• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Третмански опции Печати
Индекс на артикл
Третмански опции
Хируршко лекување
Таргет (целна) терапија
Радиотерапија и Хемотерапија
Сите страници

За одредување на најадекватна тераписка опција за одреден пациент, се разгледуваат многу фактори, како на пример: големината, локализацијата и проширеноста на туморот, односно стадиумот на болеста, градусот на туморот, возраста на пациентот, неговата општа состојба и други фактори.

Секој пациент треба да се разгледува одделно и да се избере најдобрата тераписка опција за него.

Расположиви тераписки опции за карциномот на црниот дроб се:

  • хируршки третман,
  • таргет (целна) терапија,
  • радиотерапија,
  • хемотерапија.

Хируршко лекување

Оперативниот третман, односно ресекцијата на црниот дроб е сериозен зафат, со оперативна смртност од околу 5% кај пациенти без придружна цироза и 10-15% кај пациенти кај кои постои истовремено и цироза на црниот дроб.

Пред да се започне со оперативен третман треба внимателно предоперативно иследување, со цел да се исклучи можноста да е малигномот неоперабилен.

Туморите на црниот дроб се сметаат дека се неоперабилни во оние случаи кога постои проширување на туморот надвор од црниот дроб, т.е. зафатеност на околните ткива и структури (локално напреднат тумор). Така, за неоперабилен тумор се смета оној кој ги зафаќа големите крвни садови: vena cava inferior, arteria hepatica communis и vena portae.

Ресекција не би требало да се прави кога примарниот тумор е поголем од 5cm.

Цирозата долго време се сметала за контраиндикација zа оперативен третман на карциномот на црниот дроб. Но, покажано е дека и во случаи на истовремено присутна цироза на црниот дроб, можно е да се постигнат идентични оперативни резултати, но само доколку не постои декомпензацинја на црниот дроб.

Хепаталната ресекција може да биде супсегментална, сегментална лобарна или. т.н. трисегментектомија - лева или десна. Обемот на ресекцијата зависи, пред сé, од проширеноста на туморот.

Во последнава деценија бројот на опсежните операции се намалува во однос на поштедните постапки, како што се сегменталната и супсегменталната ресекција, а целта на ваквиот пристап е да се намали оперативниот ризик. Радикална ресекција е онаа при која оперативниот раб е 1 cm во здраво, сметајќи од работ на туморот.

Ризикот од пери и постоперативниот морталитет зависи од многу фактори. Некои се однесуваат на туморот (неговата големина и локализација), но ризикот зависи и од интензитетот на оперативното крварење за време на оперативниот третман, но сепак, најмногу зависи од степенот на црнодробната декомпензација. Се уште не постои начин да се одреди црнодробната резерва. На неа влијаат интраоперативното губење на крв, должината на траењето и степенот на хипотензијата (намален крвен притисок) во текот на операцијата, како и степенот на исхемија (недоволна прокрвеност) на црнодробниот паренхим.


Таргет (целна) терапија – нова ера во третманот на напреднатиот карцином на црниот дроб

Како што истражувачите открија повеќе за генетските промени во клетките коишто го предизвикуваат ракот, така тоа им овозможи да развијат нови лекови кои делуваат конкретно на некој од овие промени.

Овие строго целни лекови делуваат на подруг начин од стандардните хемотераписки лекови и имаат различни пропратни несакани ефекти.

Целните терапии вклучуваат лекови кои го запираат создавањето на нови крвни садови кои го хранат ракот и лекови кои го запираат растењето на канцерските клетки. Тие често се користат како прва или втора линија на третман кај локално напреднатите и метастазирани карциноми. Додека тие може да го намалат или забават растот на ракот, сеуште не е јасно дали било кој од овие лекови може да го излечат ракот.

Поимот ангиогенеза означува создавање на нови крвни садови. Името произлегува од двата грчки збора: angio, во превод „крвни садови“ и genesis што значи „почеток, создавање“. Ангиогенезата е нормален процес во организмот на човекот. Како што човечкото тело расте и се развива, тоа има потреба да создава и нови крвни садови за да може крвта да пристигне до секоја клетка во организмот. Како возрасни, нашиот организам нема така голема потреба за создавање на нови крвни садови, но постои време кога ангиогенезата е сеуште важен процес.

