• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Дијагностички постапки Печати

Дијагнозата се поставува со внимателно земена анамнеза, физикален преглед по системи, лабораториски испитувања, рендгенографски испитувања, инвазивни дијагностички процедури (за цитолошка и хистолошка дијагноза), радиоизотопски и ехотомографски испитувања.

Постојат првични и дополнителни дијагностички процедури.

Првични дијагностички процедури

Анамнеза и физикален преглед

Дијагнозата на карциномот на црниот дроб се поставува врз основа на детално земената анамнеза и детален физикален преглед по системи.

При земањето на анамнестичките податоци, посебно се обрнува внимание на постоечките симптоми и знаци на болеста, на евентуално постоење на позитивна фамилијарна анамнеза, цироза на црниот дроб, вирусна инфекција со вирусот на хепатитот Б и Ц, како и присуството на другите фактори на ризик за карциномот на црниот дроб.

По детално земената анамнеза, следува физикален преглед по системи. При прегледот посебно внимание се обрнува на општата состојба, изгледот на кожата, присуството на зголемени лимфни јазли, болна осетливост или постоење на опиплива туморска маса во горниот десен абдомен. Со физикалниот преглед може да се напипа зголемен црн дроб и да се открие присуство на течност (асцит) во стомачната празнина.

Лабораториски испитувања

Во рутински испитувања спаѓаат: крвна слика и седиментација. Покрај рутинските испитувања, потребно е да се испитаат и хепаталните ензими, алкалната и киселата фосфатаза, уреата, креатиннот и електролитите.

Посебно е важно да се направат основните биохемиски иследувања, кои ќе ја дополнат сликата за состојбата и можните нарушувања на функцијата на црниот дроб и/или функционалната состојба на жолчните патишта. Доколку постои билијарна опструкција (запушување или стеснување на жолчните канали) можат да бидат покачени вредностите на билирубинот и алкалната фосфатаза. Може да постои и хипергликемија (зголемено ниво на шеќер во крвта).

Перкутана ултрасонографија

Кај пациентите кај кои е поставено сомневање дека боледуваат од малигном на црниот дроб, неопходно е детално иследување со што ќе се одреди природата на туморот, неговата локална проширеност, како и евентуалното постоење на оддалечени метастази. Тоа е неопходно за правило планирање на терапијата.

Прв чекор во дијагностиката е примената на перкутаната ултрасонографија, која е неинвазивна дијагностичка метода, со која се утврдува постоењето, локализацијата на примарната лезија, нејзината големина, состојбата (инфилтрираноста) на порталните и хепаталните крвни садови.

Оваа метода е посебно корисна при скрининг за хепатоцелулаен карцином, кај пациенти со присутна цироза, бидејќи овозможува да бидат откриени и лезии со големина од 0.5 cm, а при тоа да се разграничат туморските од циротичните чворчиња.

Компјутеризирана томографија на абдоменот

Компјутерската томографија на абдоменот е ефикасна метода и се применува со цел да се постигне подетална проценка на проширеноста, односно, стадиумот на болеста. Обете методи (перкутаната ултрасонографија и компјутеризираната томографија на абдоменот) може да бидат корисни за водење на биопсијата, со цел да се постави и дефинитивна хистопатолошка дијагноза.

Магнетна резонанца на абдоменот

Магнетната резонанца на абдоменот овозможува подобро разграничување на хепатоцелуларниот карцином од бенигните промени како што се хемангиомите или циротичните промени.

ПЕТ скен (Positron Emission Tomography Scan)

Во оваа дијагностичка процедура се инјектира мала количина на радиоактивна гликоза во вените. Скенерот ротира околу телото на пациентот и прави серија од слики.

Лапароскопија

Лапароскопијата е хируршка процедура со која се гледаат органите во абдоминалната празнина. Се прават мали резови во одредени точки на стомачниот sид и се влегува низ тие отвори со специјална камера (лапароскоп), при што се гледаат директно абдоминалните органи. При лапароскопијата може да се земе и дел од ткивото на заболениот орган за понатамошно патохистолошко испитување (биопсија).

Биопсија

Биопсијата се зема со помош на тенка игла водена под ултразвук или за време на лапароскопската процедура, а редовно се зема при отворена хируршка интервенција. Со хистолошки преглед на материјалот земен со биопсијата се поставува дефинитивна дијагноза за карциномот на црниот дроб.

Сите овие претходно наведени дијагностички постапки овозможуваат поставување на дијагноза, но и одредување на локалната проширеност на туморот. Исто така, се откриваат и присутните метастази во регионалните лимфни јазли и во абдоминалните органи.

Дополнителни дијагностички процедури

За да се одреди дали станува збор за локално напреднат тумор, или за метастатски, се прават и други дополнителни дијагностички постапки. Хематогеното метастазирање кај карциномот на црниот дроб е поретко.

За одредување на хематогените метастази во оддалечените органи се користат следниве методи:

Рендгенграфија на граден кош

Рендгенграфска снимка на градниот кош се прави со цел да се исклучат или докажат присутни метастази во белите дробови.

Сцинтиграфски преглед (скен) на скелетот

Карциномот на панкреасот може да даде коскени метастази кои настануваат со расејување на карциномските клетки од црниот дроб по крвен пат. Може да биде зафатена која било коска од телото, но најчесто промените се во ‘рбетот и на карлицата.

Со сцинтиграфскиот преглед на скелетот се откриваат овие промени во целиот скелет.