• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Дијагностички постапки кај карциномот на панкреасот Печати
Индекс на артикл
Дијагностички постапки кај карциномот на панкреасот
Дополнителни дијагностички процедури
Сите страници

Дијагнозата се поставува со внимателно земена анамнеза, физикален преглед по системи, лабораториски испитувања, рендгенографски испитувања, инвазивни дијагностички процедури (за цитолошка и хистолошка дијагноза), радиоизотопски и ехотомографски испитувања.

Постојат првични и дополнителни дијагностички процедури.

Првични дијагностички процедури

Анамнеза и физикален преглед

При анамнезата, особено се обрнува внимание на присутните симптоми и знаци на болеста. Историјата на пациентот, неговите навики (алкохол, пушење, фамилијарна оптовареност со тумори, минати заболувања и лекувања од разни други болести) треба да бидат земени во предвид.

Податокот за нагло губење на телесна тежина, општа слабост, малаксалост, болка во горниот дел на абдоменот, жолта пребоеност на кожата и белките на очите, присуството на некои неспецифични симптоми, како гадење, повраќање, запек, слабост, јадеж по кожата, асцит, треба да го наведат лекарот да се посомнева за присуство на малигном.

По анамнезата следи внимателен физикален преглед по системи. Физикалниот преглед вклучува проверка на скриени симптоми на болеста како откривање на дискретно жолтило на кожата и на белките од очите, напипување на тумор во абдоменот, зголемен црн дроб, постоење на зголемени лимфни јазли, постоење на кожни промени како, на пример, црвени поткожни јазли, присутен тромбофлебит итн.

При физикалниот преглед на абдоменот често се открива зголемено, палпабилно жолчно ќесе.

По земањето на детална анамнеза и деталниот физикален преглед по системи, искусниот лекар може да се посомнева за постоење на карцином и да назначи и други испитувања, со цел да се постави точна и рана дијагноза.

Лабораториски испитувања

Во рутински испитувања спаѓаат: крвна слика и седиментација. Покрај рутинските испитувања, потребно е да се испитаат и хепаталните ензими, алкалната и киселата фосфатаза, уреата, креатиннот и електролитите.

Посебно е важно да се направат основните биохемиски иследувања кои ќе ја дополнат сликата за состојбата и можните нарушувања на функцијата на црниот дроб и/или функционалната состојба на жолчните патишта. Доколку постои билијарна опструкција (запушување или стеснување на жолчните канали), или, пак постојат метастази во црниот дроб, можат да бидат покачени вредностите на билирубинот и алкалната фосфатаза. Во 25 до 50% од случаите се јавува и хипергликемија (зголемено ниво на шеќер во крвта).

Радиолошка дијагностика

Техничкиот напредок постигнат во областа на радиолошката дијагностика ги зголемила можностите не само за дијагностицирање, туку и за одбирање на најсоодветен третман на карциномот на панкреасот. Во најголем број на случаи, новите методи овозможуваат да се избегне т.н. дијагностичка лапаротомија.

Перкутана ултрасонографија

Перкутаната ултрасонографија е најчеста иницијална дијагностичка метода која дава информации за постоењето, големината, локализацијата , карактеристиките на примарниот туморски процес, состојбата на жолчните патишта и на панкреасниот канален систем, за опструкцијата на жолчните или панкреасните канали, доколку таа постои, како и за постоењето на зголемени лимфни јазли или метастатски промени во црниот дроб и другите органи и структури во абдоменот. Ова метода се надополнива со компјутеризираната томографија на абдоменот. И двете методи може да се користат за водење на инструментот при постапката на перкутана биопсија.

Сепак, терба да се напомене дека нормалниот наод при овие дијагностички иследувања, не значи и сигурно не постоење на тумор на панкреасот.

Компјутеризирана томографија на абдоменот

Ова е пософистицирана, попрецизна дијагностичка процедура од перкутаната ултрасонографија. Со КТ скенот се прават серија на детални слики на полињата на внатрешноста на телото, земени од различни агли. Сликите се прават со компјутер поврзан за рендген апарат. Може да се користи и контраст вбризган во вена или со голтање како би се подобро прикажале одредени органи и структури.

Со оваа дијагностичка процедура може да се види големината на туморот, локализацијата, неговата локална проширеност, зголемените лимфни јазли, присутната опструкција на жолчните патишта и панкреасните канали.