Новите крвни садови, на пример, му помагаат на телото да ги залечи раните и ги репарира оштетувањата на ткивата во организмот.

Но, кај пациенти со карцином, истиот процес создава нови, многу мали крвни садови кои го снабдуваат туморот со свој сопствен крвен систем преку кој крвта го храни туморот и на тој начин му овозможуватна туморот побрзо да расте и се шири.

Антиангиогенезата е форма на целна терапија која користи лекови или други супстанции кои го спречуваат туморот да создава нови крвни садови. Со спречувањето на стварањето на нови крвни садови на туморот, како и со уништувањето на веќе постоечките, се намалува снабденоста на туморот со крв, тој престанува да расте и полека почнува да се намалува.

Ова е нов вид на терапија кој дава надеж во лекувањето на напреднатите форми на карциноми.

Во тек се бројни клинички студии кои ја испитуваат ефикасноста на целните лекови во третманот на напреднатиот карцином на црниот дроб.

На големиот конгрес одржан во Америка, посветен на заболувањата на црниот дроб, научниците од оваа област го претставиле лекот Sorafenib кој покажал значителни резултати во лекувањето на пациентите со напреднат карцином на црниот дроб. Лекот кој бил претставен на конгресот е прв лек кој на пациентите им го продолжува животот, а единствен лек, кој по неговата примена довел до подобрување на состојбата кај пациентите.


Радиотерапија

Главен ограничувачки фактор во примената на радиотерапијата во лекувањето на примарниот карцином на црниот дроб е осетливоста на здравиот црнодробен паренхим на зрачење. Тој е радиосензитивен и не толерира дози повисоки од 25-30 Gy во тек на 3 до 4 недели аплицирани на целиот орган. Мали делови на црниот дроб толерираат повисоки дози, т.е. дози од 50-60 Gy, без да се јават позначајни несакани ефекти.

Во одредени случаи на локално напреднат хепатоцелуларен карцином, зрачната терапија може да има палијативен ефект и да доведе до намалување на болката и чувството на притисок. Но, општо земено, дури и палијативниот ефект на радиотерапијата е минимален.

Хемотерапија

Речиси сите цитотоксични лекови познати во онкологијата биле применувани и испитувани во лекувањето на хепатоцелуларниот карцином, меѓутоа ниту еден не се покажал ефикасен, односно не се потигнало подобрување на севкупното преживување, ниту е остварен подолготраен одговор кај повеќе од 20% од пациентите лекувани со цитостатска терапија.

Сепак, со примената на системската хемотерапија, можно е да се постигне извесно подобрување на црнодробната функција и одреден палијативен одговор. Позитивниот ефект од хемотерапијата се јавува рано, а доколку одговор од применетата терапија не се постигне ниту по давање на 3 циклуса на цитостатска терапија, таа требаа да се прекине.

Се цел да се зголеми концентрацијата на лекот во самиот тумор, а истовремено да се намали општата токсичност, развиена е посебна метода на интраартеријална апликација на цитостатикот. За да може да се спроведе овој начин на давање на цитостатикот, претходно се поставува посебен апликационен систен во хепаталната артерија (arteria hepatica). И покрај почетното одушевување, методот постепено се напушта поради малиот процент на одговор, наспроти влошувањето на квалитетот на живот и можните компликации.

Во многу центри се применува методата на јапонските автори при која се прави интратуморска апликација на цитолитична супстанција, најчесто етанол, кој има висока локална активност и сосема малку несакани ефекти. Со ултрасонографска контрола, во туморскиот чвор, кој не смее да е поголем од 3 cm, се вбризгува 2-10 ml етанол. Постапката се повторува два пати неделно, а вкупно се прават 12 до 15 апликации. Во една студија во која се третирани 21 пациент, постигнато е тригодишно преживување од 80%. Терапискиот ефект на тумори поголеми од 3 cm и во случаи на мултипни промени, е во тек на испитување.