• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Третмански опции Печати

За одредување на најадекватна тераписка опција за одреден пациент, се разгледуваат многу фактори, како на пример: стадиумот на болеста, градусот на туморот, возраста на пациентот, неговата општа состојба и други фактори. Секој пациент треба да се разгледува одделно и да се избере најдобрата тераписка опција за него.

Расположиви тераписки опции за карциномот на панкреасот се:

  • хируршки третман,
  • радиотерапија,
  • хемотерапија,
  • биолошка терапија.

Кој од овие тераписки опции, или нивна комбинација, ќе се примени, зависи од сите претходно наведени фактори.

Хируршки третман

Оперативното лекување може да биде делумно или целосно отстранување на туморот. Операбилноста на туморот се проценува уште со самото откривање на болеста, а дефинитивна одлука за радикалноста се донесува за време на самиот оперативен зафат, откога прецизно се одреди состојбата на туморот и неговите односи со околните органи и важни структури, при што воедно се утврдува и дефинитивниот стадиум на туморот важен за конзервативното долекување.

Радиотерапија

Радиотерапијата се применува ако туморот е осетлив на јонизирачките зраци. Има два типа на радиотерапија: надворешна радиотерапија при која се употребува специјален апарат, линеарен акцелератор, кој произведува високоенергетски фотони и кој зрачи од надвор, т.е. преку телото на пациентот.

При внатрешната радиотерапија се употребуваат радиоактивни супстанции пласирани во вид на игли, кои се внесуваат во самиот тумор и неговата околина. Кој тип на радиотерапија ќе се примени зависи од типот и стадиумот на туморот.

Хемотерапија

Хемотерапијата е терапија со цитостатици, лекови кои го стопираат растот на туморските клетки или ги убиваат или го стопираат нивното размножување. Хемотерапијата обично се дава во вид на интравенска инфузија, но може да се дава и орално, во вид на таблети.

Регионалната хемотерапија го аплицира лекот директно во туморот или во неговата најблиска околина.

Биолошка терапија

Постои и таканаречена биолошка терапија која кај болниот го зајакнува имунолошкиот систем, кој се бори против самиот тумор. Оваа терапија се нарекува уште и биотерапија или имунотерапија.

Третман на болка кај пациентите со рак на панкреас

Посебно е важен третманот на болката кај болните со рак на панкреас. Болката настанува кога туморот ги притиска околните нерви и органи блиску до панкреасот. Доколку аналгетиците не се доволни за ублажувањето на болката, може да се примени нервна блокада, т.е. блокирање на нервите околу панкреасот со внесување на специјални супстанции или да се примени зрачење директно на туморот и околината при што може да дојде до делумно повлекување (регресија) на туморот, а со тоа се намалуваат и болките.