• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Третмански опции - Радиотерапија и Хемотерапија Печати
Индекс на артикл
Третмански опции
Хируршко лекување
Таргет (целна) терапија
Радиотерапија и Хемотерапија
Сите страници

Радиотерапија

Главен ограничувачки фактор во примената на радиотерапијата во лекувањето на примарниот карцином на црниот дроб е осетливоста на здравиот црнодробен паренхим на зрачење. Тој е радиосензитивен и не толерира дози повисоки од 25-30 Gy во тек на 3 до 4 недели аплицирани на целиот орган. Мали делови на црниот дроб толерираат повисоки дози, т.е. дози од 50-60 Gy, без да се јават позначајни несакани ефекти.

Во одредени случаи на локално напреднат хепатоцелуларен карцином, зрачната терапија може да има палијативен ефект и да доведе до намалување на болката и чувството на притисок. Но, општо земено, дури и палијативниот ефект на радиотерапијата е минимален.

Хемотерапија

Речиси сите цитотоксични лекови познати во онкологијата биле применувани и испитувани во лекувањето на хепатоцелуларниот карцином, меѓутоа ниту еден не се покажал ефикасен, односно не се потигнало подобрување на севкупното преживување, ниту е остварен подолготраен одговор кај повеќе од 20% од пациентите лекувани со цитостатска терапија.

Сепак, со примената на системската хемотерапија, можно е да се постигне извесно подобрување на црнодробната функција и одреден палијативен одговор. Позитивниот ефект од хемотерапијата се јавува рано, а доколку одговор од применетата терапија не се постигне ниту по давање на 3 циклуса на цитостатска терапија, таа требаа да се прекине.

Се цел да се зголеми концентрацијата на лекот во самиот тумор, а истовремено да се намали општата токсичност, развиена е посебна метода на интраартеријална апликација на цитостатикот. За да може да се спроведе овој начин на давање на цитостатикот, претходно се поставува посебен апликационен систен во хепаталната артерија (arteria hepatica). И покрај почетното одушевување, методот постепено се напушта поради малиот процент на одговор, наспроти влошувањето на квалитетот на живот и можните компликации.

Во многу центри се применува методата на јапонските автори при која се прави интратуморска апликација на цитолитична супстанција, најчесто етанол, кој има висока локална активност и сосема малку несакани ефекти. Со ултрасонографска контрола, во туморскиот чвор, кој не смее да е поголем од 3 cm, се вбризгува 2-10 ml етанол. Постапката се повторува два пати неделно, а вкупно се прават 12 до 15 апликации. Во една студија во која се третирани 21 пациент, постигнато е тригодишно преживување од 80%. Терапискиот ефект на тумори поголеми од 3 cm и во случаи на мултипни промени, е во тек на испитување.