Магнетна резонанца на абдоменот

Ова е дијагностичка процедура каде се употребуваат магнетни радиобранови и компјутер за да се добие серија на детални слики на одредено заболено поле во телото. И ова е прецизна дијагностичка процедура која помага во поставувањето на дијагнозата и во одредувањето на локалната проширеност на туморот и одредувањето на стадиумот на болеста.

ПЕТ скен (Positron Emission Tomography Scan)

Во оваа дијагностичка процедура се инјектира мала количина на радиоактивна гликоза во вените. Скенерот ротира околу телото на пациентот и прави серија од слики. Малигниот тумор на панкреасот има најголем афинитет кон радиоактивната гликоза, ја врзува за себе и станува видлив при ова снимање.

Ендоскопска ултрасонографија

Ендоскопската ултрасонографија е дијагностичка процедура при која со ендоскоп (тенка светла туба) се пласира во телото. Ендоскопијата е инвазивна метода која може да открие присуство на компресија на желудникот или дуоденумот предизвикана од туморската маса на главата на панкреасот. Исто така, оваа метода е многу корисна за откривање на туморски промени во регијата на Ватер-овата папила (место каде жолчниот и панкреасниот канал се спојуваат и заедно ги вливаат жолчката и панкреасните ензими во дванаестопалачното црево).

Ендоскопска ретроградна холангиопанкреатографија (ERCP)

Ова е дијагностичка процедура во која со специјален апарат и со помош на рендген се прикажуваат жолчните канали, жолчното кесе и каналите на црниот дроб како и панкреасниот канал. Со оваа дијагностичка метода може да се открие стеснување во каналите на различни нивоа, предизвикани од туморот. Понекогаш со истата метода можат да се разбијат и прошират стеснувањата и да се пласираат одредени цевчиња (стентови) со кои се решава проблемот на жолтилото, а често пати, и на болката. Исто така, за време на ова процедура може да се земе и парче за биопсија и за микроскопско испитување.

Перкутана трансхепатична холангиографија (PTC)

Ова е процедура во која со тенка игла се влегува преку кожата под ребрата во црниот дроб. Потоа се инјектира контраст и се снима црниот дроб и неговите канали со рендген. Доколку се наиде на блокада, се става тенка флексибилна туба (стент) преку туморот, со што се обезбедува дренажа на жолчката од црниот дроб во цревата. Доколку е невозможна внатрешна дренажа, се прави надворешна, со која жолчката се дренира надвор преку дренот во кеса. Оваа метода се користи единствено ако неможе да се изведе ендоскопска ретроградна холангиопанкреатографија (ERCP).

Лапароскопија

Лапароскопијата е хируршка процедура со која се гледаат органите во абдоминалната празнина. Се прават мали резови во одредени точки на стомачниот sид и се влегува низ тие отвори со специјална камера (лапароскоп), при што се гледаат директно абдоминалните органи. При лапароскопијата може да се земе и дел од ткивото на заболениот орган за понатамошно патохистолошко испитување (биопсија).

Биопсија

Биопсијата се зема со помош на тенка игла водена под ултразвук или за време на лапароскопската процедура, а редовно се зема при отворена хируршка интервенција. Со хистолошки преглед на материјалот земен со биопсијата се поставува дефинитивна дијагноза за карциномот на панкреасот.

Сите овие претходно наведени дијагностички постапки овозможуваат поставување на дијагноза, но и одредување на локалната проширеност на туморот. Исто така, се откриваат и присутните метастази во регионалните лимфни јазли и во абдоминалните органи.


Дополнителни дијагностички процедури

За да се одреди дали станува збор за локално напреднат тумор, или за метастатски, се прават и други дополнителни дијагностички постапки.

Сцинтиграфски преглед (скен) на скелетот

Карциномот на панкреасот може да даде коскени метастази кои настануваат со расејување на карциномските клетки од панкреасот по крвен пат. Може да биде зафатена која било коска од телото, но најчесто промените се во ‘рбетот и на карлицата.

Со сцинтиграфскиот преглед на скелетот се откриваат овие промени во целиот скелет.

Овој преглед се изведува со претходно вбризгување на раствор со радиоактивен технициум кој се аплицира во вена. По 90 минути од аплицирањето се прави сцинтиграфскиот преглед. Радиоактивниот технициум се депонира во метастазичните промени во сите коски од скелетот и на тој начин се добива снимка на која се гледаат метастазите како темни зони.

Методата е безболна и не дава никакви несакани ефекти.

Многу е прецизна и со неа може да се откријат и најмали промени.

Рендгенграфија на граден кош

Рендгенграфска снимка на градниот кош се прави со цел да се исклучат или докажат присутни метастази во белите дробови.