Тие често се и неспецифични. Тегобите ретко се јавуваат во раните стадиуми на болеста, па затоа ракот на црниот дроб често се вика „тивка болест“. Како што туморот расте се јавуваат и симптомите на болеста. Најчести симптоми се: болка под десниот ребрен лак која може да се шири во грбот и према рамото, присуство на течност во стомачната празнина, губиток на телесна тежина и губиток на апетит, општа слабост и малаксаност, изразен замор, жолтило на кожата и белките на очите, темна мочка која се јавува поради зголемената количина на билирубин во крвта и мочта, покачена телесна температура, мачнина и повраќање.

Иако сите наведени симптоми и знаци не се карактеристични само за ракот на црниот дроб, сепак тие говорат во прилог на можна сериозна болест на црниот дроб и бараат детален преглед од страна на лекар.

Дијагнозата на карциномот на црниот дроб се поставува врз основа на детално земената анамнеза и детален физикален преглед по системи.

При земањето на анамнестичките податоци, посебно се обрнува внимание на постоечките симптоми и знаци на болеста, на евентуално постоење на позитивна фамилијарна анамнеза, цироза на црниот дроб, вирусна инфекција со вирусот на хепатитот Б и Ц, како и присуството на другите фактори на ризик за карциномот на црниот дроб.

По детално земената анамнеза, следува физикален преглед по системи. При прегледот посебно внимание се обрнува на општата состојба, изгледот на кожата, присуството на зголемени лимфни јазли, болна осетливост или постоење на опиплива туморска маса во горниот десен абдомен. Со физикалниот преглед може да се напипа зголемен црн дроб и да се открие присуство на течност (асцит) во стомачната праазнина.

Во рутински испитувања спаѓаат: крвна слика и седиментација. Покрај рутинските испитувања, потребно е да се испитаат и хепаталните ензими, алкалната и киселата фосфатаза, уреата, креатиннот и електролитите.

Посебно е важно да се направат основните биохемиски иследувања, кои ќе ја дополнат сликата за состојбата и можните нарушувања на функцијата на црниот дроб и/или функционалната состојба на жолчните патишта. Доколку постои билијарна опструкција (запушување или стеснување на жолчните канали) можат да бидат покачени вредностите на билирубинот и алкалната фосфатаза. Може да постои и хипергликемија (зголемено ниво на шеќер во крвта).

Кај пациентите кај кои е поставено сомневање дека боледуваат од малигном на црниот дроб, неопходно е детално иследување со што ќе се одреди природата на туморот, неговата локална проширеност, како и евентуалното постоење на оддалечени метастази. Тоа е неопходно за правило планирање на терапијата.

Прв чекор во дијагностиката е примената на перкутаната ултрасонографија, која е неинвазивна дијагностичка метода, со која се утврдува постоењето, локализацијата на примарната лезија, нејзината големина, состојбата (инфилтрираноста) на порталните и хепаталните крвни садови.

Оваа метода е посебно корисна при скрининг за хепатоцелулаен карцином, кај пациенти со присутна цироза, бидејќи овозможува да бидат откриени и лезии со големина од 0.5 cm, а при тоа да се разграничат туморските од циротичните чворчиња.

Компјутерската томографија на абдоменот е ефикасна метода и се применува со цел да се постигне подетална проценка на проширеноста, односно, стадиумот на болеста. Обете методи може да бидат корисни за водење на биопсијата, со цел да се постави и дефинитивна хистопатолошка дијагноза.

Магнетната резонанца на абдоменот овозможува подобро разграничување на хепатоцелуларниот карцином од бенигните промени како што се хемангиомите или циротичните промени.

Рендгенграфијата на белите дробови како и сцинтиграфскиот преглед на скелетот се користат за дијагностицирање на белодробните и коскените метастатски промени.

Третманот на карциномот на црниот дроб треба да се планира индивидуално за секој пациент одделно. Кој третман ќе се примени, или нивна комбинација, зависи од многу фактори, како што се: стадиумот на болеста, општата состојба на болниот ,возраста и други.

Расположиви тераписки модалитети за ракот на црниот дроб се: хируршкото лекување, хемотерапијата и радиотерапијата.

Прогнозата на хепатоцелуларниот карцином е лоша. Негативни прогностички фактори се: машкиот пол, напредната возраст, лоша општа состојба, присутна жолтица и изразито намалување на телесната тежина.